(АРХИВА) Разбиени криминални династии и обезглавени нарко-банди – „нови дечки“ го освојуваат подземјето!

by fokus

Текстот е објавен на 17 август 2023 година во неделникот „Фокус“ со број 1454

Со последните мафијашки убиства што се случија во последните пет месеци продолжи процесот на разбивање на македонските криминални банди и нарко-картели. Убиството на Ибраими – Оки во Грција го обезглави кланот „Дуќанџик“, додека водачот на она што остана од ривалскиот клан „Беланоца“, познат по семејството Ајети, е во притвор. Тој е близок до групата на која припаѓаат двајцата уапсени осомничени за убиството во „Шиша бар“…

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Двојното убиство во „Шиша бар“ под скопско Кале стана вовед во почетокот на крајот на водечките криминални групи на скопското подземје. Четворица мажи облечени во црна облека и маскирани со фантомки, на 6 март, дојдоа пред кафулето со „ауди А6“.

Се претставија како полицајци и на вториот кат со 40 до 50 куршуми во главите и телата ги изрешетаа еден од главните водачи на криминалната група „Дуќанџик“, Јетон Кривањева-Жила и Енес Исеинов-Љаци од истата група.

Пет месеци по убиството, две лица завршија во притвор во „Шутка“, но не извршителите на убиството, туку двајца поврзани со автомобилот со кој се превезувале убијците.

На почетокот на јуни беше уапсен првиот осомничен, кој неофицијално беше поврзан со автомобилот со кој убијците стигнале под Кале, избегале и потоа го запалиле.

За него, првично не беше споменато дека е поврзан токму со ова убиство, туку се споделуваа само неофицијални информации. Пред една недела, пак, обвинителството соопшти дека има уапсено уште едно лице, кое се поврзува со крвавиот чин. И триесет и едногодишниот Г.М. бил поврзан со „аудито“.

Според официјалните информации, тој на 18 февруари во Косово учествувал во купопродажбата на спорниот автомобил. Неофицијално, „аудито“ било со потекло од Словенија, но било увезено во Косово, Урошевац, а било купено од автоплац, од таму.

Две недели по апсењето на првиот осомничен, многу слично како убиството во „Шиша бар“, во Приштина беше убиен, Бљерим Даци, македонски државјанин од Чаир, а неговото безживотно тело беше најдено во автомобил. На околу еден километар од убиството беше најден запален автомобил со германска регистрација.

УБИЕН ОСОМНИЧЕН ЗА УБИСТВО

Косовските медиуми тогаш објавија дека Даци бил осомничен токму за убиството со кое има многу сличности. И двете убиства беа извршени со калашникови и убијците ги запалија автомобилите.

Убиството на Даци откри скандалозна судска одлука. Всушност, скопскиот кривичен суд имал одобрено меѓународна потерница по него откако во неговиот стан му било најдено оружје, пиштоли, муниција, дрон, кој според полицијата, се користел за кривични дела.

Судијата му одредил само домашен притвор, а обвинителството побарало да му се одреди притвор во затвор. Но, Даци не стигнал во Шутка, бидејќи додека му определиле затворски притвор тој избегал.

„И покрај определената мерка притвор, судот на 29.11.2022. година од надлежното МВР е известена дека обвинетиот воопшто не се придржувал ни кон мерката куќен притвор по што е донесено решение за мерка притвор од пронаоѓање односно лишување од слобода како и издадена наредба за потерница и согласност за распишување меѓународна потерница“, одговорија од Основен кривичен суд Скопје.

Инаку, Даци бил опфатен во истрага за убиство на припадник на кланот Грчец во Бутел извршено пред две години. Според официјалните документи, семејното презиме на Бљерим е Даци, а го сменил во Шабани, откако издржал 18 месеци затвор во Пакистан како припадник на Ал Каеда.

Од затвор во Карачи во Пакистан бил пуштен во 2011 година, тврдат разузнавачки извори. Бил во Турција, па на боиштата во Сирија, повторно се вратил во Турција.

На крај, тој се вратил во Косово по што пристигнал во Македонија. По враќањето во Македонија, некаде во 2014-та, тој го сменил презимето во Шабани.

ПОВРАТНИЦИ ОД СИРИЈА

Според неофицијални и непотврдени информации, Даци е поврзан со последниот приведен за двојното убиство со иницијали Г.М. Според информациите на „Фокус“, станува збор за Гани Марку, кој исто како и Даци го сменил презимето, односно претходно се презивал Туша. И тој се барал со меѓународна потерница и е повратник од боиштата во Сирија, поточно припадник на групата Ал Нусра.

Од официјалните и неофицијалните информации може да се заклучи дека осомничени за убиството во „Шиша бар“ се припадници на групата „Барон“, чиј лидер, Јусуф Аќифи може да се види фотографиран со Фатљум Ајети-Тоте, водачот на ривалската „Беланоца, кој заврши во притвор петнаесет дена откако се случи двојното убиство.

Но, не за овој случај, туку за трговија со дрога и оружје. По убиството, двата ривалски кланови „Дуќанџик“ и „Беланоца“ на кратко се вратија во фокусот на јавноста.

Тогаш воскресна и една акција на Министерството за внатрешни работи од 28 јули 2021 година, кога полицијата соопшти дека сузбила организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со дрога и оружје. Меѓу осомничените бил и Ајети, кој стана водач на „Беланоца“, по убиството на неговиот татко, Џелал Ајети-Џељо и по убиството на неговиот чичко, Наим Ајети.

Според МВР, членовите на оваа организирана криминална група подолго време продавале дрога и оружје, а во текот на истрагата, полицијата и документирала неколку различни случаи на продажби. Со наредби на судија на претходна постапка, полицијата направила претреси во домови и други простории на 20 локации и биле уапсени 12 лица, сите од Скопје, а се трагало по уште три лица кои биле дел од групата.

При претресите најдена и запленета била дрога, муниција, два пиштола, возила, од кои едно било блиндирано, девизи, денари, мобилни телефони и компјутерска опрема. Меѓу дванаесетте уапсени, еден бил полициски службеник и против сите била поднесена кривична пријава до Обвинителството за гонење на криминал и корупција.

Фатљум Ајети, пак, бил меѓу трите лица по кои се трагало. Во октомври истата година,тој сам се пријавил во полициската станица Автокоманда во Гази Баба, свесен дека е осомничен и дека во затвор се негови блиски роднини и братучеди.

По неговото пријавување во полициска станица завршил во притвор во Шутка. Но, тој понудил гаранција од 600 илјади евра и во текот на судењето бил на слобода.

Во 2023 година е првостепено осуден на 11 години затворска казна.

Поради висината на казната, обвинителството повторно бара притвор на синот Џељо, но Кривичен не му одредил затворски притвор, повикувајќи се на претходната одлука на повисокиот, второстепен суд.

Обвинителството се жалело до повисокиот суд, па Апелација ја прифаќа жалбата на обвинителството, му ја укинува гаранцијата и му определува мерка притвор. Ајети е спроведен во затворот во Шутка на 21 март и одреден му е триесетдневен притвор, кој му е продолжуван цело време.

Тој и моментално е во Шутка, потврдуваат за „Фокус“ од затворот, а на 31 август, според извор од затворот, треба да биде спроведен во Апелациониот суд каде ќе се одржи јавна седница за случајот за кој се товари.

ДУЌАНЏИК“ Е ОБЕЗГЛАВЕН

Но, со апсењето на осомничените и со убиството во Приштина не завршува криминалната војна. Еден месец по убиството во Приштина, во апартман во Ханиоти, на Халкидики убиен беше неформалниот водач на „Дуќанџик“, триесет и деветгодишниот Орхан Ибраими-Оки.

Убијците дошле до луксузниот ресорт каде престојувал со патничко возило со странски регистерски таблици. Двајцата сторители, како што пренесуваа грчките медиуми, откако излегле од автомобилот го прескокнале ѕидот, стасале пред големиот стаклен прозорец и со пиштол калибар 32 милиметри од надвор пукале кон лицата во куќата.

Испукале 19 пати. Оки бил смртно ранет, а Сеад Слезовиќ повреден. Убиството се случило пред очите на две жени, кои почнале да викаат помош и потоа заедно со третото лице ги однеле двајцата застрелани во Здравствениот дом Касандра Најава дека се подготвува убиство на Бајрами била објавена на Тик-ток неколку дена пред убиството.

Поточно, објавена е фотографија со 39-годишникот на која пишува „наскоро доаѓа“, додека луѓето од десно и лево имаат црвен X. Ден претходно од истиот профил е објавена истата фотографија на која на Оки му е додаден црвен X.

Со убиството на Оки, криминалната група, „Дуќанџик“ остана обезглавена. Оки инаку беше близок со убиениот во „Шиша бар“, Кривањева, а според неофицијални извори, тој одел накај „Шиша бар“ и бил во близина на кафулето кога се случи двојната ликвидација.

