АРХИВА Кој го контролира Сашо Мијалков?!

by Фокус 13:35
13:35

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен во неделникот Фокус, број 766, на 5 март 2010 година.

Пишувала Јадранка КОСТОВА

- Advertising -
"

Популарноста на реалното шоу „Големиот Брат“, каде група луѓе се под 24- часовен целосен мониторинг со камера и звук, доволно кажува дека длабоко во чевечката природа е љубопитноста да се ѕирне преку клучалката, да се види што се готви во тенџерето на соседката, да се фати со свои очи „кој со кого се онади“,  а особено да се „буљи“ во ТВ екранот за да се следи однесувањето на „затворениците“ во „Големиот Брат“ дури и во кревет.

Ако гледачите се „палат“ на ваквиот воајеризам, каде што сниманите сепак знаат дека Големиот Брат ги демнее од секое ќоше, тогаш не е за изненадување, што и оној што во име на заштита на државата ќе добие можност да ги набљудува сите два милиони жители, ќе падне во искушение да ја „прекардаши“.

Тајното снимање и прислушување државите го легализираат под плаштот- заштита на безбедносните интереси, борба против организираниот криминал, тероризмот. Во тоталитарните држави, со авторитарна матрица, оваа ‘направија’ особено е корисна да се сотрат политичките противници. Да, има застранувања и во демократските системи, ама ваквите скандали, кога ќе пукне бруката во јавноста, доведуваат до политички земјотрес.

 И НА ТАРАБА ПИШУВА „СВАШТА“ АМА НЕ Е ТОА

 Македонија во изминативе две децении имаше вакви ‘пикантни’ драмолетки во продукција на ДБК, но, ниту една не доби нормален  демократски расплет, освен што служеше за забава на широките народни маси. Кога се прислушуваше штабот на ВМРО-ДПМНЕ во 90-тите, самото кодно име на операцијата- ‘Дувло’, доволно сугерира како службата ја третирала и доживувала опозицијата.

Кога стотина јавни личности во мега скандалот ‘Големото уво’ се далдисаа дека нивните разговори биле солидно симнати, исто како и во претходниот случај, единствениот бенефит беше што стенограмите потоа се продаваа на тезги како бестселер. Па, согласно светогледот на Уставниот суд за оспорениот Закон за лустрација, дека демократијата безмалку не’ заплиснала во првата секунда од носење на новиот Устав, а после тоа, демек, веќе била друга песна, излегува дека ‘тази дупки, не се дупки’. Ама, и на тараба пишува ‘свашта’, па не е тоа, туку си останува тараба.

Имено, по тој Устав што ги декларира демократските вредности, а според духот на толкувањето на уставните судии, нашта тајна полиција е просто сардисана од контрола. Море, сакате на суд да тужите, ем собраниска комисија за контрола имате, со се анкетната за човекови права. Но, глеј чудо, ниту една ваква афера, за сомнежите за едно чудо други- ич муабет да не правиме, никогаш немала завршница од ‘светот на бајките’, пардон, од она што уставно- правно е запишано.

Владо БУЧКОВСКИ, екс премиер: 

buckovski

МИЈАЛКОВ Е СЕГА НАЈМОЌНИОТ ЧОВЕК ВО ДРЖАВАТА

ФОКУС: Зошто се неефикасни комисиите надлежни за работата на полицијата?

БУЧКОВСКИ: Мислам дека главниот проблем е тоа што ние ставаме председатели на комисиите да бидат опозиционери и ги покажуваме пред меѓународната јавност како бели мечки. А всушност, бидејќи мнозинството го има власта, во комисијата секогаш има опструкции. Фактот дека на последните неколку седници на оваа комисија, МВР е претставено или од заменикот или пак директорот на УБК го испраќа Сиљан Аврамовски како нивен претставник, го покажува третманот што го има оваа комисија. Ако говориме за тајната полицијата, факт е дека немаме изградено систем на контрола. Мислам дека дури постои и опасност, како сега, бидејќи првиот човек на УБК е помоќна политичка фигура од актуелната министерка, УБК всушност да биде вон контрола и на министерот.

ФОКУС: Во моментов кој го контролира Сашо Мијалков?

БУЧКОВСКИ: Евентуално премиерот, не верувам дека тоа го прави Јанкуловска. Со податоците кои ги има, тој најверојатно е најмоќниот човек, тој има контрола и врз состојбите во државата.

