Собранието со 62 гласа „за“, 46 „против“ и без воздржани, вечерва пред полноќ ја избра новата Влада на премиерот Димитар Ковачевски, која брои 21 член – 11 од СДСМ, 6 од ДУИ, 3 од Алтернатива и еден од ЛДП. Што откриваат биографиите за новиот премиер, вицепремиери и министри?
Премиерот Димитар Ковачевски, роден 1974 година во Куманово, е доктор на економски науки, вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Тој е предавач на додипломските, последипломските и докторските студии и автор на голем број научни трудови од областа на економија и менаџмент објавени во меѓународни научни списанија и конференции.
Во 1998 година дипломира на Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје, Економски Факултет, а на истиот факултет магистрира во 2003 година. Докторските студии по економија ги завршува на Економскиот факултет на Универзитетот Црна Гора во 2008 година каде се стекнува со титулата доктор на економски науки.
Стручно усовршување поминува на Школата за Бизнис при Харвард Универзитетот во 2011 година, Европскиот претприeмнички колоквиум на Техничкиот Универзитет во Минхен каде стана ЕФЕР ЕЕЦ алумни во 2015 година, Ротердам Школата за Менаџмент при Еразмус Универзитетот во Холандија во 2016 година и ЕАДА Бизнис Школата во Барселона, Шпанија во 2017 година.
Работната кариера ја започнува во Македонски телеком АД Скопје како соработник за финансии и координатор за регулирање и хармонизација на контрола на финансии (1998-2005), а потоа напредува на низа менаџерски позиции, директор на управување со маркетинг и продажба (2005-2008), директор на маркетинг комуникации (2008 -2010), директор на комуникации (2010-2016) и директор на резиденцијална продажба (2016-2017).
Бил дел од меѓународниот бренд комитет и меѓународниот комитет за комуникации на Дојче Телеком (2008-2016). Потоа станува Извршен директор на оне.Вип Македонија, А1 Македонија, дел од Телеком Австрија Групацијата (2017-2018).
Во 2020 година беше дел од Економскиот Советот на Владата на Република Северна Македонија за справување со економски последици предизвикани од пандемијата од вирусот COVID-19.
Првиот вицепремиер Артан Груби и понатаму ќе биде министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Артан Груби е роден во Скопје на 7 jуни 1977 година. Основно и средно образование завршува во Скопје. Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде се стекнува со звањето дипломиран новинар. На истиот Факултет ги заврши постдипломските студии од сферата на медиумите и комуникациите, а докторира на Факултетот за социјални науки – политички науки при Државниот универзитет во Тирана.
Професионалната кариера ја започнува во 1999 година во невладиниот сектор и во работа со меѓународните организации во Северна Македонија, Црна Гора, Албанија, Холандија и Косово, како и во Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, НАТО, Хашкиот трибунал и американски агенции за помош со разни оперативни задачи.
Во периодот од април 2014 до декември 2020 година двапати е избран за пратеник во Собранието. Од 30 август 2020 година ја извршува функцијата прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците во втората Влада предводена од премиерот Зоран Заев.
Од мај 2011 година во Демократска унија за интеграција извршува повеќе високи функции како шеф на Кабинетот на претседателот на ДУИ и негов политички советник, додека во 2019 година е избран за организациски секретар на партијата. Член е на Генералниот совет и претседателството на партијата.
Во новата Влада вицепремиeрка за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси е Славица Грковска, поранешна пратеничка на СДСМ од 2002 до 2011 година.
Грковска е родена на 27 јули 1970 година во Скопје. Дипломирала на Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде и се стекнала со титулата магистер по математички науки (2010).
Работела како професор по математика во Средното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје, од 1993 до 1995 година работела во Рефералниот центар при Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, од 1995 до 2002 година била помлад асистент по математика на Природно- математичкиот факултет во Скопје.
Славица Грковска од мај 2021 година е главен системски аналитичар во Секторот за информатичка технологија, Оддел за информатика и телекомуникации во Министерството за внатрешни работи, каде што исто така e задолжена и за процесот на дигитализација во Министерството.
Вицепремир задолжен за економски прашања, коориднација на економските ресори и инвестиции останува Фатмир Битиќи.
Фатмир Битиќи е роден на 26.10.1975 година. Дипломирал бизнис aдминистрација, насока бизнис менаџмент на Универзитетот во Тирана, Албанија (1994 – 1999г.).
Тој е меѓународен експерт од областа на менаџирањето со економски процеси и реформи со преку 20 години работно искуство во над 100 различни програми и проекти со цел развој на сектори, државни институции, стопански комори и компании. Има спроведено преку 500 обуки во земјите од Западен Балкан и досега бил професионално ангажиран како консултант и советник во повеќе влади, министерства и институции од регионот.
Од 2008 година активно е вклучен како експерт за пристап и раководење со ЕУ фондови и важи за еден од водечките професионалци за оваа област во регионот. Негова тесна специјалност е стратешко планирање и менаџирање со развојни, економски и бизнис програми и важи за одличен познавач на бизнис приликите со долгогодишно искуство во реалниот сектор како претприемач, консултант и извршен менаџер. Автор е на повеќе стратегии, предлог-закони, прирачници и упатства од областа на финансиите, економијата и развојот на бизнисот.
Од август 2019 ја извршувал функцијата претседател на Комисијата за финансии во СДСМ.
Вицепремир за европски прашања е Бојан Маричиќ, досегашен министер за правда.
Бојан Маричиќ е роден 7 јануари 1983 година во Скопје. Дипломирал во 2006 година на отсекот меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2009 година магистрира по меѓународно и европско право на Универзитетот во Амстердам, Кралството Холандија, со целосна стипендија од МТЕК програмата на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.
Во 2011 година магистрира на Современи европски студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон, Обединетото Кралство, со целосна стипендија доделена од Чивнинг програмата на Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство.
Професионалната кариера ја започнува 2006 година како демонстратор по Право на ЕУ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Од февруари 2007 до август 2008 година е проектен асистент на проект за приближување на европското законодавство во Секторот за правни и кадровски работи на Министерството за внатрешни работи.
Од септември 2009 до септември 2010 година работи како проектен координатор и аналитичар во правната програма, програмата за јавна администрација и ЕУ програмите во Фондацијата отворено општество – Македонија.
Од септември 2011 до ноември 2013 година е ангажиран како виш истражувач за правни и политички прашања во Евротинк – Центар за европски стратегии, водечка граѓанска организација за истражување, обуки и мониторинг на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ. Функцијата извршен директор на Евротинк ја извршува од ноември 2013 до јуни 2017 година.
Во периодот од јуни 2017 до јануари 2020 година е посебен советник за евроатлантски интеграции на претседателот на Владата на Република Северна Македонија.
Од јули 2017 година е национален шерпас за Берлински процес, а од јули 2018 година е заменик на главниот политички преговарач, главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим за пристапување на Република Северна Македонија кон Европската Унија.
Од 30 август 2020 година ја извршува функцијата министер за правда во Владата на премиерот Зоран Заев.
Министерка за одбрана е Славјанка Петровска, досегашна пратеничка на СДСМ и поранешен заменик министер за внатрешни работи во техничката влада.
Петровска е родена на 11 јануари 1982 во Скопје. Основно и средно училиште завршила во Скопје. Таа е дипломиран правник и дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во моментов е магистрант по управно право на овој факултет.
Од 2003 до 2006 година работи во Секретаријатот за европски прашања. Од 2006 до 2008 година работи во Собранието, во Секторот за меѓународна соработка.
Од 2008 до 2015 година работи во Собранието, во Секторот за поддршка на Националниот совет за евроинтеграции.
Од декември 2015 до мај 2016 и од септември до декември 2016 година е дел од кабинетот на Министерот за внатрешни работи.
Од јуни 2017 година е шеф на кабинетот на Министерот за внатрешни работи.
Бујар Османи ја задржи функцијата министер за надворешни работи.
Бујар Османи е роден на 11 Септември 1979 во Скопје. Дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје во 2004 година. Дел од својата специјализација ја завршува во Лондон, Обединетото Кралство во периодот 2006-2007 година, додека од 2012 година се стекнува со звање специјалист хирург. Од 2014 е докторант на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде докторира во јули 2018 година.
Своето работно искуство го започнал во 2004 година како доктор на медицина на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје. Во 2008 година е назначен за министер за здравство и таа функција ја извршува се до 2011 година. Од 2011 година е специјалист хирург во Универзитетска Клиника за Дигестивна хирургија во Скопје. Во 2011 исто така е назначен за Секретар за комуникација со јавност при Претседателството на Демократската унија за интеграција.
Во јуни 2017 година е назначен за заменик претседател на Влада задолжен за европски прашања. Од јули 2018 година е назначен за шеф на државната делегација и главен преговарач со Европската Унија, под чија палка беше започнат, се водеше, и успешно беше завршен процесот на објаснувачки скрининг со Европската Унија. На 30 август 2020 година, Бујар Османи е избран за министер за надворешни работи.
Министер за внатрешни работи останува Оливер Спасовски.
Оливер Спасовски е роден на 21 октомври 1976 година во Куманово. Основното и средното училиште ги завршува во родниот град. Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде во моментот е магистрант по управно право.
Професионална кариера ја започнува во 2000 година како адвокатски приправник. Во периодот од 2001 до 2005 година работи како советник на градоначалникот на Општина Куманово. А од 2008 до 2011 година ја извршува функцијата секретар на Општина Куманово.
Спасовски во периодот од 2006 до 2008 година, од 2011 до 2014 година и од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието. На последните парламентарни избори во 2020 година повторно ја добива довербата на граѓаните и е избран за пратеник во Собранието.
Во периодот од 11 ноември 2015 година до 18 мај 2016 година и во период од 2 септември 2016 година до 28 декември 2016 година ја извршува функцијата министер за внатрешни работи во преодната Владата. Функцијата министер за внатрешни работи ја извршува и во периодот од 31 мај 2017 година до 3 јануари 2020 година во првата Влада на премиерот Зоран Заев.
На 3 јануари 2020 година е избран за претседател на преодната Влада на Република Северна Македонија, функција која ја извршуваше до 30 август 2020 година.
Фатмир Бесими и понатаму ќе ја извршува функицијата министер за финансии.
Фатмир Бесими завршил Економски факултет, насока „Финансии и банкарство“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1998 година. Постдипломски студии по економија завршил на Универзитетот „Стафордшир“ во Обединетото Кралство во 2002 година, а и докторирал на истиот со тезата „Монетарна и девизна политика на курсот во Република Македонија за време на процесот на пристапување кон Европската Унија“ во 2007 година.
Тој извршувал голем број јавни и државни функции. Во два мандата е избран за заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања – првпат од март 2013 година до мај 2014 година и вторпат од јуни 2014 до март 2016 година. Во два мандата е избран за министер за економија и тоа од декември 2004 година до јули 2006 година и од август 2008 година до јули 2011 година. Функцијата директор на Јавното претпријатие за аеродромски услуги ја извршувал од ноември 2002 до август 2003 година.
Извршувал и други владини ангажмани, а има богата кариера и во рамки на банкарскиот сектор. Тој e вонреден професор на Факултетот за бизнис и економија при Универзитетот на Југоисточна Европа и визитинг висок соработник (вонреден професор) на Лондонската школа за економија и политички науки при Европскиот институт.
Министер за правда е Никола Тупанчевски, кој е долгогодишен професор на Правниот факултет на УКИМ во Скопје.
Никола Тупанчески е роден на 19.12.1961 година. Тој е доктор на правни науки и професор во областа на казненото право. Во 1995 магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“, а докторирал на Државниот универзитет „Ломоносов“, Москва, Русија, во 2002 година.
Тупанчески ги предава предметите Казнено право, Меѓународно казнено право, Економско казнено право, Медицинско казнено право, Криминална политика, Компаративно казнено право и Малолетничко казнено право. Во периодот од 2008 до 2013 година бил продекан за меѓународна соработка на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Министер за локална самоуправа останува Горан Милевски.
Горан Милевски е роден на 1 ноември 1978 година во Битола. Основното и средното образование ги завршува во родниот град.
Дипломира на Економски факултет – Прилеп и во моментот е на докторски студии од областа на маркетинг на Економскиот факултет – Прилеп.
Професионалниот ангажман го започнува во 2004 година како професор по економски предмети во Средното општинско економско училиште „Јане Сандански“ – Битола.
Од 2005 до 2009 година е член на Советот на Општина Битола, во периодот од 2009 до 2013 година втор пат е избран за член на Советот на Општина Битола, во периодот од 2014 до 2016 година е избран за пратеник во Собранието.
Во 2016 година втор пат е избран за пратеник во Собранието, а во јуни 2019 година е избран за министер за локална самоуправа.
Адмирим Алити од Алтернатива е нов министер за информатичко општетсво и администрација.
Во неговата биографија се наведува дека е ИТ консултант, докторант на Универзитетот на Југоисточна Европа, каде и дипломирал. Магистрирал информациски системи на Универзитетот Лине во Шведска.
Во моментов е асистент и предава различни предмети на Катедрата за информатика на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.
Тој бил генерален директор на Национална радиодифузија – Скопје.
Крешник Бектеши е министер за економија.
Во 2008 година дипломирал на Колеџот за менаџмент со развој за применети науки и технологијa (менаџмент и бизнис администрација) на Институтот за технологија во Рочестер, а во 2009 година се стекнува со титулата магистер по менаџмент и стратегија (логистика и управување со снабдувачки синџири) на Универзитетот Шефилд.
Од 2011 до 2016 година работи како раководител на Меѓународната канцеларија на Агенцијата за странски директни инвестиции и промоција на извозот на Република Северна Македонија во Брисел (Белгија).
Од 2017 година ја извршува функцијата министер за економија.
Љупчо Николовски се враќа за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Љупчо Николовски е роден на 20 август 1983 година во Крива Паланка. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, насока финансиско право во 2007 година. Со дипломата – специјалист по политички менаџмент се стекнал на Нов Бугарски Универзитет, бугарски факултет за политики и Совет на Европа.
Од 2009 до 2011 работи како консултант и секретар за корпоративно управување во Институтот за директори Скопје.
Од февруари 2014 ја врши функцијата шеф на Кабинетот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Од 15 ноември 2015 до 30 декември 2016 година е дополнителен заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а во јуни 2017 година стапи на функцијатата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во јули 2019 до минатиот месец беше генерален секретар на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Од 4 август до изборот за заменик на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси е пратеник во Собранието.
Беким Сали е нов министер за здравство.
Сали завршил средно медицинско училиште во Скопје, а дипломирал на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Тој е доктор по стоматологија и управител на приватна стоматолошка ординација. Во моментов е на постидипломски студии за јавно здравје.
Од 2009 до 2010 година ја извршувал функцијата шеф на Кабинетот на министерот за здравство и претседател на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување.
На локалните избори во 2021 Беким Сали беше кандидат за градоначаник на Општина Чаир од редовите на Алтернатива.
Нова министерка за труд и социјална политика е Јована Тренчевска, која од 2020 година е в.д. директорка на Државниот инспекторат за труд.
Тренчевска е родена во Струмица. Таа е дипломиран социолог, која своето обрзование го стекнала на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирала во 1994 година, а во 2012 година се стекнала со звање магистер по социолошки науки на истиот Универзитет, на Институтот за социологија.
Од 2018 до 2020 беше државна секретарка во Министерство за труд и социјална, а во 2018 година беше раководителка на Одделението за родова еднаквост, Сектор за еднакви можности при Министерство за труд и социјална политика.
Од 2003 до 2018 година ја извршуваше функцијата советничка за родова еднаквост, Сектор за еднакви можности при Министерство за труд и социјална политика. Од 2000 до 2003 беше координаторка на ресурсен центар за унапредување на родовата еднаквост, Организација на жени Струмица, програма на Македонски центар за меѓународна соработка.
Јетон Шаќири е нов министер за образование и наука.
Јетон Шаќири е роден на 17 март 1987 година во Струга, каде завршува основно и средно гимназиско образование. Во 2005 година се запишува на Економскиот факултет при Државниот универзитетот на Тетово, каде дипломира во 2008 година.
Во 2008 година се запишува на постдипломски студии на Економскиот факултет при Меѓународниот универзитет во Струга, каде во 2010 година со одбраната на магистерскиот труд се стекна со научен степен магистер по економски науки.
Во 2010 година се запишува на докторски студии на Економскиот факултет при Универзитетот на Тирана и на 16 септември 2016 година ја одбрани докторската дисертација.
Во периодот од 1 септември 2008 година до 12 ноември 2010 година е помлад асистент по група предмети од областа на економските науки на Факултетот за економски науки при Меѓународниот Универзитет во Струга. Во периодот од септември 2009 година до јуни 2018 година е раководител на додипломски и последипломски студии на Меѓународниот Универзитет во Струга.
Од јуни 2018 до декември 2019 година ја врши функцијата директор на МЈП „Проаква” во Струга, а од јануари до август 2020 година е директор на ЈП „Водовод и канализација” – Струга.
На 30 август 2020 година е избран на функцијата министер за информатичко општество и администрација.
Министерка за култура е Бисера Костадинова-Стојчевска.
Костадинова-Стојчевска е родена на 20 февруари 1986 во Битола. Има докторирани англиски јазик на Педагошки факултет при УКЛО – Битола, каде работела како професор.
Таа е досегашна пратеничка во Собранието од редовите на СДСМ.
Министер за транспорт и врски останува Благој Бочварски.
Бочварски е роден на 9 јануари 1985 година во Штип. Основното и средното образование завршува во родниот град. Дипломира на Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Професионалната кариера ја започнува во 2011 година во градежната компанија „Пелагонија-Инженеринг“ – Штип како дипломиран инженер архитект. Во почетокот е ангажиран како стручен соработник, а потоа добива овластувања за проектирање и изведба на објекти од Комората на овластени инженери и архитекти.
На парламентарните избори во 2016 година е избран за пратеник во Собранието. Пратеничката функција ја извршува до локалните избори во 2017 година. Од 3 ноември 2017 година стапи на функцијата градоначалник на Општина Штип.
По парламентарните избори во 2020 година од 30 август ја извршува функцијата министер за транспорт и врски во втората Влада на Зоран Заев.
Министер за животна средина и просторно планирање останува Насер Нуредини.
Насер Нуредини е роден на 23 септември 1979 година во Тетово. Кон средината на 80-тите години се преселил во Виена и се образувал на Виенската меѓународна школа. Високото образование го продолжил во Германија и Обединетото Кралство. Дипломирал на насоката меѓународен бизнис на Универзитетот во Мајнц и на Универзитетот во Брајтон.
Кариерата ја започнува во 2004 година во Виена како економски аналитичар, за веќе следната година работниот ангажман да го продолжи во Лондон. Од 2005 до 2012 година работи како аналитичар за истражување на пазарот на капитал за листирани финансиски компании и недвижности во Источна Европа, потоа ја зазема позицијата заменик-претседател за менаџирање на инвестиции во Источна Европа во Уникредит банката, од каде преминува во ИНГ банката каде е назначен за директор за инвестиции на листирани корпорации на пазарот на Источна Европа.
Од 2013 година неговиот работен ангажман продолжува повторно во Виена, како консултант и менаџер.
Нуредини од јуни 2019 година ја извршува функцијата министер за животна средина и просторно планирање.
Џемаил Чупи е министер без ресор задолжен за дијаспората.
Чупи е доктор по политички науки и магистер на дипломатија. Има над 13-годишно искуство во јавниот сектор и академската област.
Својата кариера ја почнал во Агенцијата за вработување во Дебар. Од 2017 година е предавач на Колеџот УБТ во Приштина на Факултетот за политички науки и во магистерска програма на Факултетот за јавна политика и менаџмент.