Грчката полиција распишала европска потерница по осомничениот за убиството на водачот на криминалната група „Дуќанџик“, Орхан Бајрами – Оки кој беше убиен на 15 јули минатата година додека беше на одмор во Халкидики.
Грчките медиуми вчера објавија дека идентификуван е убиецот на Оки и дека станува збор за истото лице што е осомничено за двојното убиство што се случи во март минатата година во „Шиша бар“ кога беа убиени Јетон Кривањева – Жила и Енес Исеинов-Љаци, припадници на истата група и блиски соработници на Оки.
Како „Дуќанџиќ“, „Беланоца“ и другите нарко-картели влегоа во крвава војна до истребување?!
Дел од албанските медиуми веќе го објавија неговото име. Неделникот „Фокус“ во серија текстови пишуваше за крвавата пресметка на криминалните групи, но и за Гани Марку кој е осомничен за убиството на Оки.
Тој беше уапсен на 8 август минатата година и се сомничи дека учествувал во купопродажбата на автомобилот „Ауди“, односно возилото со кое убијците дошле до „Шиша бар“ , а потоа го запалиле.
Како што објави „Фокус“, Гани Марку го сменил презимето, односно претходно се презивал Туша. Се барал со меѓународна потерница и е повратник од боиштата во Сирија, поточно припадник на групата Ал Нусра.
(АРХИВА) Разбиени криминални династии и обезглавени нарко-банди – „нови дечки“ го освојуваат подземјето!
Марку е во притвор во Шутка, а другиот осомничен за поврзаност со убиството во „Шиша бар“ неодамна беше пуштен од притвор и му беа одредени мерки за претпазливост. И тој како и Марку учествувал во купопродажбата на возилото, но не бил непосреден учесник.
По апсењето на Марку, многу слично како убиството во „Шиша бар“, во Приштина беше убиен, Бљерим Даци, македонски државјанин од Чаир, а неговото безживотно тело беше најдено во автомобил. На околу еден километар од убиството беше најден запален автомобил со германска регистрација.
Косовските медиуми тогаш објавија дека Даци бил осомничен токму за убиството со кое има многу сличности. И двете убиства беа извршени со калашникови и убијците ги запалија автомобилите.
Сличности меѓу убиството во Приштина и во „Шиша бар“ – изрешетени со калашников, запалени автомобилите на убијците
Според официјалните документи, семејното презиме на Бљерим е Даци, а го сменил во Шабани, откако издржал 18 месеци затвор во Пакистан како припадник на Ал Каеда.
Од затвор во Карачи во Пакистан бил пуштен во 2011 година, тврдат разузнавачки извори. Бил во Турција, па на боиштата во Сирија, повторно се вратил во Турција.
Од официјалните и неофицијалните информации може да се заклучи дека осомничени за убиството во „Шиша бар“ се припадници на групата „Барон“,новоформирана група блиска до ривалската група на „Дуќанџик“, „Беланоца“.
Грчките истражни органи соопштија дека преземаат дејствија и за екстрадиција на Марку во Грција, но од македонското Министерство за правда за „Фокус“ велат дека досега до нив не е пристигнато барање од грчките власти за екстрадиција на ова лице.
Истрагата во Грција ја открила рутата на сторителите при нивното бегство, а на оддалеченост од неколку стотини метри од вилата, во непроодна област, бил пронајден пиштолот со придушувач и шаржер, волнена капа и ракавици со траги од барут.
Осомничен за убиствата во „Шиша бар“ осомничен и за убиството на Оки?
Од лабораториски испитувања и анализи на наодите, утврдено било дека пиштолот бил користен во конкретното кривично дело.
-Според собраните информации, се чини дека мотивот на кривичното дело е поврзан со ривалство помеѓу две криминални групи кои главно се занимаваат со трговија со дрога и се со седиште во земјата од каде што потекнуваат, соопштија грчките истражни органи.
Во околината биле пронајдени 19 чаури, а грчката полиција трага по уште едно лице кое било заедно со Марку.
Од македонското министерство за внатрешни работи за „Фокус“ велат дека се во континуирана комуникација со грчките колеги, но други детали не соопштуваат.
-Во изминатиов период македонската полиција е во постојана комуникација со грчките служби во врска со овој случај и предметното лице, велат од МВР.
Фросина Факова-Серафиновиќ