Се водат според исти закони, но носат различни одлуки. Вака накратко може да се опише работата на македонските судови, кои наместо строго да се придржуваат до законските прописи, си вршат сопствено толкување.
Овој впечаток го добивме откако Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, реши четворицата обвинети во „Ровер“, Зоран Трајковски, Гоце Митревски, Ивица Ристиќ и Сашо Јовановски, да ги задржи во притвор иако помина законскиот лимит од две години. Поточно, според Законот за Кривична постапка, член 207, обвинетите во притвор смеат да се задржат максимум две години од подигнување на обвинителниот акт. Но според Кривичниот совет, во овие две години не влегувал притворот кои обвинетите го поминале од завршувањето на главниот претрес па се до одлуката на Апелација.
Но, вака не смета и Основниот суд Штип, бидејќи Хелсишкиот комитет за човекови права доби пресуда која го докажува спротивното. Во случајот обвинетиот излегол на слобода откако поминал една година во притвор, максимален законски рок за запретени казни затвор до 15 години. За обвинетите во „Ровер“ овој рок е две години, бидејќи им се заканува казна доживотен затвор.
Во одлуката на Основниот суд Штип, донесена во јуни 2013 година се наведува: „Кривичниот совет на Основен суд Штип постапувајќи по барање на Судечкиот совет за произнесување по определената мерка притвор спрема обвинетиот утврди дека во конкретниот случај мерката притвор се укинува и обвинетиот веднаш да биде пуштен на слобода на ден 05.06.2013 година, бидејќи во член 207 став 2 од ЗКП пропишано е дека по подигнување на обвинението притворот може да трае најмногу една година за кривичните дела за кои може да се изреше затвор до 15 години“, се наведува во решението на штипскиот суд.
Ситуацијата и за овој предмет била речиси идентичка како и во „Ровер“. Иако притворот на обвинетиот му бил продолжен за нови 30 дена, овој рок се намалил на седум дена, бидејќи до тогаш истекувала една година од подигањето на обвинението. Она што исто така е идентично, што и овој обвинет според првостепената пресуда бил осуден на затворска казна и истата почнал да ја одлежува во затворското одделение, но сепак, откако Апелација ја укинал пресудата, тој и понатаму се сметал за невин и му било дозволено да се брани од слобода.
Адвокатите во „Ровер“ коментираат дека нивните клиенти веќе пет дена се неосновано лишени од слобода, а истото мислење го дели и универзитетскиот професор и претседател на Хелсиншкиот комитет, Гордан Калајџиев.
-Рокот е јасен, обвинетите ниту ден повеќе не смеат да бидат задржани од законскиот рок од две години од подигање на обвинение, вели Калајџиев, кој учествуваше во создавањето на стариот, но и новиот Закон за кривична постапка.
По различните одлуки на судовите останува нејасно кој ги почитува законите, а кој не, но очигледно е дека некој погрешил. Сега очите на обвинетите се свртени кон Апелација, бидејќи таа треба да реши дали ќе им го укине притворот, но решавајќи по жалбата со кој е обжален последниот 30 дневен притвор кој го добија на 22 минатиот месец.
Покрај овие обвинети, во „Ровер“ му се суди и на екс-министерот Љубе Бошкоски, кој не може да излезе од зад решетки бидејќи ја издржува петгодишната затворската казна за досието „Кампања“.
Обвинението за „Ровер“, беше покренато на 12.10.2012 година, или по 12 години од ликвидацијата на Марјан Тушевски и Киро Јанев.