Кој е кавадарчанецот кој за 30 милиони евра ќе гради Мала Америка во Кавадарци?

by fokus

Во Општина Кавадарци започнува инвестицијата од 30.000.000 евра на наш сограѓанин кој живее во САД. Ќе се изгради модерен повеќенаменски комплекс, по највисоките светски стандарди, кој ќе биде единствен во регионот, мол и три станбени згради во новиот центар на Кавадарци, на површина од 65.000 метри квадратни, информира градоначалникот Митко Јанчев.

За ,,Фокус” тој потврди дека инвеститорот на овој проект наречен Мала Америка е бизнисменот Трајче Ристов, познат помеѓу кавадарчани како Зуко, нашинец кој со децении живее и работи во Америка.

Инаку, Ристов е сопруг на поранешната фолк пејачка Јасмина Мукаетова.

Како што појаснува градоначалникот, во целиот комплекс ќе биде вграден најсoфистициран систем за греење и ладење, кој ќе придонесе за заштеда на електрична енергија до 70%.

-Изградбата со целокупната документација од Општина Кавадарци е веќе започната. Како што беше најавено и ветено во предизборната програма на градоначалникот Митко Јанчев, целокупниот проект/комплекс се гради во прва фаза како приоритет и ќе биде завршен и пуштен во употреба до август 2025 година-потврдуваат од општината.

Името на Трајче Ристов пред неколку месеци беше актуелно, кога во јавноста проструи вест дека ја купил зградата на пропаднатата Еуростандард банка во центарот во Скопје, имот чија проценета вредност беше над осум милиони евра.

Тогаш стечајниот управник на Еуростандард банка, Маринко Саздовски, за ,,Фокус” изјави дека нема такво нешто и дека зградата се уште не била продадена.

Во Кавадарци Ристов е познат и како општествено одговорен приватник. Минатата година градоначалникот Јанчев откри дека донирал 2.500.000 денари за изградба на парк во градот.
Во 2019 година пак, бизнисменот, чија транспортна компанија успешно работи надвор од Македонија, од бизнис секторот доби општинска награда по повод празникот на градот, Седми Септември.

Вики Клинчарова

Поврзани новости