Не постои грип. 82 години, никогаш болен, никогаш кај доктор. Срамота, пензионерите го уништија здравството. Ме боли раката, ме боли ногата, се ме боли… Вежбај, п…а ти материна – вака пензионерот Тони од Хрватска одговори пред ТВ камерите на прашањето дали постои грип и стана хит во регионот.
Видеото за само неколку дена беше прегледано околу 300.000 пати на интернет каналот Јутјуб, а исто така масовно се споделува и на социјалните мрежи.
Околу тоа кој е интересниот и витален пензионер, екипата на Јутарњи.хр направила истражување, и успеала да го пронајде Таљат Селмани, познат како Тони помеѓу неговите сограѓани во Утрина, Хрватска.
Тој бил роден во Албанија, а во Загреб се преселил во 1960 година. Неговиот живот бил бурен, и покрај тоа што бил вработен во Хрватскиот телеком, хонорарно се занимавал со манекенство.
Токму и како Тони Манекенот бил познат помеѓу граѓаните, и во животот снимил многу реклами за познати југословенски модни брендови.
-Бев првиот манекен во Југославија. Снимав реклами за Вартекс, Каменско, Питралон, рекламирав храна, пијалоци, облека, козметика. Еднаш дури и глумев шеик во реклама за Интерконтинентал. Последната реклама за Питралон ја снимив пред десет години. Мојата сопруга која е најубавата жена на светот снимаше неколку реклами заедно со мене – раскажал Селмани за хрватскиот медиум.
Со читателите тој споделил неколку совети за здрав и витален живот, кој самиот ги применувал. Наутро започнувал да вежба уште додека бил во кревет. Се миел со ладна вода, а потоа заминувал на вежбање. Секој ден вежбал околу три часа, поминувал доста време во природа, но исто така и медитирал. Јадел се што ќе посака, но умерено. Во последните неколку години не јадел месо, никогаш не пушел цигари, а секое утро пиел по една мала чаша ракија.
Открил дека неговиот дедо, кој се грижел за него по смртта на родителите, умрел на 102 – годнишна возраст, ненадејно.
-Умре во еден ден, и тоа е начинот на кој и јас сакам да си заминам. Без некакви цевчиња во вратот, па да лежам со месеци во болница – раскажал пензионерот.
Негови омилени изреки биле:
-Здрав дух во здраво тело
-Оделото го прави човекот
-Биди добар човек, оти злото со поголемо зло се враќа
-Љубовта, покрај здравјето е најважна во животот
-Добриот човек умира во еден ден