ФОКУС: Дали вие како премиер имавте контрола на службата?

БУЧКОВСКИ: Беа други околности бидејќи министер за внатрешни работи беше Михајловски кој дојде од позицијата на експерт. Инаку по дефиниција, таа служба кога ја води некоја политички истакната личност, може да се одметне. Во периодот додека СДСМ беше на власт, во еден период на чело на ДБК беше Верушевски како професионалец, но во период додека јас бев министер, на пример, Зечевиќ беше партиски кадар. Тоа е прашање кое што би требало да се отвори и да се разговара без призвук дали доаѓа од една или од друга опција. Многу работи таму се недоречени.

ФОКУС: Зошто не се направи реформа на службите досега?

БУЧКОВСКИ: Ние успаевме да направиме една тешка реформа на Армијата. Не беше едноставно, бидејќи официрскиот кадар беше продуциран и произлезен од ЈНА, која тешко трпеше демократска силна контрола. Тоа се направи реално со помош, пред се, на НАТО и силен притисок кој што доаѓаше од страна. Јас не го чувствував тој притисок кон полицијата. Таа остана како еден сегмент од нашето општество што не е реформиран.

ФОКУС: Зошто однадвор немаше таков притисок?

БУЧКОВСКИ: Можеме само да шпекулираме зошто.

ФОКУС: Ниту опозицијата како да нема интрес за темата?

БУЧКОВСКИ: Ние имаме еден готов материјал и незнам зошто за овие четири години никој не говори веќе за него. Додека бев министер и премиер, единствено пројавија интерес Британците како наши партнери во дел од реформате во армијата. Идејата беше да ги реформираме и разузнавачките служби да ги ставиме под една капа, а потоа и да се засили контрола. Но, како да спласна ентузијазмот во дел од структурите кои по дефиниција би требало да бидат заинтересирани за една ваква контрола. Кога е на власт веројатно секој ужива во благодетите кои што ги нуди една таква силна структура која што е вон контрола на јавноста. А парламентот би требало да обезебеди јавност, прво како се трошат парите и второ, колкумина и зошто се прислушувани. Ние сите се сомневаме дека инструментите кои што ги има полицијата повеќе се користат во пресметка со политичките истомисленици, отколку во битка против криминалот.

Значи, формално- правно во моментот на шефот на УБК, Сашо Мијалков би требало да му ‘клецаат нозете’ од страв од бројните механизми за надзор на работата во ресорот што тој го има. Ама, неформално, истиот Мијалков важи за најмоќната фигура во моментов во Македонија. Како прво, самата позиција за директор на УБК е ‘страва’. Второ, Мијалков е братучед на премиерот Никола Груевски, од фамилијата што би се рекло, човек од ептен доверба. А трето, првиот човек на тајната полиција е и висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ. Кумулативно, сево ова го крева алармот на црвено- кој го контролира моќниот братучед? Или, можеби тој ги контролира другите, па и оние што би требало да бидат негови контролори.

Во овој контекст, побаравме одговор од неколку јавни личности, кои имале такви државни функции, што сепак имаат не теоретски, туку практични искуства, на пример, зошто собраниската Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за разузнавање во изминативе две децении воопшто не се прослави. А преку неа, демек, Собранието ја остварува надворешна контрола врз тајната полиција. Уште повеќе, формално правно, нели, според законската поставеност Комисијата ги држи под целосна контрола тајните служби. Ма, да паднеш во несвест од правниот илузионизам.

Esad RahicЕсад РАХИЌ, екс претседател на Комисијата за контрола на ДБК

КОЈ ЈА КОНТРОЛИРА ДБК, ТОЈ ГИ ДОБИВА ИЗБОРИТЕ

 ФОКУС: Бевте председател на собраниската  комисија во перидот 2006-2008 година. Зошто оваа комисија е нефукционална?

РАХИЌ: Како прво, во Македонија не е донесен закон за национална безбедност каде што строго ќе се определат правата и надлежностите на комисијата која треба да ги контролира службите. Второ, затоа што политичките елити што глумат демократски елити, на чело на службата ставаат партиски војници. Во конкретниот случај не е партиски војник, туку партиски генерал, бидејќи сегашниов и реално е високо рангиран во хиреархијата на партијата. Можеби е на самиот врв. Претходно шеф на службата беше извршен секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ. Прашањето е дали партиите сакаат да биде поинаку? Најверојатно дел од реформите во сите сегменти во општеството не одат, затоа што рибата смрди од главата.

ФОКУС: Кој ја контролира службата?

РАХИЌ: Прашање е дали службата не е над партиите, па таа ги контролира партиите, ги формира онака како што на неа и одговараат. Вториот проблем е персоналниот состав на комисиите. Секој пат кога доаѓа нова политичка гарнитура се ставаат нови ‘зелени’ пратеници … Најверојатно на една структура во партиите, што потекнуваат од едно исто место, им одговара така да функционираат. Контролата ја нема.

ФОКУС: Контролиравте ли вие како претседател на оваа комисија?

РАХИЌ: За разлика од словенечкиот колега кој што ми дојде во посета, после стасна и министер во владата на Словенија, јас неколку пати со писмена молба се обраќав до директорот на ДБК, како председател на комисијата да имаме средба, да ме информира за неговот работење. Постојано беше зафатен и слично.

ФОКУС: Некои сметаат дека не е силен притисокот однадвор?

РАХИЌ: Не сум сигурен. Најверојатно се обиделе еднаш -двапати … Сега има друга работа каде што дел од службите одработуваат одредена агенда за тие структури, што е океј, во борбата против тероризмот и таа соработка е неспорна. Жалосно е што една служба што реално има квалитетен кадар е ставена во дел за политички пресметки, за следење на луѓе кои што мислат поинаку.

ФОКУС: Кој конкретно го контролира Сашо Мијалков,?

РАХИЌ: Јас мислам деке Сашо Мијалков ни самиот нема контрола на себе, а не некој друг. Со тие овластувања што ги има како шеф на службата и со новиот предлог закон за устројството на службите каде што Агенцијата за разузнавање ќе се врати назад, тој ќе стане држава во држава. Тој и сега веројатно најмоќниот човек во државата, а тогаш ќе биде недопирлив.

ФОКУС: Дали министерот за внатрешни е помалку моќен од шефот на ДБК во Македонија?

РАХИЌ: Сега во моментов, апсолутно.

ФОКУС: А претходно?

РАХИЌ: Во зависност од позицијата што шефот на службата ја има во рамките на политичката партија. Во времето на СДСМ министерот сепак можеше да го исконтролира шефот на ДБК. Но, и во тоа време имаше обид министерот да го смени Миле Зечевиќ, но не успеа. Се вмешаа повисоки структури во партијата, не му дозволија.

ФОКУС: Дали Груевски е помоќен од Мијалков?

РАХИЌ: Ќе бидам нечесен да кажам дека е или не е, мислам дека тоа е едно тело со две- три глави. Единствена особа на која Груевски и верува повеќе од самиот себеси е Сашо Мијалков. И тоа е за почит. Како тоа го одработил, треба да му се симне капа. Инаку, од мое лично искуство, кој ја контролира службата, тој ги добива изборите во РМ. И сега видете колкава е моќта на оваа служба.

Ете, од УБК се должни на Комисијата да и доставуваат програма за работа до крајот на јануари за тековната година, како и извештај за работа за претходната година најдоцна до февруари наредната година. Е така, народните избраници ќе имале точен увид колку овие служби го злоупотребуваат правото да прислушуваат и снимаат. Правните романтичари дури теортетски ќе ви раскажат како, согласно нели правниот поредок, Комисијата може во секое време да ги ‘стресе’ тајните служби и по свое наоѓање да им бара потребни известувања, податоци и информации, за евентуално службите да не се дрзнале да отидат во друг правец. Но, доволно беше! Да се симнеме на земја, оти сево ова претходно е научна фантастика.

‘ДРВО-ДЕКОР’ НА ДЕМОКРАТИЈАТА

Иако формирана за да ја реши загатката наречена одбрана и заштита на слободите и правата од злоупотребите на тајната полиција, оваа собраниска комисија е обичен ‘дрво-декор’ на нашиот парламентаризам. Ако се земе и искуството на анкетните комисии формирани во Собранието да истражат токму конкретни скандали врзани за овие служби, тогаш ептен ќе ви збоктиса и самиот термин ‘комисија’. А и не се сал собраниските ‘бофл’. Зарем поарни ефекти имаме од антикорупциската, или, еве, онаа за лустрација?!

Зошто е толку опасна УБК? Едноствано, моќта што ја има, деталите до кои може да дојде со снимање или прислушување, ја прави убиствена. Особено во политичкиот живот. Есад Рахиќ дури тврди дека оној што ја има контролата врз УБК, тој ги добива изборите. Впрочем, токму на конгресите на СДСМ, пред неколку години, беа јавно искажани сомнежи дека се користат валканиците од ‘снимките’ на УБК, за уцена на делегатите да гласат за ‘едикој си’. Ова не наиде на ‘одјеци и реаговања’ како, на пример, изјавата на Тито Петковски, веќе како прв човек на НСДП, дека сите поголеми партии имаат уреди за прислушување. Да, и оваа ‘ад хок’ формирана анкетна комисија, никој не знае чуму беше направена.

tito0Тито ПЕТКОВСКИ, екс претседател на Собранието

СО ВАКОВ ЗАКОН НИКОЈ НЕМОЖЕ ДА СЕ ЗАШТИТИ

ФОКУС: Сте биле член на собраниската комисија за надзор на ДБК и Агенцијата за разузнавање, ама и во анкетна комисија. Зошто овие комисии не даваат резултати?

ПЕТКОВСКИ: Овие комиси во Македонија функцинионираат по мудроста на ×ерчил:’ Ако сакате да не се заврши работата, формирајте комисија’. Искуството покажува дека основната причина е што во составот доминира владеачкото мнозиство. Еве, за аферата ‘Големото уво’, јас бев претседател на анкетната комисија. Тогаш не сакаа да дојдат на анкетирање, на разговор, високи државни функционери. Тоа е нивото на сфаќањето за одговорноста на политичарот кон граѓаните. Меѓутоа, основната причина е што ниту една власт не се откажува од сопственото влијание во работата на комисијата, било анкетната или комисијата за контрола на службите. Друга причина не постои. Имало случаи каде постоеле многу факти и аргументи, но кога ќе се дојде до фазата да се подготви извештај, тогаш се прави опструкција и затоа нема ниту еден усвоен извештај, нуту пак има ефект од таква работа.

ФОКУС: И што сработила актуелната комисија, на пример?

ПЕТКОВСКИ: Комисиите имаат обврска барем за својата работа годишно да го информираат Собранието што сработиле, но за оваа комисија тоа не сум го забележал. Дури кога се донесе Законот за следење на комуникација, ние како партија прво баравме на таа комисија да се уочат опасностите од апликациите на некои одредби, но не се прифати, па покренавме постапка пред Уставниот суд за оцена на уставност на законот.

ФОКУС: Во претходниот мандат беше формирана анкетна комисија, иницирана од една ваша изјава дека прислушни уреди имаат и поголемите политички партии. Што бидна со таа комисија?

ПЕТКОВСКИ: Ништо. Мислам дека се состанаа еднаш и утврдиле методологија како ќе работи комисијата и толку беше. Еднаш ме поканија, па ја одложија седницата на комисијата. Или, јас еднаш бев во Брисел кога ја закажаа, но за тоа дадов писмена изјава дека сум подготвен во секое време да дојдам. После тоа не се свика комисијата.

ФОКУС: Што на пример ќе им кажевте?

ПЕТКОВСКИ: Она што го кажав јавно, дека овие сомнежи доаѓаат од фактот дека за време на кампањите, секогаш и ВМРО и СДСМ имаат информации за она што го правиме. Штом ќе испланираме нешто, веднаш ја имаат информацијата. На кој начин доаѓаат до неа?

ФОКУС: Можеби ви инфилтрирале свои луѓе во партијата.

ПЕТКОВСКИ: Не верувам во тоа. Денес, со овие нови уреди што ги има, апсолутно не е тешко тоа, дури мислам дека воопшто не е скапо да се располага со такви прислушни уреди. За мене најголем проблем е што тоа практично се озаконува со Законот за следење на комуникации. Нема шанса да се заштитиш. Нема човек кој што може да си ја заштити својата приватност со таков закон.

Значи, контолата врз УБК е рамна на голема нула. Проблемот е што со измените на Законот за следење на комуникациите, читај прислушување и тајно снимање, што го донесоа токму Груевци во 2008 година, за УБК безмалку само небото е лимит. Фактот дека ‘Големиот Брат’ може да ве набљудува дури и кога ‘постојат основи за сомневање дека се подготвува кривично дело’, јасно ја скицира шансата дека сите можеме да бидеме сомнителни дека можеби нешто големо ‘куваме’, против државата, нели.

Партијата на Петковски, НСДП, покрена иницијатива пред Уставниот суд, во која оспорува десетина одредби од овој закон. Сметаат дека ‘проблематичното следење на комуникациите во најрана можна фаза и со значајно проширен список на можни кривични дела, објективно ќе доведе до злоупотреби- ќе се искористи за пресметување со политичките противници и неистомисленици и нивна дискредитација, за најразлични манипулации, уцени и лични пресметки. Петковски сигурно има сознанија дека и досега ваквите ‘манири’ биле својствени на службата, а со вака широкото законско поле, ќе може ептен длабоко да се ора опозицијата. Патем, Титовци ја доставиле иницијативата до Уставниот суд во септември 2008 година. Секако, сеуште немаат абер дека ќе дојде на дневен ред, кај ‘омиленииот’ суд на Груевски.

Во меѓувреме, Сашо Мијалков ќе важи за нај фактор во државата. Точно дека Бранковци први го ‘пробија ледот’ кога нивниот организационен секретар Миле Зечевиќ го седнаа во истата фотеља. Проблемот е што не е проблемот во законите и мнозинството во комисиите. Имаме и идеални закони, ама живеачката е драстично различна. Мозинството, пак, и кај едните и кај другите се третира механички и математички за (не)вистината. Дефектот во ситемот лежи во тоа што на двете партии им одговара ваквата ‘недопирливост’ на тајната полиција. Обете претпоставувам, располагаат со ситите ‘дргаоцени’ детали до досиејата и аудио-визулените дострели на службата. Затоа, Големиот Брат, поточно во случајов Братучед, може комотно да ве набљудува.

Павле ТРАЈАНОВ, екс министер за внатрешни работи

pavle trajanov_1

И ВО ДРУГИТЕ ДРЖАВИ ОВИЕ КОМИСИИ НЕМААТ РЕЗУЛТАТИ

 ФОКУС: Сте биле министер за внатрешни работи ама и член на комисијата за контрола на ДБК. И, има ли контрола?

ТРАЈАНОВ: Формално- правно постои комисија, но во суштина до сега нема обезбедено контрола над работата на овие тајни служби, со посебен аспект на примена на оперативните средства, отварање на досиеа на политички противници. Во овој 20 годишен плурален период, никогаш немало подготвност од страна на тие служби да бидат отворени за оваа комисија.

ФОКУС: Каде е грешката?

ТРАЈАНОВ: Мислам дека не е разработена методологијата како да се контролира работата на овие служби. Се се сведува на некакви глобални извештаи на овие служби кои ги разгледува Комисијата, во чие што мнозинство секогаш се партии кои што се на власт. Не е можно да се донесе или прифати неков заклучок кој што ќе биде на штета на остварување на власта. Тоа до сега е пракса. На пример, не се случило оваа комисија да открие кршење на човековите права преку користење на системите за прислушување.

ФОКУС: Како да стане функционална оваа комисија?

ТРАЈАНОВ: Прво, треба контролата да биде разработена со посебен закон. Значи да се утврди како ќе се прави таа контрола, каква е одговорноста некој ако не дава податоци, ако прикрие податок да одговара со закана на кривична одговорност. Таа комисија секогаш да има мнозинство од опозицијата, да има една методологија која што ќе гарантира дека тоа што ќе  започне да се истражива, ќе биде до крај и објективно завршено. Но, тоа е една претпоставка. Сега замислете една друга ситуација, ако опозицијата е мнозинство и ако тие со надгласување речат дека се загрозени правата на некои граѓани, а не е така, повторно не би било во ред. Во суштина нема ефикасна цивилна контрола. Колку за утеха, ги проучував системите во другите држави и скоро никаде тие комисии не функционираат. Во последниве години имаше афери слични на ‘Вотергејт’, во Германија, Грција, Франција. Но конкретна одговорност никаде немаше. Можеби затоа од Брисел тоа прашање помалку го актуелизираат.

 

Поврзани новости