Иако поранешниот директор на македонската царина Драган Даравелски, кој деновиве се појави на српско-македонската граница, пред цели 20 години побегна во соседна Србија за да не се соочи со кривичен прогон во Македонија, каде во 2007 година беше осуден на 7 години затвор бидејќи го оштетил буџетот за 2,5 милиони евра, негови блиски компании останаа да вегетираат во земјава.
Во рамки на серијалот за офшор-компаниите во земјава објавен на платформата „Скуп“ беше обелоденето дека во државава делуваат околу 400 компании во целосна или делумна сопственост на други компании, чие седиште се наоѓа во странсски држави што важат за специфични јурисдикции или офшор зони. Притоа, како што беше тогаш објавено, една од нив е во сопственост на кипарска компанија и се доведува во врска со Даралевски.
Станува збор за „Скотиха Тихама Оверсис Лимитед“, регистрирана во Скопје за закуп и управување со сопствен недвижен имот. Сопственик на друштвото е истоимената кипарска компанија, а, според проверките што сега ги направи „Фокус“, нејзини управители биле Милан Добосављевиќ, Едвард Петровски и Коста Топузовски, пред да падне во стечај во 2021 година, по што е управувана од страна на стечајниот управник Живко Калков.
Инаку, компанијата подолго време е неактивна, а нејзините финансиски извештаи покажуваат дека располага со нетековни средства во вредност од 15 милиони денари. Ова друштво се јавуваше на листата на должници на УЈП, со тоа што должеше 2,7 милиони денари по основ на неплатен ДДВ се до крајот 2021 година, кога всушност скопскиот граѓански суд отвора стечајна постапка за фирмата по барање на црногорската компанија „Арарат“.
Притоа, македонската „Скотиха“ се јавува како сопственик на „Саксес Брокерс“, друштво основано во 2000 година за тргување со хартии од вредност. Како што покажува историјатот на оваа компанија, која е во ликвидација, во нејзината структура минале повеќе лица, а еден од нив е Миодраг Марковиќ, црногорски бизнисмен кој своевремено беше осуден на 4 години затвор за перење на пари, за што му беа конфискувани акции во фирми и друг имот во износ од 9 милиони евра.
Како што своевремено пишуваше „Фокус“, меѓу запленетиот имот на Марковиќ е и куќа на Водно, која Агенцијата за конфискација пред 2 години ја стави на продажба со почетна цена од само 112 илјади евра. Но, реагираше адвокатот на Марковиќ, кој поднеше кривична пријава против директорот на Агенцијата Фатон Асани. На крајот, и Агенцијата се откажа од намерата за продажба, префрлувајќи ја вината кон Бирото за судски вештачења, кое извршило вештачење само на објектот, без да го земе во предвид земјиштето.
Што се однесува со „Скотиха“, според официјалните податоци од Централниот регистар, на иста адреса со неа во скопска Кисела Вода е регистрирано друштвото за трговија на мало „ИТЗ Центар“, која е во сопственост на истоимена фирма од Белград, додека како управител фигурира Томислав Даравелски. Истовремено, тој се јавува и како овластено лице на „Југоопрема АД-Скопје“ заедно со Марко Даравелски. Ова друштво, пак, е со дејност за управување со сопствен имот.
Воедно, Томислав Даравелски фигурира и како неизвршен член на Одборот на директори на „АД Козјак“, која се занимава со изградба на станбени и нестанбени згради. Моментално, ова акционерско друштво ја поседува градежната компанија „ФТ Козјак“, основана пред неколку месеци. Но, интересно е да се наведе дека „АД Козјак“ своевремено поседувала друга компанија, која пред две години е ликвидирана.
Се работи за „Кеп Инвестмент“, основана во 2018 година со седиште во Куманово. Интересно е што втор содружник на оваа компанија била „Еуропрофил “ во сопственост на Љубчо Георгиевски, кој беше премиер на владата на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 до 2002 година, кога Даравелски беше директор на царина. Поточно, „Еуропрофил“ е во сопственост на „Вип Проект“, чиј единствен сопственик е Георгиевски.
Како што е познато, Даравелски после 20 години се врати во земјава и замина зад решетки. Но, тој ќе биде слободен грѓанин доколку му биде прифатено барањето за повторно судење, бидејќи во таков случај ќе биде константирана апсолутна застареност на кривичното дело за кое се гонел, а кое застарело лани, односно по 20 години од извршувањето. Одлуката за тоа дали ќе му биде дозволено повторено судење треба да ја донесе Кривичен совет на скопскиот кривичен суд.
Влатко Стојановски