Текстот е објавен на 6-ти февруари 2009-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 710
Пишувал
Зоран ДИМИТРОВСКИ
Владата на Никола Груевски во спектакуларна еуфорија на вознесување на нашиот антички идентитет, од Република Турција го бара саркофагот на Александар, кој се наоѓа во Археолошкиот музеј во Истанбул за да го изложи во Македонија, дознава „Фокус“!
По најавата за изградба на грандиозен споменик на најголемиот војсководец од антиката во центарот на Скопје, чии димензии се држат во најстрога тајност (34 метри!?), именувањето на скопскиот аеродром, а од неодамна и на автопатот и скопскиот стадион со имињата на Александар и неговиот татко Филип Втори, саркофагот на Александар треба да претставува дополнителен патриотски адреналин кој треба да налее атомско гориво во македонската етно-национална машина.
КОПИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА
Според информациите на „Фокус“ од сигурни извори во Министерството за надворешни работи, до Владата на Република Турција е упатено официјално барање за таа цел, на кое се уште нема одговор. Мелпомени Корнети, амбасадор на Македонија во Турција, не сакаше да ги потврди или да ги демантира овие информации, поради фактот што за секој разговор со новинари и е потребна дозвола од министерот за надворешни работи.
Неофицијално, пак, во македонското МНР дознаваме дека Турците покажале разбирање за нашата желба да го имаме саркофагот на Александар, но притоа ни било сугерирано дека постојат повеќе причини зошто ова вредно парче мермер не може да биде изнесено од Турција, како што тоа, на пример, беше направено со фамозното црешово топче, кое по повод сто години од Илинденското востание ни беше дадено за изложба во Македонија во 2003 г.
Причините што саркофагот на Александар не може да дојде во Македонија лежат во фактот што станува збор за археолошки и уметнички предмет од исклучително значење кој е дел од скапоценото културно наследство на Турција, кое не може да биде изнесувано надвор од земјата.
Притоа, станува збор за мермерен саркофаг габаритен и тежок повеќе стотици килограми, кој досега го барале и други држави, но неговото изнесување не било дозволено од страна на турската влада. Сепак, она за што Турците биле расположени да ни излезат во пресрет, е Македонија да добие дозвола да направи копија од фамозниот саркофаг на Александар, која би можела потоа да биде изложена во нашата земја.
Дали за тоа би бил изграден посебен музеј или мавзолеј, или пак саркофагот би бил изложен во Археолошкиот музеј на Македонија, засега никој не сака да шпекулира.
Паско Кузман, директор на Управата за културно наследство, за „Фокус“ вели дека е точно оти со Турците се разговарало во врска со ова прашање, но разговорите се воделе токму за дозвола да направиме копија од саркофагот на Александар, а не за негово изнесување од Турција.
Пензионираниот професор по археологија д–р Иван Микулчиќ, автор на повеќе капитални дела за античка Македонија, за нашиот весник вели дека е вообичаено да се прават и да се изложуваат копии на оригинални уметнички дела или археолошки пронајдоци, а денес ретко кој во светот ги изнесува оригиналите на изложба.
Дури и фамозната Мона Лиза на Да Винчи во Лувр е копија на оригиналната слика која се наоѓа во трезор во музејот, вели тој. Идејата копија од саркофагот на Александар да биде изложена во Македонија, д-р Микулчиќ ја смета за исклучително интересна и возбудлива. Таквата копија може да биде направена во Турција, а потоа да биде донесена во Македонија, а ако биде изложена тука може да привлече голем број туристи.
Но, додека далеку од очите на јавноста се одвиваат разговорите и кореспонденцијата меѓу Турција и Македонија и додека Владата на Груевски очигледно игра на факторот изненадување, лансирајќи што поспектакуларни сензации поврзани со античкото минато на Македонија, факт што ги збунува помалку информираните во оваа приказна е кој е всушност фамозниот „саркофаг на Александар“ и како тој доспеал до Турција?
Познато е, имено, дека археолошката наука со векови трага по гробот на Александар Велики (Македонски) кој е енигма цели 24 века, и до денешен ден сѐ уште не е пронајден, па затоа е интересен одговорот, доколку не е лоцирано местото каде што денес почива Александар и ако не се пронајдени никакви остатоци, како тогаш може да постои неговиот саркофаг уште изложен во музеј во Турција!?
