Кои седнаа на директорските фотелји на скопските клиники?

by Fokus

Анестезиологот Мики Филев од вчера седна на директорската фотелја на скопскиот Институт за физикална медицина и рехабилитација, неофицијално дозанава „Фокус“.

Тој доаѓа од Клиниката за ортопедија, а ова место го презема откако претходната директорка, доктор Маја Манолева, стана втор човек во здравствениот сектор, поточно стана заменик министер за здравство.

Освен Филев, веќе подолг период се кројат директорските места на скопските клиники, односно откако актуелниот премиер на владата, Димитар Ковачевски започна преговори со првиот човек на Алијанса, неврологот Арбен Таравари.

Па и покрај тоа што се испазарија за министерското место во здравството, каде успеа да се закотви Фатмир Меџити, исто така невролог, а од друга страна, сопартиец, кум и комшија на Таравари, Алијанса доби неколку директориски места на клиниките, од кои повеќето се економски директори.

Како што веќе објави „Фокус“, Беким Татеши се враќа на местото директор на очната клиника. Тој пред речиси четири години, поточно во 2018 година  раководеше со истата клиника, но си поднесе барање за разрешување до тогашниот министер за здравство Венко Филипче.

Ваквата одлука Татеши  тогаш ја образложи поради „новонастанатата состојба во владината коалиција“.

Новиот пазар за места му се посреќи повторно на офталмологот, па Очната клиника оди во рацете на Алијанса за Албанците.

НОВИ ЕКОНОМСКИ ДИРЕКТОРИ

За економски директори на клиниките за неврологија, онкологија, дерматологија и гинекологија  предложени се Висар Мифтари, Халид Матоши, Генц Селмани, Јетон Шаќири.

Иако, владејачката партија уште во 2017 година кога ја зазема власта, тврдеше дека сите јавни здравствени установи ќе функционираат само со еден медицински директор и конечно економските директори ќе заминат во историјата,  тоа не се случи.

„Фокус“ пред речиси една година  објави дека менаџерите ги довеле болниците до долгови од 100 милиони евра, но тоа не ја поколеба власта да продолжи да ги именува на функции.

Тоа што е уште поалармантно е што заклучно со декември, 2021 година, македонските болници, здравствени домови и клиники заедно должат речиси 97 милиони евра. Тоа значи дека вкупниот долг е цели 68 милиони евра, додека дополнителни 29,5 милиони евра се недоспеан и неплатен долг. Според нашите информации, на повеќето од болниците им се блокирани сметките за струја и вода од извршители.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости