2K
СДСМ Неготино го предложи својот кандидат за градоначалник. Се работи за 40-годишниот Тони Делков, своевермено познат спортист, дел од РК Повардарие, а денес успешен приватен стопанственик на две фирми.
На самиот почеток на разговорот, преку кој се претставува пред јавноста, тој ни кажа дека е татко на две машки деца и сопруг. Смета дека семејството и семејните вредности се пред се останато, и вели дека е горд на својата фамилија.Според него, човек со хармоничен живот може најдобро да се посвети и на професионалните успеси, посебно ако ги има поддршката и разбирањето од најблиските.
,,Потекнувам од скромно семејство, каде отсекогаш вистината и отворениот однос биле приоритет. Израснав во човек кој што не сака да дава лажни ветувања и паушални изјави. Научен сум на тимска работа, и затоа сметам дека секој кој сака да сподели со мене некоја идеја за подобрување на нашето општество, во било кој сегмент за доброто на градот, јас сум тука да го сослушам.
Отворен сум за дискусија, можам секого да сослушам, верувам дека со искрен разговор, со лесна пристапност до граѓаните и сослушување на сите нивни проблеми, можеме заедно да пристапиме кон изнаоѓање на начин за нивно решавање’’– појаснува Делков, додавајќи дека според него, дебата мора да постои за секое важно прашање, бидејќи е свесен дека во градот во кој што живее има многу проблеми, кои сите заедно ги чувствуваат и живеат.
Појаснува дека до официјалниот старт на предизборната кампања, со неговит тим ќе ја изработат предизборната програма и ќе ја презентираат пред јавноста. Вели дека му е јасно во што се впушта, и дека Неготино е град каде се актуелни голем број на проблеми.
Од децениските рестрикции на водата за пиење, незавидната состојба на лозарите, лошата економска состојба, недостиг на инвестиции, лоши услови за стопанството, замрената индустрија… Сепак, тврди дека има доволно енергија да донесе промени и конечно да го види својот град како оди напред.
,,Енергија не ми недостсува. Петнаесет години бев активен спортист, ги бранев боите на РК Повардарие, бев дел и од младинската репрезентација во ракомет на РМ. Спортскиот дух е дел од мене, а долг период сум и активен помагател на повеќе спортски клубови во градот. Секогаш сум се трудел клубовите да добијат подобри услови за функционирање, и како градоначалник секако дека би имал посебен однос кон овие прашања’’ – вели Делков.
Тој исто така, потенцира дека добро е запознат и со проблемите на работниците, но и на работодавците, бидејќи на својот животен пат се нашол и од едната, и од другата страна.
,,Работев во Фабрика за кабли Неготино цели 14 години. Започнав како магационер, напредував во комерцијалист, бев задолжен за продажба на кабел. Денес сум сопственик на две фирми, од кои едната функционира со финансиски обрт речиси пет пати поголем од Буџетот на Општината. Во моментот имам пет вработени лица, и сакам да посочам дека сме на добар пат на остварувањето на ветувањето на СДСМ за просечна плата од 500 евра, бидејќи платите на моите вработени се движат околу таа сума’’ – вели кандидатот за градоначалник.
,,Свесен сум во што се впуштам, ова е голема обврска, но и голема чест за мене што партијата ми ја даде довербата, но имам визија и енегрија да го заживеам нашиот град’’– порача Делков.
Вики Клинчарова