Кој е Добре Митрев, човекот кој стои зад отворањето на бугарски „клуб – канцеларија“ во Кавадарци

by Fokus

На 11-ти декември во Кавадарци ќе се отвори бугарскиот клуб ,,Балкански коридор”, а на чело на клубот е кавадарчанецот Добре Митрев (59), е веста која деновиве е актуелна во земјава, а посебно во Тиквешијата.

По отворањето на бугарските клубови „Иван Михајлов“  во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, кои предизвикаа револт кај граѓаните, но и протести поради имињата на клубовите, дадени според контроверзни историски личности, името на клубот во Кавадарци не е спорно за граѓаните.

Сепак, многумина се прашуваат која е мисијата на овој клуб и стравуваат од потенцијални провокации. За Добре Митрев, роден во Кавадарци, сопруг и татко на две деца, пошироката јавност слушна кога пред две години тој беше избран за претседател на Здружението Македонско-Бугарско пријателство – Скопје.

Тој по професија е правник, косопственик е на фирма за правни консултации, а во разговор со„Фокус“ ги открива деталите за „Балкански коридор“.

-Роден сум во Кавадарци, цел живот сум тука, моите претци исто така се од Кавадарци. Од кога добив можност, се декларирам како Македонски Бугарин. Луѓето во градот ме знаат, знаат за моите активности и за тоа каков човек сум. Не знам ниту самиот од каде излегоа сите овие шпекулации, уште пред да се отвори клубот. Се објавија многу невистини, и сакам да ја појаснам фактичката состојба. Ова со здружението не е ништо ново. Значи, македонско-бугарското здружение постои повеќе од десет години, имавме канцеларија во градот, која беше затворена пред околу четири години. Сега, повторно се отвора канцеларија на здружението, а целта е да се придонесе во развојот на градот. Нема потреба да стравуваат граѓаните од провокации, овде нема политика и нема место за револт – појаснува Митрев.

Вели дека здружението ќе се залага да им помага на студентите од Македонија кои решиле да студираат во Бугарија, ќе се залага за промоција на културата, размена на студенти, ќе ги информира и советува оние кои сакаат да добијат бугарско државјанство. Потенцира дека бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски, кој е финансиер на бугарските клубови во Битола и Охрид не е финансиер на клубот, односно на канцеларијата на здружението во Кавадарци.

-Ние сами се финансираме од разни фондови. Не знам колку е јавноста запозната, но секоја година од фондот за регионален развој се доделуваат од 500.000 до еден милион евра. Голем број на наши училишта аплицираат да добијат од тие средства, значи овде не се работи за политика, туку исклучително сме водени од желбата да допринесеме за развој на градот. Оние кои ме знаат, упатени се во тоа дека јас сум голем донатор, до сега имав донации од околу 30 до 40 илјади евра. Заштитни маски, облека, помош на ранливи категории… Затоа и имам поддршка од оние кои ме познаваат и кои знаат како работам. Ако некому му беа спорни имињата на клубовите во Битола и Охрид, во Кавадарци не гледам ништо спорно со името „Балкански коридор“ – вели Митрев.

Кога се прочула веста за отворањето на клубот, за кој тој вели дека всушност е канцеларија на здружението, следеле многу реакции од граѓаните. Митрев уверува дека нема место за револт бидејќи бил со чисти намери.

-Секогаш кога ќе се спомне нешто поврзано со Бугарија се гледа со скептизам, постои некој револт. Мене лично, во очи никој ништо не ми кажал, но на социјалните мрежи се случува да има негативни коментари. Потенцирам дека нема место за револт и граѓаните да не подлегнуваат на провокации. За себе, како што кажав, од кога имам можност се декларирам како македонски Бугарин, но би сакал да упатам едно јавно прашање. Зошто на пример, кога некој граѓанин оди во Завод за вработување не може да се впише дека е Бугарин? Ако отидете да ажурирате податоци, во графата „националност“ веднаш ќе ви кажат дека не може да ве впишат како Бугарин, ќе ви порачаат да дојде работодавецот. Нека го проверат тоа надлежните органи и нека дадат појаснување – вели тој.

Околу објавите во повеќе медиуми, дека на отворањето на 11-ти декември во Кавадарци ќе присуствува Николај Миликов, министер за надворешни работи на Бугарија, како и амбасадорот на Република Бугарија во Македонија, Ангел Ангелов, вели дека исто така се базираат на шпекулации.

-Не сме ниту сигурни дали отворањето ќе биде баш на 11-ти декември. Канцеларијата ќе биде лоцирана во мал изнајмен дуќан. Амбасадорот може да дојде кога и да посака, но немам информација дека ќе присуствува и бугарскиот министер за надворешни работи како што некои новинари објавија. Сите кои сакаат да присуствуваат се добредојдени, тоа важи и за општинските власти и медиумите- порача Митрев.

Сепак, на прашањето дали доколку на отворањето дојдат амбасадорот и министерот, тој ќе ги однесе да се поклонат на споменикот на 12-те Ваташки другари, одговара дека не е негова работа некого некаде да го носи.

-Секој може да отиде на споменикот и да се поклони кога сака. Не е во мој домен да ги носам потенцијалните гости на споменикот, овде се работи за отворање на канцеларија на здружението кое се залага за промоција на културата и одржување на пријателството на Балканот – ни изјави Митрев.

Инаку, според официјалните податоци од бугарската изборна комисија, за време на парламентарните избори во Бугарија кои се одржаа во октомври, од Кавадарци 45 граѓани се пријавиле на гласање. На последниот попис кај нас пак, нешто повеќе од 3.000 граѓани се декларирале како Бугари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости