Кои се 12-темина од Телма кои по 15 години работа станаа вишок?

by fokus

Раководството на Телма се уште не ги известило лично вработените кои се прогласени за технолошки вишок, односно за чии работни места немало простор во новата систематизација. Тие утринава можеле да се погледнат само на списокот преку кој се известуваат дека нема место за нивниот ангажман, барем на позициите на кои работеле.

Вработени во телвизијата за „Фокус“ пренесоа дека исклучени од „игра“ се познатите новинарски имиња од информативната редакција, Емилија Лазаревска, Соња Николовска, Панта Џамбазовски, Виолета Зајкова, Јулијана Пешевска, Влатко Змејковски, луѓе кои над 15 години се во телевизијата. Со систематизацијата без работните места останале и новинарите од редакцијата за култура, Томислав Османли, Сотир Трајков и Бранка Костиќ, исто така дел од стариот тим на Телма, со по 15 годишно искуство во телевизијата. Со Телма по се изгледа ќе треба да се збогува и водителката Тања Трајковска, како и уредникот на филмската редакција и една архиварка.

Вработните пренесуваат дека знаеле оти во тек е некаква систематизација, но никој не очекувал дека ќе настрадаат најстарите и најискусните во телевизијата. Уште помалку знаат како е спроведен процесот- дали имало комисија, дали некој утврдувал постигнати резултати, дали систематизацијата е направена законски, како се избрани токму сите од старата екипа која практично ја водеше Телма низ овие две децении.

Директорот Атанас Кировски најави дека ќе има свој став и писмено ќе извести за што се работи и дали вработените ќе заминат од телевизијата или пак ќе им се овозможат други работни места, иако нивниот профил е специфичен и тешко дека нешто друго би можеле да работат.

Новото раководство на Телма претходно направи смена на водителите на вестите и тогаш беа тргнати од екран Николовска, Џамбазовски, Зајкова и други, а претходно од уредничка позиција беше сменета Лазаревска. Во меѓувреме редакцијата за култура престана да постои во класична смисла, а новинарите преминаа да работата во рамките на вестите. Наспроти ова телевизијата се засили со емисијата „Топ тема“ за која беа ангажирани Александар Чомовски, Снежана Лупевска, Боби Христов…

Колку ваквата кадровска чистка ќе значи и промена на уредувачката политика на Телма? Дали се отвора простор за нови новинарски имиња? Да не заборавиме дека ваква слична ситуација имаше во телевизија Алфа и преку технолошки вишок повеќе од 10 новинари останаа без работа, а на нивно место власта „укотви“ проверени уредници и репортери.

 

Поврзани новости