„Многу од денешните девојчиња изгледаат како курви, носат мини или нападна тоалета, одат на штикли деноноќно, имаат дебели слоеви шминка, дречливи кармини, накити, вештачки нокти и трепки, фризирани коси – наликуваат на пирамиди од потрошено време и пари за да бидат тоа што не се“, ми вели едно момче.
Девојките веројатно користат едно чудо „реквизити“ со кои ја покриваат празнината и незадоволството во себе и од себе. Дали се и тие огледало на времето што го живееме? Дали се рефлексија на „стилот“ на новата „елита“, која никако не те признава за жив без „фасадно“ менување, по нејзин „вкус“?!
Ако одбегнувате да се погледнете во огледало пред да излезете од дома, опкружувањето ќе ве потсети кои сте. Луѓето и местата околу вас, омилените улици, плоштадите, храната, весниците, рекламите – тоа сте вие! Можете да ги извадите и искршите сите огледала, но стварноста што е дел од вас – не можете да ја апстрахирате, таа е вашето огледало!
КИЧОТ СТАНА ПРАВИЛО
Сите имаме фази во кои сакаме да експериментираме со својот изглед, за по некое време да ги најдеме својот стил и содржина. Но, кај нас изгледа дека има само една насилно наметната фаза – очајно лоша имитација, обично на она што доаѓа од Запад.
Се сеќавам и на Канскиот фестивал, каде што, пред многу години, чекорев на црвениот тепих во едноставен црн фустан со пуштена коса, без трошка шминка, и каде што по премиерата, истрчав на плажа, боса во песок, од што нашава „елита“ веројатно би се згрозила.
Но, модерниот кичерај ни наметна нови правила за „убаво“ и за „однесување“, што за мнозинството стана препознатлив и прифатлив стандард. Барокните фасади, галиите, дискотеките, турбофолкот, спомениците и орнаментите во главниот град направија „бум“ и во нашите глави, но и во нашите шифоњери и фиоки. Кич-револуцијата за нашиот „модерен човек“, како утеха за духовното, идејното и менталното ропство и сиромаштија!
Некои што ме знаат од поодамна ми велат дека не личам на себе. Ме паметат ведра и полна со ентузијазам, расположена. Денес, велат, не можат да ме препознаат зашто моите пишани и искажани мисли биле полни критика и со фрустрација. Во право се. Јас никако не можам да се вклопам во нашиот „модерен ток“, исто онака како што не можев ни порано, во кој било претходен „филм“.
Но, и тогаш и сега – јас сум истата. И тогаш пишував, но малкумина „ме читаа“ зашто мојата физичка убавина и актерска енергија го засенуваа она што го мислев, зборував и пишував. Но, ни тогаш, а ни денес, па ниту до крајот на животот не ќе можам да ја разберам потребата да се биде некој друг, а не тоа што си. Мојот ентузијазам е обратнопропорционален на моите сеќавања. Ако порано кичот беше исклучок и отскокнуваше од опкружувањето, денес тој е правило – и наша реалност!
АНТИЧКА ВИСОКА МОДА
Велат дека „среќата“ не зависи од опкружувањето и дека човек не треба да е засегнат од збиднувањата што се „надвор“ од него, како „барок“ стиропор, нафракани жени во минисукњи и со штикли од (лажни) брендови, и мажи со златни ланци и ланчиња заработени од криминал, што секоја вечер отвораат шампањи од 12.000 денари.
Дали овие „збиднувања“ или сиромаштијата што секојдневно ја среќаваме на улиците влијаат врз мојата и вашата „среќа“? Без разлика на одговорот, тие се наше огледало, во кое јас, а верувам и многумина од вас, не сакаат да се огледаат!
Зар овие слики на нашиот живот не ве допираат и вознемируваат, лично и општествено, како луѓе? Станавме поим за невкус, општество со изгубени критериуми, за кои мнозинството ниту сака да чуе, ниту ги почитува, а ниту го засегаат. За некои, само тоа што постојат и се чувствуваат комотно, е сето она што им е доволно. Зошто тогаш се важни мислењата на некои што се обидуваат да мислат (поинаку)?
Зошто е важно да се препознае оригинал од плагијат? Зошто е важно да се има објективен критериум? И чуму критики и елаборати за цивилизациски и културолошки вредности, кога големото мнозинство е (навидум) среќно со „античка висока мода“, под слоеви од шминка како паштета врз лицето, со кичерајски тоалети, лепени нокти, силикони, нацуцулени како декор во пејзаж од евтин кич?! Затоа што секогаш е потребно да постои глас на ум и разум, за да не одлетаме или потонеме сосема.
Тоа што нѐ воодушевува е она кон што се стремиме. Многумина се воодушевени од новиот изглед на плоштадот во Скопје и од скопската „мода“, од она што никогаш не биле, а ниту ќе бидат. Јас, пак, кога одам на гробот на мајка ми, минувам покрај гробот на Блаже Конески и ја дишам со восхит неговата „проста и строга македонска песна“. Додека човек не умре, не можел да се прогласи за среќен, вели Монтењ. Судниот момент кажува дали нашите аргументи во животот биле празни зборови или излегувале од дното на нашето срце. Кога ќе нѐ нема, сѐ ќе се разјасни!