Кој имот го понуди Мијалков за да добие слобода од Апелација?

by fokus

Со гаранција од 11 милиони евра, Сашо Мијалков го убеди Апелациониот суд дека нема да бега, по што двајца од тројца судии одлучија да му го укинат притворот.

Поранешниот директор на УБК, Мијалков, во изминатата година имаше неколку обиди да се спаси од притворот во истражниот затвор “Скопје”, кој му беше одреден во април, по пресудата за “Трезор”, со која беше осуден на 8 години затвор.

КАКО РАСТЕШЕ ГАРАНЦИЈАТА

Патот до слободата најпрвин го бараше со гаранција од 1,5 милиони евра и стигна до сума од 10,8 милиони, со која успеа да го „омекне“ обвинителството, поточно обвинителот Артан Ајро, кој му даде позитивно мислење дека може да излезе на слобода.
Но, тогаш, и покрај зеленото светло од Обвинителството, Кривичниот суд не кажа амин, бидејќи според нив се уште постоела опасност осудениот бизнисмен да избега.

По поднесена жалба предметот стигна пред Апелација, а Вишото обвинителство се спротивстави, односно тогаш обвинителот Бурим Рустеми сметаше дека Мијалков треба да остане на сигурно, зад решетки.

По ова негативно мислење неодамна следуваше уште едно од Вишото обвинителство, и тоа на гаранција која надмина над 11 милиони евра. Но за Апелација тоа не беше проблем, и денеска одлучија да ја прифатат гаранцијата и со тоа да му ја отворат ќелијата на Мијалков.

ИМОТОТ СО КОЈ ГАРАНТИРА ДЕКА НЕМА ДА БЕГА

“Фокус” веќе пишуваше за видот на гаранцијата, односно според неговите адвокати таа се состои од личен имот на екс директорот стекнат во 90-тите и имот од неговиот фамилијарен бизнис. Од нив денес побаравме одговор дали со истиот имот нивниот клиент успеа да го убеди второстепениот суд, или е дополнета, но не добивме одговор.

Прашањето го поставивме, бидејќи оваа гаранција веќе еднаш беше дискутабилна за обвинителството.

„Гаранцијата за Сашо Мијалков која во три наврати е дополнувана се состои од недвижен имот на три правни лица. Меѓу предложениот имот во третото дополнување се две бензински пумпи и едно депо за бензин – имот врз кој има хипотека во Комерцијална Банка. До предметниот обвинител банката достави согласност заложното право на имотот да биде на државата од прв ред, додека на банката да биде од втор ред, ни одговорија тогаш од Обвинителството.

Од јавно достапни документи увидовме дека во 2019 година овој имот компанијата го заложила како хипотека за земен кредит од банката, кој има рок да го отплати за 72 месеци.

Дел од понудениот имот е во сопственост на фирма на Мијалков „Спин груп“, за подготовка и послужување на пијалоци, која според податоците во Централен регистер датира од 2010 година, а Мијалков како газда се впишува во 2017 година.

Втората фирма која се јавува е „Дивелоп груп“, која е во сопственост на Александар Ивановски, попознат како Алек Теранова и компанијата „Бест веј инвесмент“, на постариот син на Мијалков, Јордан.

Пред Мијалкови да станат косопственици, во фирмата во 2017 година влегува и „Орка“ на Орце Камчев, но за една година излегуваат од сопствеништвото, и тогаш влегува фирмата на Јордан Мијалков.

МЕРИОТ НЕ Е ПОНУДЕН

Од обвинителството не открија каков имот понудила „Дивелоп груп“, која во своја сопственост го има и хотелот „Мериот“, распослан на плоштадот во Скопје, но сепак тој не се најде во понудената гаранција. Најверојатни  затоа што и тој е оптоварен со хипотека.

Како трета фирма пак која со својот имот гарантираше за достапноста на Мијалков, и тоа со најголемо учество во гаранцијата, е компанијата „Бест веј инвесмент“ (БВИ).

Оваа компанија е основана кон крајот на 2015 година, од неговите двајца синови, тогаш се уште малолетниот Александар и 21-годишниот Јордан.

Во случајот, фирмата гарантира со две бензиски пумпи во месноста Смоквица близу Гевгелија и уште една во скопска Пинтија, како и со едно депо за бензин.

Но она што првенствено паѓа во очи е милионскиот имот на оваа новокомпонирана компанија, која раководи со речиси сите семејни бизниси на Мијалкови.

Како што пишува во портфолиото, главниот фокус на фирмата се нафтата, угостителството и хотелиерството, игрите на среќа, транспортот и развојот на инфраструктурата.

Се очекува Мијалков уште вечерва или утре да излезе од “Шутка”, но сепак сметките може да ги помати барањето на обвинителката Лиле Стефанова, која побара да му биде одреден нов притвор за случајот “Плацевите на Водно”. Сега на потег е Кривичниот суд, кој одлуката ќе ја донесе вечерва.

В.В.

Поврзани новости