САРКОФАГОТ ОД СИДОН
Во случајов станува збор за мермерен саркофаг кој во 1877 г. го пронашол турскиот антиквар и сликар Осман Хамди Беј во античкиот град Сидон, кој се наоѓа во денешен Јужен Либан. Во тоа време (19. век), како што е познато, овој дел од Блискиот Исток, како и Египет, биле дел од Отоманската империја. Хамди Беј вршел ископувања на старата кралска гробница во ридовите зад Сидон и бил изненаден кога откопал неколку богато украсени мермерни гробници од времето на Александар кои им припаѓале на значајни личности од Сидон. Саркофазите ги пренел со брод до Истанбул, каде што биле јавно изложени.
Еден од мермерните саркофази отскокнувал по својата убавина и, како што пишува Џим Саундерс во книгата „Гробницата на Александар“, особено му фатил око на Хамди Беј и погодил една жичка во неговата имагинација.
Овој саркофаг станал познат како „саркофагот на Александар“ и привлекол голем број посетители во Истанбул. Со декрет на султанот, Хамди Беј го основал Империјалниот музеј во Истанбул, чија главна зграда започнала да се гради уште во 1881 г., а за јавноста бил отворен во 1891 г. Денес саркофагот се наоѓа изложен во Археолошкиот музеј во Истанбул, кој е дел од кралската палата Топкапи, а Хамди Беј бил толку инспириран од ова откритие што и на влезот на зградата на музејот прикажал мотиви од мермерната гробница на Александар.
Меѓу првите европски археолози што ја посетиле изложбата во музејот била Гертруда Бел, во јуни 1898 г. Таа цврсто верувала дека станува збор за саркофагот на Александар Велики, па сметала дека дури и човечкиот череп пронајден во гробницата му припаѓа на големиот македонски освојувач. Кога Бел го идентификувала саркофагот од Сидон како гробницата на Александар, се верувало дека конечно е откриено последното место каде што почивал големиот освојувач. Но и покрај почетната еуфорија, археолозите набрзо откриле дека непознатата гробница не била на Александар!
Историчарите и археолозите денес веруваат дека мермерниот саркофаг на Александар изложен во музејот во Истанбул, најверојатно му припаѓал на кралот на Сидон, Абдалоним, односно бил направен за него една година пред неговата смрт.
Александар го освоил античкиот град Сидон во 332 г. пред нашата ера (П.Н.Е.) и по совет на својот верен пријател Хефастион, го именувал Абдалоним за негов владетел. Кралот на Сидон, кој умрел во 311 г. П.Н.Е. особено го обожувал Александар и им се восхитувал на неговите воени победи, па се верува дека ја нарачал изработката на саркофагот во негова чест.
Скулптурата на саркофагот ја прикажува битката кај Ис во 331 г. каде што војската на Александар се бори против Персијците. Познато е дека во битката кај Ис, Александар го поразил персискиот цар Дариј Трети.
Германскиот археолог Карл Шефелд докажал дека овој саркофаг морало да биде направен пред смртта на Абдалоним, поради класичниот стил на изработка, кој подоцна бил изменет. Саркофагот е направен во форма на храм во хеленистички стил.
Се верува дека врз него работеле шестмина јонски скулптори (поради различниот стил на длабење), а направен е од два големи блока мермер кој тежел околу петнаесет тони. Речиси е сигурно дека мермерот бил донесен од планината Пентеликон, која се наоѓа североисточно од Атина, зашто станува збор за мермер кој се употребува единствено за најважните градби и скулптури.
Ист ваков мермер бил употребен и при изградбата на познатиот атински Партенон, па затоа саркофагот од Сидон ја покажува моќта и богатството на неговите сопственици.
На предната долга страна на саркофагот, мермерниот барелјеф го прикажува Александар како јава на својот коњ Букефал, носејќи кожа од лав врз главата и се подготвува да фрли копје врз персиската коњаница. Вториот до него, според археолозите, е Хефестион, побратимот на Александар, а третата личност се идентификува како Пердика.
На другата долга страна од саркофагот прикажан е Александар во лов на лавови заедно со кралот на Сидон и со Персијците. Сцените на покусата страна од саркофагот прикажуваат исто така лов на пантери и лавови, но го доловуваат и убиството на Пердика, како и сцена од кралот Абдалоним во битка.
Скулптурата и денешен ден се наоѓа во одлична состојба, а восхитува фактот што се зачувани и дел од оригиналните бои на мермерот (т.н. полихромија). Некои археолози мотивот на мермерниот сандак го споредуваат со фамозниот Мозаик на Александар од Помпеи, кој ја прикажува истата битка меѓу Александар и Дариј.
Невообичаената форма на саркофагот, според Саундерс, сугерира дека тој бил инспириран од погребниот одар на Александар, колата со мртвиот војсководец која поминала крај Сидон во доцната 321 г. П.Н.Е., на својот пат од Вавилон до Мемфис. Поради тоа, ќе заклучи авторот, саркофагот на Александар најверојатно бил артистичка трансформација на александровиот совршен одар во форма на саркофаг, а Абдалоним, последниот феникиски крал на Сидон, е неговиот нарачател.
Но, постои и алтернативна интерпретација за тоа кому навистина му припаѓал овој саркофаг. Според оваа верзија, саркофагот бил направен за многу позначајниот владетел од тоа време Мазеј (Мазеус). Тој бил персиски благородник, кој по поразот на персискиот крал Дариј во решавачката битка кај Гавгамела (денешен Ирак) во 331 г. П.Н.Е., својата верност му ја пренел на Александар, па бил именуван од него да раководи со Вавилон.
ПОГРЕБНАТА КОЛА НА АЛЕКСАНДАР
Како и да е, археолошката наука не може да понуди докази дека мермерната гробница изложена во археолошкиот музеј во Истанбул навистина е саркофагот на Александар, иако така се нарекува, но со својата убавина и раскош, со боите на мермерот и прикажаниот барелјеф, со целата магија што ја предизвикува, во него, велат археолозите, сигурно е присутен духот на Александар.
Токму тоа верување, таа митолошка опсесија, очигледно ги поттикнало и нашите археолошки, културни и политички авторитети да побараат парче од ова светилиште (неговата копија) да биде изложено во Македонија, без оглед на фактот што по остатоците од кралската некропола на најголемиот освојувач од историјата, се уште се трага.
Но, каква е, тогаш, вистината за гробницата на Александар, за местото на неговото последно почивалиште? Каде почива телото на овој најголем војсководач во историјата, чие дело поприма свети димензии и дотаму го вознемирува духот на актуелната власт во Македонија и во Грција, што дури и дневната политика на официјално Скопје и Атина, кои се длабоко вкопани во ровови како последица на битката за името на нашата држава, се потпира на еден митски натпревар на изградба на споменици, докажување на античкото потекло и полагање ексклузивно право врз наследството на древна Македонија.
Од историјата е познато дека Александар умрел во Вавилон вечерта на 10-ти јуни во 323 г. П.Н.Е, на 33 годишна возраст. Иако постојат и теории дека можеби бил отруен, денешните лекари веруваат оти умрел од опасен стомачен вирус, кој го врзал за кревет 10-тина дена.
По неговата смрт осумтемина генерали се договориле да ја поделат македонската империја и секој од нив да ја владее својата територија како вазал на кралската куќа на Македонија. Аристандер, ѕвездочитецот и јасновидец на Александар, изјавил дека онаа земја каде што ќе биде погребан Александар ќе доживее благосостојба, среќа и богатство, што го зголемило ривалството меѓу генералите.
Самиот Александар претходно јавно изразил желба да биде погребан во познатиот храм на врховниот египетски бог Амон Ра, кој се наоѓа во далечната оаза на античкиот град Сива, во египетско-либиската пустина. Александар го посетил ова светилиште во 331 г. П.Н.Е., по освојувањето на Египет. Свештениците, кои го предвиделе неговото доаѓање, го пречекале како син на Амон Ра, како божество.
Но, регентот Пердика, кој му бил лојален и на неговиот татко Филип Втори, ја изневерил оваа желба на Александар, и наместо во Сива, наредил телото да се пренесе во Македонија за да биде погребано со неговите кралски претци. Подготовките за погребување на Александар се одвивале две години. На тоа работеле врвни египетски мајстори и балсамери.
Балсамирањето на телото на Александар е фантастично опишано во романот „Александар и смртта“ (на писателот Слободан Мицковиќ), во кој преку сецирањето на трупот на војсководачот, се доловува мигот на распаѓањето на македонската империја.
Римскиот историчар Диодор Сикулски, пак, кој пишувал во првиот век П.Н.Е., дава најдетален опис на подготовките за погребот и на погребната кола што била направена за пренесување на телото на Александар:
„Првин со чекан направиле златен ковчег, според големината на телото на Александар; него до половина го исполниле со миризливи материи, за да шири пријатна миризба и да го сочува телото од распаѓање; над ковчегот поставиле златен капак, така точно прилагоден, што ја окружувал целата надворешна страна (на ковчегот). Над сето ова префрлиле порфирана прекривка, прекрасно извезена со злато; околу неа се наоѓало оружјето на починатиот, со што се давал увид во делата што тој ги извршил. Потоа довлекле кола, на која што требало да се пренесува телото; на горниот дел од колата се наоѓала златна сводеста ‘одаја‘, направена од скапоцени камења; таа била долга осум, а широка десет лакти… Од страните на колата над која што се наоѓала целата оваа градба стрчеле по две оски, на кои што се вртеле четири персиски тркала, чиишто пречки биле позлатени, само оној дел од тркалата, што допирал до земјата, бил железен; крајните делови на оските, што стрчеле биле од злато и на нив имало златни лавовски глави, чиишто усти држеле копје;… Имало четири процепа; на секој од нив бил прицврстен четворен ред јарем; на секој јарем биле врзани по четири мазги, така што вкупниот број на мазгите бил шеесет и четири; тие биле највнимателно одбрани според големината и силата. Секоја мазга на главата имала позлатена круна, од двете страни на устата им виселе по две ѕвона; околу вратот имале ѓердани од скапоцени камења.“
КИДНАПИРАЊЕ НА ТЕЛОТО
Всушност, никој од античките историчари не споменува употреба на камен, мермерен саркофаг, иако телото требало да биде безбедно транспортирано повеќе од 3.000 километри. Од Вавилон, погребната кола патувала на север крај реката Еуфрат, а потоа и по течението на реката Тигар.
Илјадници луѓе крај патот ја придружувале процесијата. Се патувало бавно, со брзина од 15 километри на ден за да можат што повеќе луѓе да му оддадат почит на Големиот Александар. Преку сириската пустина, поворката стигнала до Александрија на Ис (денес Искендерун, Турција). Но таму била пресретната од војската на друг генерал на Александар, Птолемеј, кој владеел со Египет.
Тој го киднапирал телото на освојувачот и наместо кон Македонија, ја натерал поворката да оди на југ, кон Египет. Птолемеј го однел телото на Александар во Мемфис, главниот град на фараоните, каде што планирал таму да остане неколку години, сѐ додека во Александрија не биде изграден посебен мавзолеј.
Пердика собрал армија да му се одмазди на киднаперот и да го врати телото на Александар, но некои од неговите офицери, поткупени од Птолемеј, попат го заклале регентот. Птолемеј подоцна го пренел телото на македонскиот крал од Мемфис во Александрија каде што подоцна бил презакопан и лоциран во кралската гробница на сите негови наследници кои владееле со она што останало од македонското царство речиси три века и сите биле погребани во мавзолејот, крај централната гробница на Александар во делот на Александрија кој се нарекувал Сома.
Но еден од неговите наследници, Птолемеј Десетти, наредил да се тргне златото од ковчегот на Александар и да се стопи, за да може да ги плати трошоците за армијата. Балсамираното тело притоа не било оштетено и останало во гробницата, но народот многу негодувал.
Во тоа време, Рим почнал да освојува територии на Исток. Источно-римскиот владетел Марко Антонио се оженил со последната кралица на птолемеите Клеопатра Седма. Познато е дека под закана на западно-римскиот император Октавијан, двајцата љубовници се самоубиле и Египет станал римска провинција. Тогаш Октавијан, кој ја добил титулата Август, влегол во Александрија и ја посетил гробницата на Александар, при што му оддал почит на големиот војсководач.
И Јулие Цезар и Марко Антонио претходно, исто така му оддале почит на Александар, посетувајќи го неговиот гроб. Подоцна сандакот бил покриен со еден вид кристал – алабастер, за да се заштити мумијата. Во првиот век по Христа, војниците на Калигула исто така ја посетиле некрополата на Александар, при што од неговото тело го извадиле оклопниот граден заштитник. Оклопот триумфално му го предале на Калигула, а овој подоцна го носел во свечени прилики.
На крајот од третиот век, римскиот владетел Септимус Север наредил да се запечати мавзолејот на Александар за да се спречи натамошно оштетување на гробницата и телото. Меѓутоа, неговиот наследник Каракала, повторно го отворил и во таа пригода со восхит и почит ја симнал од рамена својата виолетова царска руба и со неа го покрил телото на Александар, оставајќи му и други скапоцени подароци.
