Ниту на сон не можевме да претпоставиме што ќе ни донесе животот пред десет години, кога мојата сопруга Ангела ја напиша песната ,,Не ме оставај сам”.
Живеевме во љубов, Бог ни подари прекрасно синче, кој да знаел дека еден ден јас ќе ја снимам таа песна во чест на мојата сопруга која не е повеќе со нас, но и како поддршка на сите оние кои изгубиле некој близок. Да знаат дека не се сами во борбата, дека колку и да им е тешко, мора да имаат верба и да продолжат напред. Токму тоа јас го правам веќе две години, откако тешката болест ми ја зеде Ангела – за ,,Фокус” раскажува Иван Усовски.
Пред десеттина дена тој ја промовираше песната и видео записот за неа. Музиката и аранжманот се на Игор Димовски, додека зад стиховите стои името на неговата сопруга Ангела Усовска, која почина од канцер.
Станува збор за емотивна балада, а видеото е снимено во Охрид, од страна на видео продукција Зати.
Иако уште на прво слушање на песната, Иван делува како пејач кој има долгогодишно искуство, сепак тој открива дека ова е негово прво авторско музичко дело.
-За прв пат открив дека имам талент за пеење во 2007 година, кога работев како пица мајстор во Црна Гора. Сосема случајно, започнав да ги пеам песните на нашиот Тоше Проески, така, од хоби, и моето пеење им се допадна на оние кои доаѓаа во локалот. Тогаш започна да се врти на радио во Херцег Нови и една моја демо снимка, а потоа, наредната година, за прв пат се појавив на телевизија, во емисијата ,,Зајди, зајди” на маестро Зоран Џорлев. Но, не тргнав по естрадниот пат, пеењето ми беше само хоби.
Не настапувам во локали, ниту пак снимив моја песна, се до сега.
По професија сум одделенски наставник, вработен сум во Министерството за труд и социјална политика, посветен сум на синчето кое сега има осум години – раскажува скопјанецот.
За сопругата Ангела Ангеловска Усовска, која ја изгуби битката со ракот, вели дека била романтична душа, и песната ја напишала од срце.
Таа беше директорка на градинките ,,Мајски цвет” и остана запамтена во јавноста како креативен и вреден работник. Кога почина, нејзините колеги се простуваа со неа со зборовите дека си заминал највредниот мајски цвет, скромна и ненаметлива жена која зад себе оставила големи резултати во работата.
Иван вели дека во тој тежок период, кога останал сам со синчето, на сите начини се обидувал да пронајде сила и да продолжи напред така, како што Ангела би сакала.
-Знам дека таа би била горда на нас сега, на начинот на кој продолжуваме напред. Нејзината песна ја снимив затоа што сакав да остане нешто зад неа, на некој начин да го одбележам нејзиниот живот, да го овековечам споменот на неа вака, преку песна. Истовремено, сакам на сите да им ја пренесам пораката да имаат верба во Бога, без оглед на тоа што им се случува и низ колку тежок период минуваат.
Имам планови во иднина, кога е музиката во прашање, и мојата мисија е да помагам со песна, а не да заработувам од пеење, вели.
Раскажува дека тој израснал во дом за деца без родители, па поради тоа бил воден од идејата да им помага на децата без родителска грижа преку музика.
-Во план ми е снимање на нова песна наскоро, а потоа можеби и уште некоја, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Исто така, сакам да направам хуманитарен концерт, на кој сите собрани средства ќе отидат кај децата без родители. Никогаш нема да пеам за личен профит, ако ете, публиката ме прифати и сака да ме слуша, секој заработен хонорар ќе оди хуманитарно таму каде што јас мислам дека најмногу е потребно, баш кај тие деца, оти многу добро знам како им е, и самиот бев дете израснато во дом. – ни изјави Усовски.
Вики Клинчарова