Кога опозицијата ги премина сите граници и кога почна да условува, се решив да искористам сѐ што ми стои на располагање и дополнетиот протокол од ноември, според кој дојдоа заразените пратеници во Собрание, порача собранискиот спикер, Талат Џафери по вечерашното гласање на двајцата инфицирани пратеници во Собрание за што опозицијата најави кривични пријави.
-Да не мислите дека своеглава решив вчера да го применам изменетиот протокол. Направив милион консултации со надлежни институции. Не можеше да работиме, што требаше да правам. И кога таа состојба прекипе, премина секаква мера, кога почна да се условува, се решив да ги искористам сите дополнети протоколи за безбедно да се спроведе. Никој не бил загрозен, со никој немале контакт тие двајца пратеници. Јас планирам, предвидувам и спроведувам одлуки за да обезбедам фиункционалност на оваа институција. Најлесно е јас да кажам имам толку инфицирани, го затворам Собранието наредните 20 дена, и тоа можам да го употребам. Го избрав најмалку лошото решение, рече Џафери.
Вчера во Собранието по два месеца натегања меѓу партиите конечно беше изгласан петтиот пакет на мерки за финансиска помош на граѓани. Кворумот за седницата која и претходеше на оваа седница, го обезбедија двајца заразени пратеници од мнозинството кои дојдоа во Собрание со скафандери. Опозицијата најави дека ќе поднесе кривични пријави против нив.