Во организација на Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите, денеска во хотелот „Холидеј Ин“ се одржа конференција на тема „Новинарска етика и медиумски вредности во специфични околности и за време на избори“. На конфенренцијата беше констатирана моменталната ситуација во Македонија каде поголем дел од медиумите известуваат неизбалансирано и се контролирани од оние кои ги финансираат, а и се воочи потребата од донесување на нов кодекс за медиумите, настрана од оној за новинарите.
Пред пристутните се обрати и евроамбасадорот Аиво Орав кој рече дека во Македонија треба да се создадат дополнителни услови за медиумите навистина да можат да бидат еден од столбовите на демократијата. Тој ја нагласи и улогата на медиумите за обезбедување на фер и демократски избори.
-Тоа опфаќа правично и избалансирано известување со кое ќе може да се обезбеди рамноправна положба на сите политички играчи на политичкиот пазар. Исто така улога има и државата која мора да обезбеди дека новинарите ќе работат во безбедна средина. Законите против клевета и другите закони не треба да се користат за да се врши цензура врз критиката и за да се лимитира јавната дебата. Во овој контекст и независното судство треба да помогне да се гарантираат овие принципи, рече евроамбасадорот Аиво Орав.
На прашањето за избалансираност во новинарското однесување се надоврза и Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, кој рече дека Македонија е во друштво со африкански држави кои се тоталитарни, а падот на Македонија од 37 место на 125 место по слободата на медиумите совршено ја отсликува моменталната состојба.
-Власта преку владините реклами успеа да го поткупи најголемиот број медиуми. Знаејќи дека во животот важи принципот „Тој што го плаќа оркестарот, тој нарачува и песни“, одговорот е јасен. Во Македонија голем дел од медиумите ги плаќа власта, рече Тахири.
Претседателот на Комисијата за жалби, Мирче Адамчевски нагласи дека неопходно е пред изборите во април медиумите да потпишат документ за професионалност и етика при известувањето.
На конференцијата присуствуваше и вицепремиерот Фатмир Бесими кој рече дека во наредниот период во фокус ќе биде воведување поголема транспарентност на владините рекламирања и подготовка на методологија за критериумите за распределба на буџетските средства на медиумите и јакнење и балансирање на улогата на јавниот радиодифузен сервис. Сепак, тој си замина веднаш по неговото обраќање кое беше на почетокот на конференцијата и не ги слушна проблемите и причините за немањето слобода во медиумите, кои ги посочија другите говорници.
Катерина Смилева