Над 9000 странски туристи ја посетиле земјава во април годинава, а од почетокот на годинава 42 586. Објавените податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека од странските туристи во април, чиј број е 9103, најголем дел биле од Турција и Србија, а најпосетена дестинација била Скопје.
Вкупниот број на туристи и домашни и странски во април изнесувал 19 064, од кои 52,3 отсто се домашни туристи, а 47,7 отсто се странски туристи, а за периодот јануари-април годинава 97 735 и бележи намалување од 19,4 отсто во однос на тој период лани. Кај домашните туристи има зголемување за 23,3 отсто, а кај странските има намалување за 44,3 отсто.
Бројот на ноќевањата во април 2021 година изнесува 42 117, од кои 51,9 отсто се од домашните туристи, а 48,1 отсто од странските туристи.
Во периодот јануари-април 2021 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е намален за 12,8 отсто, и тоа кај домашните туристи има зголемување за 12,4 отсто, а кај странските има намалување за 32 отсто.