Кои се трите дами, препознатливи како гудачко трио Тринити Стрингс?

by Fokus

Ирена, Александра и Марта, се три дами кои се редовни гостинки на многу самити, верски конгреси, како и на големиот политички настан на први и втори јули- Prespa Forum Dialogue во Охрид.

Атрактивните девојки стануваат се попопуларни во земјава, препознатливи како гудачко трио Тринити Стрингс. Го основале триото како членки на Македонската Опера и Балет, и имаат издадено три сингла, од кои последниот кој неодамна беше пуштен во етерот е ,,Да или не”.

Две скопјанки Марта и Ирена, кои се сестри и велешанката Александра, споени со љубовта кон гудачката музика, зад себе имаат богато портфолио од настапи на престижни настани.

-Во тек на годините настапувавме на Скопски фестивал, Макфест, на настанот за Општина Аеродром кој се одржа на кровот на кулите Џевахир, имавме настап во Италија за познатата лабораторија Санио Теч во Беневенто, која беше во првите редови во борбата против корона вирусот, во Рим, во Наполи… Во 2020, на дочекот на Новата година настапивме во Луксембург, по покана на познатиот инвеститор Марк Хобшаит. Редовни ни се настапите во претседателската резиденција, и како трио функционираме беспрекорно – раскажуваат за ,,Фокус”.
Појаснуваат дека секогаш работат во добра атмосфера. Велат дека многу од работите ги завршуваат сами, од креирање музика до смислување на модели на фустани, организациски работи, возење, одење на состаноци…


-Сфативме дека само ние можеме да ги направиме работите како што посакуваме. Марта е секогаш таа која што кажува шеги, најчесто на моја сметка, а пак Александра знае одлично да координира во тензични моменти. Имаме најава за влегување во нова продукција, со што веруваме дека ќе ни се олесни работата – вели Ирена.
За новата песна ,,Да или не” раскажуваат дека била започната да се создава пред една година. Музиката, текстот, аранжманот и темата на гудачите биле на триото, додека генералниот аранжман и продукција ги направил Иван Јованов.

Снимале со видео продуцентот и режисер Горан Симјановски, и велат дека му симнуваат капа што излегол на крај со три жени, без многу стресови.

-Покрај Симјановски, кој е доста искусен во работата, но и во комуникацијата, со нас беше и Пепи Кирка, еден од таканаречените дронџии, кој многу ни помогна во целиот процес на снимање и решавање на сите пропратни проблематики, како што беше кршењето на виолината. Да, Александра навистина ја скрши виолината, тој дел не е никаква монтажа.

Снимањето не беше баш лесно бидејќи штиклите ни пропаѓаа во земјата, од ветерот ни се отвораа шлицовите на фустаните, но никој од нас не реагираше на тоа, освен стражарите на Хераклеа, каде што снимавме. По Битола, наредниот ден требаше да снимаме во Скопје, на сепарација. Имаше невреме, истураше дожд додека патувавме кон сепарацијата, но штом стигнавме, времето се расчисти. За само два часа ги снимивме кадрите, а имавме помош и од младата пејачка Валери од Велес во тек на целиот процес. Се надеваме дека на публиката ќе и се допадне нумерата – ни изјави Ирена.

Триото е познато и по соработки со многу музички имиња од домашната и странска сцена, како на пример Ареа, Тони Зен, Александар Ристовски Принц, Ламбе Алабакоски, Слаткар, Викторија Лоба, Јелена Томашевиќ, Ian Anderson, Weather girls, и многу други.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости