Кога народот конечно ќе го каже своето, пропагандата засекогаш ќе замолкне!

by Фокус

Текстот е објавен на трети јуни 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 831

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Во изминативе две децении плурална историја, горе-долу сите влади ги красеа одликите: да ја партизираат администрацијата (со што правеа поданици од своите членови); да ги тајат изворите на финансирање на партијата и изборните кампањи (со што по дефиниција беа коруптивен елемент ); и да наоѓаат разни финти како да ги имаат под свое медиумите (за да ја разубавуваат нивната „реформска“ политика). И така, транзицијата како и реформите станаа вечен и бесконечен наш придружник. Транзицијата е латински израз што означува премин, ама ете ние никако да преминеме… А каде?! Веќе ќе заборавиме и каде сме тргнале!

Реформа, исто така со латински корени, има значење на промена, преобразба, преуредување, ама кон подобро. И сега, како бре, ние со децении транзитираме, а никако да стигнеме таму кај што сме тргнале. Притоа и се преобразуваме ем преуредуваме, ама се кон полошо. Кој е вирусот во системот? Партиските елити, ќе да се!

Можеби некој ќе ми забележи дека нормално е „топлото гомно повеќе да смрди од ладното“ ама без грам сомнеж, без никаква дилема, морам да признам дека оваа портокалова дружина ја доживувам како најлицемерната партиска „групировка“ што сме ја имале, која сите горенаведени маани на претходниците велелепно ги надгради и прошири, а при тоа неподносливо агресивно глумеше наива од Генералиќ, градејќи некаков мит за чесност со сите алатки, дозволени и недозволени, од демократски агол земено. Да, сосема конкретно, овие се најопасните што до сега сме ги имале!

НОСТАЛГИЈА ЗА ВРЕМЕТО ПРЕД ГРУЕВСКИ

Ако СДСМ го постави моделчето на ваквите победнички дострели, ВМРО-ДПМНЕ со Љубчо како лидер, не се снебиваше кога го прозиваа да им признае дека „И вие така правевте“. Демек, тој тежнеел да ги прекопира, ама приговараше зошто оригиналот ѝ се лути на копијата. Проблемот е што Груевски се обидува да се прикаже како новитет на нашата транзициска продукција.

А толку ги надмина што почнувам со носталгија да се сеќавам на годините пред 5 јули 2006-та. И тоа уште повеќе ми кажува до каде забегала демократијава во Македонија, кога режимите на Бранко и Љубчо, кои најжестоко сум ги критикувала, сега ми делуваат далеку од добри, но, сепак, помалку страшни од портокаловата виртуелна стварност, која ни ја проектираат преку нивните, манијакално неограничени во количина- пропаганда. Има повеќе, ама ќе набројам во оваа пригода само неколку забеганости на дпмнеовци што ги доживувам како навреда на интелектот!

ПРВА НАВРЕДА Да, пропагандата е второто има на ДПМНЕ – Грујова. Тука му нема рамен, дури е и глупаво да се споредува со било кој претходник. Добар дел од овие ПР проекти ми беа толку бесмислени за фрлање народни пари во кризни времиња, при што ем ја задолжуваа земјата за наредните 10 поколенија, ем упорно нѐ мафтосуваа колку нѐ кошта оваа нивна „игранка“. Што секој нормален човек, кој не е дел од партиско-коруптивните сеанси, би требало да го навреди до коска. Оти мислат дека со игнорирање на бројните сомнежи и прашања, со закани со тужби, само затоа што имаат апсолутна, неограничена власт, постигнале успех – не убедиле во полезноста на глупоста!

ВТОРА НАВРЕДА Треба да немаш ни ронка срам, чест и принципиелност, па да изјавиш дека „А1 не е телевизија, туку политичка партија во коалиција со СДСМ,. Ете тоа го обнароди гласночитачот дпмнеовски, Александар Бичиклиски, без да прочита, оти не му напишале нормално, што се Сител и Канал 5? Телевизии?! Можеби заборавиле во портокаловиот штаб, дека Ѕинго и Стојменов се газди на овие две телевизии. Дека нивните партии се во коалиција со ДПМНЕ. Но не се во притвор, па затоа, изгледа, се смета дека овие телевизии се телевизии, а „тази“ А1 не е телевизија?! Е, Љубчо барем ќе си кажеше – „И вие така правевте“ ама нововмровциве сакаат да нѐ „онадуваат“ во здрав разум. Да, откако постојат приватниве телевизии, газдите се „фрцкале“ и со едни и со други. Појавата е стара, од Бранково време, ама Грујо заслужува „бел бумбар“ оти црн никогаш нели не му доделиле, за надградба на овој шемаџиски проект до „реформски“ висини, а притоа глуми лудило!

ТРЕТА НАВРЕДА „Ова е скандал! Тука се работи за конфликт на интереси и за сомеж за финансиски малверзации! Радмила поставува своја золва за шеф на финансии!“ – ќе нѐ информира Бичиклиски и ќе остане жив, оти не ни предочи ниту еден документ за евентуални матни зделки. Патем, секогаш ми делувало забегано кога партија на власт кука по партиски пресови, иако ги контролира буквално сите институции. А, што е навредата? Па, кога ќе се сетам чии жени, браќа, сестри, братучеди, золви, јатрви, баџанаци од портокалова провиниенција се вдомија на државни јасли, а притоа да вриснеш СКАНДАЛ за золвата на Рада, е тоа е будалска работа. Освен ако не се убедени дека за нивните роднини и семејства не важат стандардните правила за конфликт на интереси и непотизам. Ама, тогаш нека го стават тоа во закон, и нормално, нека удрат една пропагандна кампања дека е тоа уште една голема „реформа“!

ЗАБЕГИТИС ТОТАЛИТАРИС!

ЧЕТВРТА НАВРЕДА „Бранко крие имот на островот Корчула!“ – е дозволена тема за портпарол, ама „Груевски прикрива дека купил шест станови, во периодот 2000-2002“ е по дифолт за тужба за клевета. Е, ова чудо портокалово, со катадневни најави за тужби за клевета на партиски портпароли, е веќе не за навреда, туку како сериозна опасност по демократскиот амбиент. За дијагноза – забегитис тоталитарис!!! Да се осудат пратеници за прашања упатени на високи вмровски функционери (Јани Макрадули по тужба од Мијалков ), е својствено за диктатури. Ама, овие се преправаат дека се ѓоа демократи! Дури и прашањето на Гордан Георгиев: Дали од силните пари потрошени за владини кампањи од распишувањето на изборите до сега – 1, 8 милиони евра, се финансира партиската кампања, не се ни потрудија да ни објаснат, колку се ако не толку, да презентираат податоци пред јавноста, туку саде се пофалија со тужба за клевета против Георгиев. Туго мори „реформска“ демократијо!

Но, покрај веќе „нормалната“ портокалова алатка – да се тужи портпарол на партија, Груевци веќе реков не се „снебиваат“ да тужат и за поставени прашања. Ете, токму деновиве разбравме од Стевче Јакимовски дека Гордана Јанкуловска го тужела за клевета, затоа што јавно ја прашал, како успеала таа да добие стан во 2001, кој бил наменет за млади брачни парови, кога таа не била во брачна состојба!?

Значи, да резимирам, ако сдсмовците ја практикуваа филозофијата „некои прашања не заслужуваат одговор“ ВМРО -Грујовистичка ја надгради, пардон ја изреформира во 100 чекори, дека „сите непријатни прашања заслужуваат тужба за клевета“. Е па, почитувани, ако за прашања се добива тужба за клевета, а ова судство обоено во џиш портокалово гарант ќе аминува сѐ што ќе им поднесат молерите што ги бојадисаа така, и  ако портпароли е нормално да бидат бомбардирани со тужби, тогаш единствено ми паѓа на ум, доколку евентуално, а не дај Боже, ја задржат власта и после 5 јуни, тогаш ќе треба да бараме политички азил некаде во Европа. Но, види белја, најавија многу строги казни и за тоа, па „ако победат реформите“ ќе мора да се реформираме сите и да бидеме како ТВ ѕвездите на Сител и Канал 5, или ќе нѐ дислоцираат зад решетки!

ПЕТТА НАВРЕДА Меѓу најблесавите заебанции што ги слушаме од Груевци, дефинитивно ја прогласувам онаа за дебатите и предизборните лидерски дуели како една безмалку „сувишна“ направија на демократијата.

„Бранко Црвенковски на овие избори одби да биде носител на листа и да се соочи со дуелот со граѓаните на Република Македонија“ – ќе ја извитопери смислата на дуелот, Груевски. Тезата ќе ја прошири и надгради, Јанкуловска, просветлувајќи не дека дуел не бил потребен со политичките противници, бидејќи нејзината партија била меѓу народот. Со други зборови, дуел треба да имаат кандидатите со народот, а не меѓу себе!? Небаре тие од демократиите со вековна традиција избегнуваат „дуел со граѓаните“!!!

Кога човек кој дипломирал економија во Штип ќе пласира вакво објаснување на демократските текови, ај ќе најдете можеби простор и за прошка, иако, ако тој е премиер, ситуацијата е посериозна. Но, кога вакви будалаштини ќе излезат од устата на некој што дипломирал на Правниот факултет во Скопје, а магистрирал на „Јуниверзити оф Кент“ од Кентербери Велика Британија, тогаш логично е да прашате, иако прашањата се опасни по живот: Како не ѝ е срам на Јанкуловска?

