По неколкудневни преговори, Алтернатива на Африм Гаши и се уште актуелниот лидер и премиер Зоран Заев конечно постигнаа договор, со што Алтернатива ќе добие три министерски места во Владата предводена од СДСМ, а за нив ќе се воведат и неколку министри без ресор.
Партијата од своите редови ќе назначи министри во Министерството за здравство, Министерството за информатичко општество и администрација, министер без ресор задолжен за дијаспората и новите министри без ресор кои ќе се воведат.
Исто така, оваа партија ќе назначи свои заменици министри во Министерството за образование и наука, во Министерството за култура, а најверојатно и во Министерството за земјоделство.
Веќе подолг период, уште откако почнаа преговорите во јавноста, најчесто се врти името на Бeким Сали, како наследник на актуелниот министер за здравство Венко Филипче.
Но, кој е Баким Сали, чие име и не е толку познато? Според информациите на „Фокус“, тој во политичките води влегол пред пет-шест години и моментално е генерален секретар на Алтернатива, каде го замени Скендер Реџепи.
Тој по професија е стоматолoг и има своја приватна ординација, како и бизнис со текстил. Сали е оженет и татко на три девојчиња.
За време на локалните избори, Сали влезе во трка за градоначалник на скопската општина Чаир, како заеднички кандидат на Алтернатива и Алијанса за Албанците на Зијадин Села, меѓутоа загуби од актуелниот градоначалник на ДУИ Висар Ганиу.
Тоа што е уште помалку познато, како што тврдат нашите добро упатени извори, е дека Сали кус период во 2008 година бил шеф на кабинет на тогашниот министер за здравство Бујар Османи од ДУИ, во времето кога ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беа коалициони партнери.
Лидерот на СДСМ, Заев и лидерот на Алтернатива, Гаши вчера и официјално го потпишаа влегувањето на Алтернатива во Влада. Како што кажа Заев, тие се согласиле партијата да биде дел од владата до 2024 година, а може и понатаму, односно додека не се случат редовните парламентарни избори.
Ирена МУЛАЧКА