Кој ќе се вакцинира прв?

by Fokus

Пишува Владимир ЛАЗАРЕВИК

Како што се развиваше корона епидемијата клучните очекување беа дека кризата единствено и оддржливо ќе може да се исконтролира преку обезбедување ефикасна вакцина. Но, дури и тука има поделени мислења. Во научната јавност се спротиставени два клучни концепта поддржани од многу влијатени научници. Првиот концепт инициран од влијатени научници од Харвард, Оксфорд и Стенфорд универзитетите наречен The Great Barrington Declaration  се залага за прекинување на политиките на локдаун, кој води кон изолација, намалување на стапките на имунизација, влошување на кардоваскуларните болести, нарушување на менталното здравје.

Според оваа група научници, ако ваквите мерки се задржат подолго време додека да се дочека вакцината ќе има катастрофални последици. Оваа група научници предлага оној дел од населението кое се смета дека е со минимален ризик од последици да се остави да живее нормален живот и на тој начин да се постигне херд или имунитетот на стадо. Целосниот фокус треба да биде насочен кон заштита на тие кои се под висок ризик, и тој концепт се нарекува фокусирана превенција. Од друга страна пак се појави и втора иницијатива наречена John Snow Memorandum која пак има целосно спротиставено гледиште и се залага за жестоко продолжување на локдаун мерките. Оваа група научници тврди дека концептот на херд имунитет е исклучително опасен и не бил поткрепен со научни факти.

Во услови на оваа биполарна корона ситуација, каде де факто многу влијателни научни кругови даваат различни насоки за тоа каде треба да се движиме, оставени сме на милост и немилост на глобалното медиумско лудило, и наместо да му се радуваме на Дедо Мраз единствено што преостанува е да аплаудираме на пречекот на новата анти корона вакцина. Речиси сите поголеми фармацевстки компании кои имаат можност инвестираа во брз развој на нова вакцина. Администрацијата на претседатаелот Трамп направи посебен проект наречен Warp speed (светлосна брзина) преку кој се подржуваат неколку големи развојни проекти за вакцината.

Како што одминува времето се повеќе се забрзува трката во финализацијата на ефикасна и безбедна вакцина против Ковид 19. Таа трка доби и геополитички димензии налик на трката кој прв ќе слета на месечината од втората половина на минатиот век. Во таа насока беше и објавата дека руската вакцина интергалактички наречена Спутник е прва која е подготвена за масовна употреба. Деновиве се јави и Фајзер, една од најголемите фармацевски компании, дека нивната вакцина е со успешност од повеќе од 90%. За очекување е дека во наредниот период ќе се појават уште неколку вакцини кои ќе  бидат понудени на отворениот пазар.

Во пресрет на оваа очекувана ситуација неопходно ќе биде секоја држава вклучително и нашата да направи план и подготовка за тоа кој прв ќе се вакцинира? Низ светот веќе активно се водат дискусии во научните како и здравствените кругови како да се организира вакцинирањето. Оваа проблематика ќе биде проследена со проблеми проткаени низ 3 клучни димензии. Прво, која држава ќе успее навремено да обезбеди доволно количини од вакцините. Второ, како ќе се одвива приоритизацијата на тоа кој прв ќе се вакцинира. И трето, како ќе се обезбеди сигурен транспорт на вакцините до крајните корисници. Во пресрет на овие проблеми, нормално е да се запрашаме што можеме и треба ние да направиме? Јасно е дека ние немаме мускули да се бориме со најбогатите држави, но веќе на големо се пишува дека достапноста до вакцините треба да биде овозможена за сите држави подеднакво. Но и да успееме да купиме вакцини, нивниот број ќе биде ограничен во почетокот, и ќе се отвори вториот проблем а тоа е кој прво ќе се вакцинира?

Едниот пристап кон решавање на овој проблем е да се следат препоракие на СЗО и водечките јавно здравствени агенции како CDC, ECDC. Но сепак, тоа не ја намалува обврската и ние самите да направиме проценка за тоа која група население ќе има приоритет. На пример, дали ќе ни биде поважно да ги вакцинираме возрасните на 80 години, или пак тие кои се помлади, а имаат одредени здравствени проблеми што ги става во групата на високо ризични пациенти. Или пак, дали да ги прво да ги вакцинираме здравствените работници, или лицата кои престојуваат во старските домови? Прва ваква иницијатива за приоритизација на населението за вакцинација со анти корона вакцината има направено министерството за здравство на Велика Британија. Според оваа комисија, население со највисок приоритет се резидентите во старските домови, како и здравствените работници. Потоа следуваат највозрасните граѓани над 80 години, па над 75, 70 и така натаму. Наведено е дека приоритизацијата може да претрпи промени доколку се покаже дека вакцините не се ефикасни кон возрасните граѓани.

Ваков пристап, или во најмала рака дискусија мора да се одвива и кај нас во Македонија. И во таа дискусија не треба да се вклучени само здравствени експерти, туку треба да има и поширок социолошки пристап со учество на повеќе сегменти од општеството. Конечно, најголемиот проблем дури и откако ќе се обезбеди вакината, и ќе се направи приоритизацијата ќе биде како да се транспортира до крајните корисници. Вакцината на Фајзер  е ефикасна на температура од -70 степени. Со други зборови ќе биде потребно континуирано да се обезбеди ладен синџир при транспортот од почетокот до крајот. Тоа ќе биде исклучително тешко да се организира не само кај нас, туку речиси во сите земји во светот. Така гледано, се чини дека е многу далеку сонцето и сепак ќе биде подобро за крајот на оваа година повеќе да му се израдуваме на Дедо Мраз, отколку на анти корона вакцината.

 

Поврзани новости