И пак, тоа беше една седница на Владата на Република Македонија. Беше 2007 година кога Никола се наоѓаше во полн реформаторски залет, а владините седници траеа „од јутра до сутра“. Владата се беше решила да ги продаде државните акции кои ги поседува во ОХИС, да ги задржи сите вработени, дури по можност и да го банкротира странскиот инвеститор. Седницата на Владата ја води Никола Груевски. Вика:
“Почитувани членови на Владата, денеска на дневен ред имаме точка за продавање на Охис. Огласот е спремен, и согласно процедурите мора да се прочита. Дозволете ми да Ви го прочитам огласот.”
И Никола почнува да го чита огласот за продажба на ОХИС од збор до збор, таква била процедурата. Јас, во тоа време заменик министер за здравство, што по природа на нештата не ме поставува во директна ситуација да анализирам економски теми, но содржината на овој оглас многу ме заинтересира. Никола чита ли чита, и откако завршува со читање се обраќа кон членовите на Владата:
“Дали членовите на Владата се согласуваат огласот за продажба на ОХИС да се објави во целост како што ви го прочитав?”
Како и во најголемиот број ситуации членовите на Владата си молчат, и се спремни да се согласат. Таман да ја затвори точката на дневен ред, јас дигам рака и барам збор. Никола ме погледнува видно вчудоневиден и изненаден, и со една доза на неодмерена ароганција ми вели:
“Да, заменик министер за здравство, што имате Вие да кажете за продажбата на ОХИС?”
Јас го гледам, па го погледнувам огласот кој го држав во рака и му велам:
“Почитуван претседателе, го читам огласот што Владата го има подготвено за продажба на Охис, и си мислам, дали овој оглас е за да го продадеме Охис, или е оглас за да не го продадеме Охис? Зошто ако мене ме прашате, овој оглас е напишан за да не се продаде Охис.”
Тој ме погледнува, и ми вика:
“Добро заменик министер за здравство, а што Вие би направиле и каков оглас вие би подговиле.”
Јас му објаснувам:
„Претседателе, за било кој странски инвеститор да биде заинтересиран за купување на волку голема фирма со повеќе од 1.000 вработени, ние како Влада мораме да направиме поволни услови. Мораме да го намалиме бројот на вработени, и за нив да подготвиме специјална социјална програма преку која ќе им се овозможат мерки за предвремено пензионирање, обештетување и слично. Ние не можеме да го обврземе ниту странскиот, ниту било кој друг инвеститор да мора да ги задржи вработените во период од 5 години, зошто можеби нема да му бидат потребни. Затоа јас мислам дека ние треба да го превземеме на себе ризикот и одговорноста за поголем дел од вработените, и да му оставиме простор на инвеститорот да има флексибилност. Од тие причини мислам дека овој оглас е напишан за да не се продаде Охис“.
Никола, како што ме ислуша, ми се врти и ми се обраќа со знак прашалник.
“Ние да сме го намалеле бројот на вработените?
Јас му одговарам:
„Па да, нормално дека ние треба да го превземеме тој ризик на нас“.
Тој ме погледнува:
„И после сите на мене да ми дојдат пред Влада и да ми штрајкуваат? Тоа кога ТИ ќе бидеш премиер, така да направиш, јас вака ќе правам“!
Оваа дискусија која во тоа време ја имав со Никола на Владина седница во повеќе наврати ми ја имаат цитирано мои колеги министри и заменици министри. Тука посебно би сакал да ги споменам замениците министри во тоа време, господинот Зоран Петров, кој беше заменик за надворешни работи, како и Сашо Василевски кој беше заменик министер за правда. Дури и ден денес, кога ќе се видам со нив се смееме за таа епизода како тоа јас сум се дрзнал да му се спротиставам на Никола.
Но, за мене тоа не беше толку важно тогаш. За мене тогаш беше важно и беше вистинско изненадување сознанието дека Никола воопшто и никогаш не сакаше да го продаде Охис. Неговата примарна цел тогаш, а тоа се покажува и во многу од неговите наредни постапки денес, била како да прикаже една розева слика за себе како човек кој се грижи за народот. Човек кој се грижи за вработените, човек кој ја брани Македонија, па ако треба и од странски шпионски служби.
И верувајте ОН ќе направи се за да покаже дека ние не сме македончиња, туку дека ние сме МАКЕДОНЦИ. Но неговите постапки и тогаш, и сега, беа со една единствена цел, да се прикаже лажна слика кон народот, да се излажат граѓаните, за да се задржи популарноста. После таа седница Охис се продаваше повеќе од 12 пати, и веќе не следев. Сега сме веќе 2015 година уште се зборува за продажба, па сега не цел туку на делови.
Нерешителноста и стравот на Никола, да спроведе вистински реформи во конкретниот случај со продажбата на Охис го прикажува неговиот страшлив карактер. Карактер на човек кој својот страв го прикрива со лажна и вештачка маска на популарност на патриот, спасител на македонскиот народ, историчар и директен потомок на Александар Велики. Неговите неодговорни постапки ги доведоа вработените во Охис и нивните семејства со години да бидат во агонија мислејќи дека Никола правел се, но ете не е до него, немало заинтересирани инвеститори.
За жал, вистината е сосема поинаква. Никола никогаш не сакаше да го продаде Охис, и не го интересираше што ќе се случи со вработените. Него само го интесираше, а тоа веројатно и денес го интересира, како да спречи да му се појави НАРОД пред Владата. Но мислам, дека оваа година НАРОДОТ нема да си отиде од пред Владата, Никола. И тоа нема да бидат само вработените во ОХИС, ќе ти дојдат СИТЕ пред Владата Никола, ќе ти дојдат СИТЕ!
Владимир ЛАЗАРЕВИК,
24 март 2015 година