БРИТАНСКА ШКОЛА – БАЛКАНСКИ СМЕР!

Туку, што знаеш, може Јанкуловска дошла до епохално откритие по демократијата, кое потоа како вирус постапно ќе се шири низ светот. Ќе прогледаат сите, дека предизборните дуели биле нешто штетно и сосема непотребно. Но, кога сме кај срамот, имам дилема оти првата полицајка во својата работна биографија не ги навела сите свои професионални ангажмани. Ќе навезе на веб-страницата на МВР дека била шеф на кабинетот на министерот за финансии, Груевски, а од септември 2004 година била генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ до нејзиното предложување за министер. Е, па, оти не се пофалила дека била претседател и на УО на Нова платежна картичка (НПК), ем во АНАЛИТИКО АИ, каде еден од сопствениците бил актуелниот телохранител на Мијалков?! Не се срами „ваљда“ од овие свои ангажмани!?

Всушност, министерката чија омилена фраза е „согласно уставот и законите“ а која најчесто сега во кампањава е во друштво на Амди Бајрам, во стилот: Британска школа – Балкански смер, согласно ваквото нејзино поимање на правната држава – секој што добил кривична од нејзиниот ресор го третира како лице од крим-евиденцијата на МВР. Така реагираа после кривичната против Бучковски, или, пак, даваа платени огласи за криминалот на  „лицето З.З. (Зоран Заев)“ што уште веднаш го прогласив за моделче од модната сезона зима – пролет 1948-49! Не се исчудував зошто за мадам Пепи отиде на гости кај Миленко, туку повеќе се крстев – како може „паталец“ како него, кој лежел во притвор со месеци, секој притворен сега да го третира како криминалец!? Како и Велија е сега!

Но, лицемерието нема крај. Или, можеби, Љубисав Иванов Ѕинго е од докажаните дисиденти на комунизмот, штом на надлежниот за олигарсите во ДПМНЕ-Грујова, Влатко Ѓорчев, му е зад врат, втор на листа?! Влатче не би прифатил да се тандем со Ѕинго доколку е така како што клетите комуњари го третираат кратовскиот феудалец, пардон – дисидент!

До каде им оди комоцијата и ароганцијата од апсолутната власт, покажува и сцената од Прилеп. Откако золвата на Рада, се извинувам кумашинот на Груевски, Зоран Ставревски, ќе обзнани на митинг дека се изградени сите патишта во прилепско, па и ќе наброи дел од нив, пет минути подоцна, Груевски сите овие „изградени“ патишта ќе ги наброи како дел од Манифестот, кои допрва треба да се градат!? Да не се гадеа од дуелите, можеби ќе требаа да се соочат кумот и кумашинот, па да разбереме што е изградено, а што допрва божем ЌЕ се гради. Да им кажеа, пак, од СДСМ дека некој лаже, гарант ќе следуваше најава за тужба за клевета!

И, да повлечам црта – иако сите досегашните постави на „Илиденска бб“ не беа некакви демократски проблесоци, сепак, оваа Грујова ДПМНЕ ја „реформираше“ и така фрагилната демократија, така што ја исчаши до пародија. И, уште најбезобразно притоа се „продаваат“ за најчесни!? Ако победат „реформите“ односно ваквите опасни тенденции, тогаш ни следува уште „пореформаторска“ иднина. Нема да смее да се искаже било каков сомнеж кон власта, уште помалку да се постави љубопитно прашање.

Како што „дуелите со народот“ ги прикажаа како подобра замена за ТВ соочувањата, овој светоглед сигурно ќе прогресира до откритието дека и сите партии кои изгубиле во „дуел со народот“ – треба да се забранат. Пропагандната еуфорија ќе мора да нарасне уште повеќе, па ќе биде неопходно да воведат и нов арач, нови казни. Најблескавите мегафони на Пастирот, постапно ќе бидат потиснати од големата конкуренција – кој повеќе е вљубен во „реформаторот“!

Оттаму, за Македонија е од животна важност да не победат „реформите“. Ова е таков историски момент, кога е помалку важно кој ќе дојде, бидејќи е најопасно една апсолутна власт да добие уште еден мандат… особено на шарени лаги за реформи, убедувајќи нѐ со Гебелсовска пропаганда платена со наши пари, дека е смртна закана да искажеш сомнеж во неа, а притоа заканите, стравот, уцените, тужбите се прогласуваат за „реформска“ направија!

Поврзани новости