Причината што од 4. век натаму веќе не може да се најде никаква трага од гробницата на Александар Велики, според повеќе историчари најверојатно лежи во доаѓањето на христијанството во Александрија, разрушувањата на градот од војните, а подоцна и земјотресите.
Во 392 г. источно римскиот император Теодосиј го прогласил христијанството за државна религија, а градот Александрија станал христијански центар. Иако на почетокот не биле засегнати, набрзо паганските храмови и светилишта, каков што бил и мавзолејот на Александар, почнале да се претвораат во христијански храмови, а некои и да се уриваат насила. Голем број историчари поставуваат хипотеза дека во периодот до 397 г. анти-паганските сили ја разурнале гробницата на Александар.
Бискупот на Константинопол Јован Хрисостом (398-404), како реакција на тоа што се славеле само христијанските маченици, е првиот христијанин кој отворено запрашал: „Каде е гробницата на Александар? Покажете ми ја! Кажете ми го денот на неговата смрт?“, посочувајќи дека од нив нема никаква трага.
ВТОРИОТ „САРКОФАГ НА АЛЕКСАНДАР“
Заедно со александровата, во градот биле разрушени и гробниците на птолемеите, зашто сите тие биле сметани за божества, а на тоа место била изградена црквата Св. Атанасиј. Кога во 640 г. арапските муслимани ја зазеле Александрија, црквата ја претвориле во џамија. Во модерни времиња и оваа џамија била урната, а на нејзино место е изградена џамијата на пророкот Даниел, која постои до денешен ден. Под неа се наоѓаат катакомби кои се истражувани од археолозите со векови. Се верува дека под катакомбите се наоѓаат и делови од гробницата на Александар, но тие никогаш не биле пронајдени.
Цели 1000 г. или 10 века подоцна нема ниту трага ниту глас за местото каде што е погребан најголемиот освојувач во историјата. Во 1798 г., кога армијата на Наполеон Бонапарта извршила инвазија врз Египет, во дворот на џамијата пронашла тежок мермерен саркофаг. Однатре и однадвор овој саркофаг бил декориран со египетски хиероглифи. И овој саркофаг од локалното население бил нарекуван „саркофагот на Александар“.
Французите го качиле на брод за да го однесат во Париз, каде што сакале да го изложат и околу него да изградат споменик на Наполеон, за да ја споредат неговата моќ со онаа на Александар Велики. Но во 1801 г. Британците го зазеле Египет, од каде што ги истерале Французите. Британските археолошки експерти знаеле за саркофагот на Александар.
Тие го пронашле на францускиот брод, го симнале и го однеле во Лондон. Денес тој се наоѓа во Британскиот музеј. Во прво време, како што вели експертот по античка и грчка историја, Питер Лимбер, британските историчари и археолози, на пример, Едвард Даниел Кларк, верувале дека станува збор токму за гробницата на Александар, но неколку децении подоцна, кога Жан Франсоа Шамполион го дешифрирал египетското хиероглифско писмо, благодарение на Каменот од Розета, текстот на саркофагот можел да се прочита. Тоа открило дека овој саркофаг му припаѓа на фараонот Нектанебо Втори, кој владеел од 360-343 г. П.Н.Е. и во него никогаш не било положено телото на Александар Велики, иако за тоа се пределе најразлични легенди.
На крајот од 19. и во текот на 20. век, особено во шеесеттите години на минатото столетие, многу странски истражувачи и археолози вршеле истражувања во Александрија, барајќи ја кралската гробница на птолемеите и некрополата на Александар, но без резултати.
Како и да е, до денешен не само што не престанува потрагата по местото на кое почива најголемиот освојувач во историјата, туку одредени историчари и археолози го опишуваат тоа трагање како од времето на златната треска. Точното место на Сома, во Александрија, е предмет на бројни нови книги кои се појавуваат секоја година.
Човекот има изворна потреба да трага по своите корени. Очигледно, саркофагот на Александар, кој се наоѓа во Археолошкиот музеј во Истанбул, е ретко парче мермер кое симболично ја доловува таа врска со нашето античко минато.
Михаил САЛКМАН, американски поет за саркофагот на Александар:
РЕЛИКВИЈА ИЛИ БЕГСТВО ОД РЕАЛНОСТА
Михаил Салкман, американски поет роден во Чешка во 1946 г., син на Евреи настрадани во Холокаустот, кој избегал во САД, по посетата на музејот во Истанбул, еве што запишал за саркофагот на Александар:
„Она што го нарекуваат саркофаг на Александар лежи во музеј во градот Истанбул – реликвија, лага, благодет за изморениот турист кој се довлечкува внатре и гледа како неговата рака блеска со виолетова светлина во простор исполнет со мермерни сандаци. Тука мртвите и откопаните од гроб се воскреснати на камени постаменти и им се дава почит над заслуженото; и амбасадори и генерали, и оние што мислат да станат светци, кои се уште ловат лавови, фрлаат копја, мрежи, вечно чекајќи да дојде кралот, кој не е всушност тука, а неговите коски и платното во кои почивал одамна се исчезнати, кога умре од дизентерија во пустината и се уште личи на Бог.
Запад изобилува од празни гробови. Моцарт не е навистина закопан под каменот во Виена; да не е некаде во Прага? И споменикот на Едгар Алан По во Балтимор добива годишен подарок од виски и рози како да знаеме чии коски лежат под гробницата на улицата Грини.
Александар Велики не е сместен во овој турски мртовечки сандак декориран со бордура, тесна како мојот каиш. Се обложувам дека тој е задоволен од збрката што неговото многусложно име ја создава од нашето незнаење и тајната желба за празна крипта која претпоставува конечно бегство за нас.“
Лажна дилема
АНТИКА ИЛИ СЛОВЕНСТВО
Во Македонија е во тек полемика која се води дневно политички, околу тоа дали со величањето на античкото културно наследство не го пренагласуваме античкиот идентитет и дали на тој начин не се оддалечуваме од словенското потекло, оставајќи им го ексклузивно на Бугарите. Дури и претседателскиот кандидат на СДСМ, Љубомир Фрчкоски потрагата по нашиот антички идентитет во својата кампања ја употребува за да ја опомени власта. Таа, пак, се брани дека не ги запоставува словенските корени, а за антиката и за Александар вели дека се дел од нашето минато кое долго време во социјализмот било запоставувано, па затоа сегашната кампања изгледала пренагласено и тенденциозно.
Сепак, постојат неколку причини зошто преку ноќ воскреснувањето на Александар во режија на власта изгледа неискрено.
Прво, она што е очигледно, е употребата на реликвиите од античка Македонија, не за културно-историски, археолошки, туристички, туку за надворешно политички цели. Изградбата на споменици, именувањето на стадиони, автопати и плоштади по имињата на Филип и Александар, токму во овој миг, остава впечаток дека власта не сака да го реши компромисно спорот со Грците, што е услов за наше зачленување во ЕУ и НАТО. Не затоа што немаме право да ги славиме античките личности и симболи, туку затоа што изгледа како тоа да го правиме од инает на Грците и на светот кој не упатува на компромис. Конечно, ние не можеме да го добиеме натпреварот со Грците во изградба на споменици, печатење книги, снимање спотови и филмови. Тие имаат повеќе пари, нерви и пријатели во светот.
Второ, на лице е и внатрешно-политичка злоупотреба на антиката. Секому од нас му е јасно дека Македонците имаат крв и од своите антички претци, но митологизирањето на тој факт преку владината пропаганда е јасна манипулација со националните чувства на граѓаните. Поистоветувањето со најголемиот освојувач од историјата кај народот треба да создаде победничко чувство, не врз основа на економски прогрес и подобар живот, туку на историска симболика, што е вовед во невтемелена националистичка еуфорија.
Трето, власта троши огромни средства за пропаганда и кампања на македонското античко минато, без да определува приоритети во економијата, образованието, науката, и други дејности каде што во услови на криза парите би можеле да се трошат подомаќински.
Четврто, парите за овие цели се трошат нетранспарентно, при што постојат основани сомневања дека е можна корупција.
Петто, археолошките ископини, градењето споменици и враќањети и воспоставувањето на историското и културното наследство нужно е да се прави темелно и со помош на светската наука и експертиза, а не како што тоа ние го правиме, брзоплето,
Шесто, кај премиерот Груевски се препознава опсесијата со Александар Велики, како најголем војсководач од историјата, што говори за неговиот карактер како авторитарен водач и не е добро за имиџот на нацијата и државата.