Кога законите важат исто за сите: Поделиле 2.000 бесплатни порции, па заработиле казна!

by Fokus
Направи добро, изеди го..о – со овие зборови започнува приказната објавена во познатиот хрватски медиум ,,Јутарњи’’ по повод настанот кој што се случил во Шибеник, во понеделникот.

Имено, по повод Велигденските празници, здружението на угостители од Шибеник решило да приготви голем Велигденски појадок, во центарот на градот, пред општинската зграда. На појадокот, каде бесплатно се служеле најразлични специјалитети, биле поделени над 2.000 порции. Но, по завршувањето на настанот, угостителите ги дочекало непријатно изненадување.


Од страна на полициските службеници, тие добиле казна во износ од 300 куни (околу 2.500 денари) за непрописно паркирање. Угостителите се правдале дека биле принудени да паркираат на работ на тротоарот покрај општинската зграда, бидејќи морале да извршат достава на опремата и на сите продукти кои ги носеле по повод бесплатниот појадок, но полицајците не сакале да ги слушаат нивните оправдувања.

-Повредени сме како луѓе. Ние волонтерски учествуваме на оваа традиционална манифестација и и дадовме најголем белег – изјавил угостителот Андон Добра за ,,Јутарњи’’. Туристичко – гастрономскиот настан бил во организација на град Шибеник и туристичката заедница и бил уредно пријавен како јавен собир.

Портпаролот на полицијата во Шибеник, Марија Косор изјавила дека полицајците постапиле професионално.

-Полицијата излезе на местото на настанот по пријава дека сообраќајот на тој дел е блокиран, а на самото место има и знак за забрането паркирање. Според тоа, сите сопственици на затекнатите автомобили беа казнети – изјавила таа за хрватскиот медиум.

ФОТО: ЈУТАРЊИ

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости