Големото срце на „Малиот“!

by Фокус

Текстот е објавен на 29 март 2013 година во неделникот „Фокус“.

Пишувал
Синиша Станковиќ

Во претходната држава, во едноумието како што го нарекуваа, кога тоа се уште беше можно без опасност да почнат фрчат шишиња и столчиња – на иста маса во „Јоле“ седеа новинари од разни редакции, кога Малиот ни обзнани дека решил да живее 110 години! И потоа, со години се мајтапеше дека ние, четворицата-петмината од таа маса, не сме свесни колку нему ќе му биде тешко, за нас да ги напише последните, проштални писма, и потоа, да се бори самиот. Мислам дека е тоа единствениот план што си го имаше зацртано во животот, а кој не го оствари во целост.

Храбар и упорен до бесвест, некогаш и со главата во ѕид, не ја дочека ни педесеттата… Пред 2-3 недели, за една година го надмина неформалниот, животен просек на големите новинари…Го запознав како дете – актер, кое успеа да научи куп шлајфни тешки реплики и да освои и југословенска награда. Не знам дали потоа, оние радио емисии на класниот час во „Орце“, го натераа да се прешалтува, дали тогаш му влезе „чивијата“ за новинарството, ама знам дека иако актерството загуби многу, новинарството доби многу повеќе.

И не е случајно што и во актерството, почна на тема за слободата, и што и радиото кое го основа во 1993-тата, се викаше „Либертас“, и што кога го основаше дневниот „Фокус“, пред две години, пак пишуваше дека сака Македонија да биде земја на слободни луѓе! Оти, целиот живот беше новинар во сржта, новинариште, ама, пред и над се, беше борец за слобода.

Сакаше ова државиче да го види ослободено од глупоста, омразата, од арамилакот и неправдите кои 25 години не влечат кон дното! За нас со кои, како што велеше, ја спукал младоста, тој ќе си остане Малиот и Николче, иако во сопствената професија одама стана Николиште. Николетина, како што напиша Ерол (Ризаов). Во „Млад Борец“ го измисли слоганот „Ве имаме на нишан!“. И ги имавме!

Сите тие кои се обидуваа да ни застанат на патот до слободата. Со нему својствената иронија, „Фокус„ го покрена како „неделник на надворешниот, а богами и внатрешниот непријател“. Го мразеа, го озборува, го плукаа, го тепаа… Тогаш, кога го претепаа, од проста причина што не можеше тој, морав јас да го напишам уводникот на „“Фокус“, и да ги прозивам кукавиците, ама за жал, и тоа , како и се друго кај нас, остана неразјаснето… Некаде меѓу „Млад Борец“ и „Либертас“, посака да биде и малостопанственик ама бргу-бргу се врати во новинарството, оти го влечеше, и оти беше роден Новинар.Новинариште!

Во овие 26-7 години главно сум бил уредник, ама и сум имал едно чудо уредници над мене, и со сите нив заедно, никогаш не сум се карал толку многу, како со Николче…. Сепак, секогаш сме останале пријатели. Зашто тој, како роден уредник, знаеше во „Млад Борец“, нам, на неколкутемина новинарски пипиштари, млади, дрчни и бесни, иако речиси од иста генерација, да ни диригира, ама сите да не остави да го работиме она што најдобро го знаевме.

Како и подоцна, некои други помлади ликови – низ редакциите. Без оглед на нашите развеани кариери и животни патишта, горд бев кога синоќа на Кејот ги видов сите „младоборци“ од тоа време, како му палат свеќа. Под неговата диригентска палка, низ медумите со кои раководеше последниве четврт век, излегоа едно чудо способни новинари.

И знам дека би го израдувало тоа што на Кејот ме прегрнуваа некои непознати млади луѓе, за кои нивните сегашни уредници ми кажаа дека се руки новинари или ак тивисти во НВО секторот, кои во Николче препознале лидер и борец, кој знае што сака и знае како тоа да го постигне. Минатата недела, по последната од нашите целодневни седенки, на која, пак се каравме на разни теми, ме возеше дома, а расположението му се менуваше.

Беше и оптимист дека „Фокус“ ќе го биде и дека ќе успее пак да внесе нешто ново, ама и резигнирано коментираше дека нови нарството никогаш не ни било на понски гранки.

Жал ми што замина разочаран во професијата на која и го посвети целиот живот и која толку многу ја сакаше! Иако стана и издавач и сопственик на два медиума, Малиот секогаш оста- на новинар во душа, и борец за слобода. Остана новинариште, 50 кила нерви и и метро ипол инает. За Македонија да биде слободна земја! Неговото семејство, сопругата и ќерките имаат со што да се гордеат. Збогум друже!

Поврзани новости