КОХА: Можен бунт во АНБ, се отфрлаат професионалци од УБК, а се вработува несоодветен кадар

by fokus

Големо незадоволство владее со досегашниот начин на избор на новите кадри кои ќе работат во новоформираната Агенција за Национална Безбедност (АНБ), пишува весникот КОХА повикувајки се на свои анонимни извори кои не исклучуваат ниту бунт и оставки на досега примените кадри од албанска националност.

Според весникот, се елиминираат професионални кадри со 15-20 годишно искуство во УБК, и тоа со образложенија кои не ги предвидува законот, а се примаат лица кои не ги исполнуваат ни законските критериуми. За пример е посочен изборот на началник на АНБ во Прилеп, кој е човек против кого се покренати 5 кривични пријави. Истиот е именуван на новата функција незаконски, пред да биде примен на работа од страна на комисијата која ги разгледува апликациите на кандидатите, пишува весникот КОХА.

Во групата на новите вработени во АНБ има и луѓе кои беа уапсени под сомнение дека беа поврзани со аферата „Шпион“. АНБ во своите редови ги прими и поранешните вработени во УБК кои раководеа со случајот „Сопот“, каде по 15 години затвор, се испостави дека уапсените не биле виновни. Меѓу другото, поради нивната непрофесионална работа, државата им исплати обештетување на жртвите во вредност од 1.2 милиони евра, информира весникот КОХА, кој потсетува дека наместо да се наградат со ново вработување, досега кон истите требаше да се поведе истрага за одговорност од Државниот правобранител за штетата што ја предизвикаа со нивното несовесно и непрофесионално работење.

Весникот информира дека за сите овие наводи, побарал и став од директорот на АНБ, Виктор Димовски, но тој досега решил да молчи.

Поврзани новости