Тој беше внук од сестра на Агим Шерифи од Синѓелиќ, кој заедно со Џелал Ајети во деведесеттите години од минатиот век создале моќна криминална нарко мрежа, која се занимавала и со рекет, лихва. Упатените велат дека Шерифи во тоа време бил главен, мозокот на групата, додека браќата Ајети биле силата.

Но, во јули 2009 година се случува убиство кое се смета за вовед во дведецениската пресметка меѓу „Беланоца“ и „Дуќанџик“. Со куршум во главата, фрлен на депонија на патот од Арачиново кон Куманово, најден е мртов Агим Шерифи. Тогаш, всушност, се издвојуваат двете криминални групи.

Дуќанџиќ“ – името го добила од скопското маало во близина на Бит-пазар и пластичарската улица, од каде е водачот на оваа група, која кохабитира со лица и од други скопски населби.

Беланоца“ – името го добила според кумановското село Белановце, кое на албански се вика Беланоца, од каде потекнуваат основачите на овој клан и нивните наследници.

Односите меѓу неговите водачи се нарушуваат, што го отвора кругот на меѓусебни убиства што траат до ден денес. Низ годините, така се раѓаат повеќе групи што го бараат своето место под криминалното сонце, така што тие склучуваат сојузи со други групи во битката за превласт со конкурентите.

Неколку години подоцна, односно во ноември 2013 година, ликвидиран е и Џелал Ајети од Синѓелиќ. Маскирано лице влезе во неговата чајџилница „Кај Џељо“ во Ченто и со калашников испука 30 куршуми во него, додека Ајети седел на маса со уште три лица.

Пет години по убиството на Џелал Ајети, ликвидиран беше и неговиот брат кој го наследи на чело на групата – Наим Ајети. Тој беше изрешетан со калашников во центарот на Скопје, на улица „Рузвелтова“, по филмска бркотница со возила.

По убиството на Наим Ајети, доаѓа до превласт и прегрупирање во подземјето. Групата „Дуќанџик“ ја презема контролата, пружаат „заштита“ на казината и рестораните. Во меѓувреме, склопува пакт со групата „Грчец“, предводена од Муареми Шеваљ, чии членови беа гонети во полициската акција „Планина“ за трговија со дрога и други кривични дела. Сепак, Шеваљ остана недопрен.

На некој начин, сојузот „Дуќанџик-Грчец“ природно се наметнува. Ривалската група на Грчец од Кондово на Агрим Красниќи, заедно со таканаречената бутелска група на Бедри Бериша, секогаш инклинирала кон „Беланоца“, која во меѓувреме ја презема Тоте.

МЕЃУСЕБНО „ЧИСТЕЊЕ“

Меѓутоа, како што велат познавачите, групата од Грчец се занимава исклучиво со „бизнис“ и се држи настрана од крвавите пресметки меѓу „Дуќанџиќ“ и „Беланоца“, поради кои двата клана значително се ослабени, па групата на Шеваљ моментално се смета за доминантна.

Во декември 2019 година, во престрелка во хотелот „Александар палас“, во Скопје, членови на групата „Дуќанџик“ и „Грчец“ се таргет на сојузот „Беланоца-Кондово“. Тогаш, маскирани напаѓачи стрелаа кон групата во која беа членови на „Дуќанџиќ“ и „Грчец“. Поголеми последици врз нападнатите спречил полицаец во цивил кој во тој момент седел на истата маса со нападнатите.

Полицискиот службеник пукал во напаѓачите во самоодбрана, а немаше сериозно повредени. Случајот, како по обичај, не беше расветлен.

Две години по нападот во хотелот „Александар Палас“, ликвидиран беше Камер Идризи од групата „Бундес“, кој заедно со членови на „Дуќанџиќ“ и „Грчец“ беше цел на напад во скопскиот хотел. Од возило во движење испукани биле повеќе рафални истрели кон „голф“ на паркинг во Бутел.

По само една година, ликвидиран е братот на Камер – Јонуз Идризи. Најстариот брат беше убиен во чајџилница во близина на училиште во населбата Чаир. Лицата кога влегле во чајџилницата почнале да пукаат кон една од групите што седела на маса. Во нападот убиен е само Идризи, додека други две лица се ранети.

Со последните убиства што се случија последните пет месеци, „Дуќанџиќ“ ја изгуби моќта, но и ривалската „Беланоца“, чиј лидер е во притвор, но е поблизок до новите криминални групи што се создаваат и што сега доминираат. Овие династии речиси се „исчистија“ и сега доаѓаат „некои нови дечки“.

(Архива) Како „Дуќанџик“, „Беланоца“ и другите семејни кланови и нарко-картели влегоа во крвава војна до истребување?!

Поврзани новости