Кого ќе удави бранот на кризата?

by lali

djelalКако и што е нормално, големата криза во која се наоѓа Македонија се следи со големо внимание. Одбивам да прифатам дека ова е само една, нова, политичка криза, тоа е теза на властодршците, кои сакаат да прикажат привид на нормалност. Не, драги мои, ова е државна криза, еднаква или поголема од онаа во 2001 година. Како ќе изгледа крајот на оваа криза не може ниту пастирот да предвиди.

Откако ќе заврши кризата ние ќе сведочиме крај на неколку политички кариери. На Груевски му е јасно, дека после пустошот кој ќе го остави позади себе, дека нема да може да биде лидер на идната опозиција, чиј добар дел од сегашниот врв веројатно ќе заврши во казнено-поправните домови. Откако сѐ ќе му излезе на виделина, неговата политичка вредност ќе биде многу помала дури и од онаа на Љубчо Георгиевски во 2002 година.

Името на Груевски сигурно ќе биде запишано на црна страна од историјата на Македонија, веројатно и убедливо на првото место. Прашање е само на време, дали тоа ќе биде оваа година, следната година, или не дај Боже да му успее да остане на власт уште неколку години.

ХЕРОЈСКА БИТКА НА ЗАЕВ

Заев во процесот на бомбардирање на власта влезе многу храбро, тргна на сѐ или ништо, влезе во една херојска битка. Ако победи и успее да ја ослободи Македонија од груевизмот, тогаш веројатно ќе биде најважното политичко име во неколкуте следни години, под претпоставка неговата политичка кариера да не биде уништена од контра офанзивата на режимот.

Заев најави дека ако ова со „бомбите“ не му успее – ќе се повлече од лидерското место на СДСМ. Останувањето на режимот на власт ќе значи дека опозицијата ќе мора брзо да се консолидира во ненормални услови, а за тоа ќе треба многу енергија. Евентуалниот неуспех на опозицијата ќе доведе до страшен нејзин пад, па ќе биде пеколно тешко да се создаде нова сила која сериозно ќе му се спротивстави на режимот.

Али Ахмети е исто така на многу тенок мраз, тој е лидер на ДУИ од нејзиниот почеток, од 2002 година до денес е цело време на власт, само оној период од нецели две години помеѓу парламентарните избори од 2006 и 2008. Влезе во политиката како херој на Албанците во Македонија, како некој кој се залага за евроатлантските интеграции, а постои голема можност да ја заврши кариерата како човек кој робувал на интересите на пастирот и човек во чие време евроатлантските интеграции биле блокирани.

Во периодот кој следи ќе се создадат неколку автентични партии кои ќе земат дел од гласовите на ДУИ, а евентуалното заминување на Али Ахмети во пензија ќе значи крај на единството во таа партија. Никој повеќе нема да успее да ги држи тендерските крила на ДУИ во едно купче, на едно место.

Од една страна ќе има општа тепачка кој да биде идниот претседател, секое крило ќе има свој кандидат, а од друга страна глувците масовно ќе го напуштаат бродот кој тоне. Замислете го ДУИ, а на негово чело е да речеме Артан Груби, па каква пародија од партија ќе биде тоа.

АХМЕТИ И ТАЧИ СЕ СЛУГИ НА ПАСТИРОТ

Сепак најинтересно во овој момент ми е дека сведочиме на едно политичко самоубиство. Мендух Тачи во последните неколку години имаше шанса да прерасне во најголемото албанско политичко име во Македонија. Можеше да биде запаметен како некој кој албанските гласачи ги ослободил од канџите на груевизмот. Ги имаше сите коцки наредени, сѐ што требаше да направи е ДПМНЕ и ДУИ да ги стави во еден кош, а тој цврсто да остане на другата страна. Требаше само да ги потенцира лагите на ДУИ, требаше само да им ја симне маската.

Сепак, тој се одлучи да остане верен војвода, до смрт. Кафеаната Дора стана помалку важна од Сушико. Тој почна да го прави тоа што Ахмети го прави, да им слугува на интересите на пастирот, на сметка на правата, стандардот на Албанците. На сметка на евроатлантската перспектива на Македонија.

Еве, деновиве јавно се зборува дека и официјално ќе биде дел од власта на ДПМНЕ. Тој е сега ас во рацете на братучедите. Користа на ДПМНЕ од војводата е повеќекратна, од тоа да им се заканат на ДУИ, па сѐ до Павле Трајанов и Лиле Поповска.

ДПА во моментов служи за страшило на глувците во бродот на ДПМНЕ, случајно да не им падне на памет да почнат да бегаат од бродот кој веќе почнува да тоне. Но колку гласови ќе има ДПА и Мендух Тачи на следните фер и демократски избори, 30.000 гласови? А да беа вистинска опозиција ќе имаа 130.000. Ете толку скапо Тачи ги плати своите ручеци во Сушико!

Поврзани новости