Кој хрватски тајкун и руски олигарх близок до Путин водат до фабрика за вода во Македонија?

Еден од најбогатите хрватски бизнисмени Михаило Перенчевиќ, познат како „гувернерот од Лошињ“, е поврзан со субјектот што ја кредитирал фабриката за вода во дебарско Гари. Тој долги години престојувал во Русија како дел од „Велестрој“, која пак имала блиски релации со „Транснефт“ водена од Николај Токарев, близок до Владимир Путин. Нивното пријателство датира од времето кога биле на служба во Дрезден како дел од КГБ.

by Фокус

Фабрика за вода во дебарско Гари, која своевремено беше претставена како инвестиција на двајца хрватски државјани, била кредитирана од хрватски тајкун што се поврзува со руски олигарх близок до Владимир Путин, пишува новиот број на неделникот „Фокус“.

Станува збор за друштвото „МЛ-Гари“, кое е формирано во 2011 година за да инвестира во изградба на фабрика за полнење на вода во дебарското село Гари. Две години подоцна, во Гари беше удрен камен-темелник за изградба на објектот во присуство на голем број на министри од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а во 2016 година со црвена лента беше отворена фабриката.

Во име на компанијата се обрати Кујтим Деари, кој посочи дека инвестицијата е резултат на двајцата инвеститори од Хрватска. Еден од тие „хрватски“ инвеститори е Дашмир Абдија, хрватски државјанин со потекло од Македонија, кој рече: Оваа инвестиција е потврда дека печалбарите никогаш не ја забораваат татковината. Со децении работам во Мали Лошињ, а сега дел од капиталот носам тука“.

Речиси истовремено, неговиот тогашен партнер Бранимир Којиќ, адвокат од Мал Лошињ, за хрватскиот „Т-Портал“ изјави: „Мојот и паричниот влог на Абдија се многу мали и тешко може некој да нè нарече инвеститори. Во основниот капитал по докапитализацијата ќе учествуваме со помалку од еден процент…“.

Дополнително, порталот објави дека парите потекнуваат од „УК Промсвуаз“, друштво за управување со инвестициски фондови во Русија, во сопственост на една од најголемите руски банки, „Промсвуаз банка“. Оваа банка беше основана од браќата Алексеј и Димитриј Ананијев, но тие се најдоа под прогон, па беше национализирана од руската држава и се стави во функција на безбедносниот сектор.

Воедно, хрватскиот центар за истражувачко новинарство „Остро“ во случајот инволвира двајца хрватски тајкуни, кои основале офшор компанија со назив „Зедариа Вентурес“ за да инвестира 10 милиони евра за експлоатација на вода токму во Гари, Дебар. Всушност, оваа компанија била основана од Томислав Филиповиќ и Предраг Перенчевиќ, брат на Михаило Перенчевиќ.

МИХАИЛО ПЕРЕНЧЕВИЌ – „ГУВЕРНЕРОТ НА МАЛ ЛОШИЊ“

Михаило Перенчевиќ е поранешен заменик-министер за внатрешни работи, кој во меѓувреме станал еден од најбогатите Хрвати. Хрватските медиуми го нарекуваат „гувернерот на Лошињ. Тој своевремено работел во Либија, по што заминал за Русија, каде бил одликуван од поранешниот руски премиер и претседател Димитри Медведев.

Тамошните медиуми пишуваат дека не се знае точно како Перенчевиќ завршил со работа и живеење во Русија, но сега во Лошињ е надалеку познат како влијателен претприемач. Тој самиот изјавил дека привлекол руски пари за финансирање на островот, за што сведочи и преземањето на „Јадранка“, долгогодишна локална туристичка и трговска компанија.

Имено, во 2013 година „Јадранка“ беше преземена од друштво за управување со инвестициски фондови, што ѝ припаѓа на најголемата руска банка. На прашањето кој стои зад преземањето на „Јадранка“, Перенчевиќ одговорил дека не се вмешани неговите пари, туку неговото влијание.

Честопати, Перенчевиќ се споменува во својство на фактор при проширувањето на руското влијание врз Хрватска и постепеното создавање зависност од рускиот гас и енергетски производи, како дел од структурата на екс хрватскиот премиер Фрањо Грегуриќ.

Притоа, во оваа групација се вбројува и Жељко Томљеновиќ, кој беше спомнат во сторијата на „Фокус“ како поранешен содружник во „МЛ-Гари“. Во врска со него може да се најдат написи дека ја застапувал компанијата „Валадрија“, преку која Перенчевиќ во 2004 година го купил хрватскиот остров Смоквица Мала кај Трогир.

Интересно е тоа што поранешен директор на „Валадрија“ бил Драган Васиљевиќ, кој, меѓу другото, бил дел од друга компанија, каде што како одговорно лице се јавува Марио Драшкиќ од Загреб. И Драшкиќ, исто како и Томљеновиќ, кусо бил сопственик на „МЛ-Гари“, чиј единствен сопственик денес е споменатиот Абдија.

НИКОЛАЈ ТОКАРЕВ – МЕНТОР НА ПУТИН

Што се однесува до браќата Перенчевиќ, тие имале извршни и неизвршни функции во руската градежна компанија „Велестрој“, која, пак, добивала вредни договори од „Транснефт“, руска државна компанија за транспорт на нафта. Оваа компанија ја води Николај Токарев, кој своевремено бил дел од руската тајна служба КГБ, од чиј шинел излезе и Путин.

Имено, двајцата биле на служба во Источна Германија. Откако ја минал школата на КГБ, Токарев бил испратен на служба во Дрезден. Две години подоцна, таму доаѓа и Путин, кој, според достапните информации, паѓа под закрила на Токарев. Оттогаш тие стануваат блиски пријатели, а пријателството еволуирало во соработка, која трае до ден денес.

По руската воена интервенција во Украина, ЕУ, САД и Британија му го замрзнаа имотот на Токарев, кој влезе во „црната листа“ на Западот заедно со членовите на семејството. Меѓу нив е и неговата ќерка Маја Болотова, за која може да се прочита дека, меѓу другото, била соработник и на веќе споменатата „Промсвуаз банка“, своевремено контролирана од пребегнатите браќа Ананијев, а подоцна национализирана од руската држава.

Меѓу земјите што блокираа имот поврзан со Токарев и неговото семејство беше Хрватска. Како што објави „Вечерњи“, била блокирана вила во Мал Лошињ, во сопственост на неговата ќерка Болотова. Токму од Мал доаѓа инвестицијата во дебарско Гари, која ја произведува водата под брендот „маја“ или оригинално „maya“, или исто како што гласи името на Болотова, ќерка на блискиот човек на Путин – Токарев.

Во одговорите што ни ги испратија од компанијата „МЛ-Гари“ се наведува дека изградбата и опремувањето на фабриката го кредитирале друштва за кои не се утврдило дека се во сопственост на рускиот фонд „Промсвуаз“, во сопственост на веќе државната истоимена руска банка, но признаваат дека браќата Перенчевиќ и нивните блиски соработници учествувале во кредитирањето.

„Наведените хрватски државјани биле вклучени во проектот како заемодавачи, но нам не ни е познато дека тие на кој било начин биле политички поврзани со Русија или која било друга земја. Сите средства од заемодавачите се уплатувани од деловни банки во ЕУ, па и денес претпоставуваме дека повеле процедури за проверка на потеклото на капиталот“, велат од „МЛ-Гари“.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости