Единственото нешто што сѐ уште може да ме восхити и да ме остави без здив е спасувањето живот. Професија – спасувач! Сите стоиме со длабок наклон кон овие херои. Ги почитуваме и им се восхитуваме од срце и душа и нѐ прават горди што сме дел од човечката раса.
Денес, и покрај многуте гестови на хуманост за кои дознаваме од медиумите и од социјалните мрежи, сепак останува да тлее сомнежот дека би „скокнале в оган“ за другиот, кога навистина треба. Спасувањето и помагањето подразбираат храброст, односно отсуство на страв.
Стравот е чувство што се учи и човек не се раѓа со него. Тој е последица на доживеана болка, лошо изненадување, недоволна информираност, предрасуди и на незнаење. Сѐ додека се плашиме за нашите, неизвесни животи, не ќе можеме да им помогнеме на другите. Стравот го стеснува и го затвора видикот, ја спречува разумната мисла, ги задушува емоциите, ја убива креативноста.
ВЕКОВНИТЕ МАКИ И СТРАВОВИ
Неодамна гледав емисија за тоа како се станува спасувач на жртви што се дават. Тие луѓе се тренирани да спасуваат животи, без да мислат на херојствата и на медалите. Гледајќи ги исповедите на спасителите ја почувствував нивната енергија и детерминираност за помош.
Се сетив и за нашиот изблик на хуманост за поплавените во Србија и во Босна и помислив дека некаде во нас сѐ уште тлее човечноста, како жарче што не било сосема угаснато од нашава поплава на страв, пред разлеанава ни власт.
„На сѐ се спремни – ми вели една познаничка – ете, се гине под нејасни околности, се апси, се пуштаат инспекции, се прават притисоци, нема кој да те штити. Никогаш не било пострашно, ми вели – неподносливо е.“ А власта ни соопштува дека никогаш не ни било подобро и дека таа е нашиот спасител од вековните маки и стравови!?
За кого е добро, а за кого неподносливо, ја молам власта да ми каже јасно и гласно бидејќи таа најдобро, нели, ги познава околностите во земјава. Можеби за пензионерите што бесплатно се возат или можеби скијаат… ако не се гладни?!Стравот забавува, сопира, фрустрира и го попречува спасот. Луѓе на колена и со наведнати глави тешко се решаваат да спасат свој, а камоли туѓ живот. Од таков сој луѓе тешко се раѓа јунак спремен да се жртвува за друг. Од нив побргу излегуваат такви што се спремни да го жртвуваат попрво сето она што е туѓо за да го сочуваат своето. Но, се прашувам, што е тоа што е вистински нивно, што е навистина вредно да го сочуваат? И што може еден гологаз да сочува? Името, идентитетот, сувиот лебец, својата јадна и дребна живеачка?
ДА СЕ ОСВОИ СЛОБОДАТА
И дали власта во една земја со огромни економски и политички проблеми и со граѓани на работ на опстанок, не треба да дејствува како спасувачка единица, спасувајќи ги најзагрозените, наместо да ни раскажува за своите достигнувања, од кои младите се толку воодушевени, та фаќаат усвет?
Во светот општествениот стандард се мери по тоа колку државата успеала да обезбеди грижа и спас за ранливите oпштествени групи, без да ја заколе кокошката што несе јајца – економската сила што го движи општеството и создава вредност!
Хуманоста, сега и овде, подразбира солидарност, одлучност и здружување на сите различни со иста цел – да се освои слободата, за сите да живеат слободно. Ако некој тргнал да спасува, треба да се прифати, поддржи и прегрне без задршка. Дали некому му била крива капата или правливи чевлите, не е важно.
Сме отрпнале ли сосема за да не ја препознаеме храброста и бестрашноста, без која навистина ни нема спас? Ќе умееме ли да го препознаеме и да го поддржиме нашиот Свети Спас?
Велат дека спасот доаѓал од таму од каде што најмалку се очекувал. Можеби крајно време е да не си гледаме во капите, облеката и во чевлите. Да престанеме да чекаме спас од власта или од небо, туку да станеме и да ги истресеме правливите коленици. Да ја дигнеме главата и да му погледнеме на стравот в очи. Само така ќе видиме дека сме повисоки, побројни и посилни и од стравот и од тие што го сеат!