Текстот е објавен на 26 ноември 2010 ноември во неделникот „Фокус“.
Пишува
Никола МЛАДЕНОВ
Не беше Грујо роден за тие тешки посети на држави големи. Тргна за Париз, аеропланот на пол пат му се расипа. Стигна во Лондон, хотелот му се запали. Ај, пуст да е, пуст да би останал… Кај појде, белја направи!
Но, и дома да седи, тешко е. Ако не верувате, прашајте го Ѓолета. Од толку дрва, што вредна рака преродбеничка посади, ровјата најде баш неговото да го столчи. Неговото, мале, неговото, најбујното ем омиленото. Пред прозорецот од работната му соба што вишнееше, дур Претседателот над идентитет загрозен бдееше. И, велат, паника немало, оти Ѓоле тогаш не бил во резиденцијата. Безобразници. Божем тој е оној што паника прави, смирен ем разумен на мајка, кому цела шума ќе му уништат, наместо дрво државничко да му дадат на раат да исплаче, како што прилега на Татко на сите граѓани, вклучително сета флора и фауна македонска!
И, што мислите, сето тоа е плод на случајност? Како да не. Сите овие несреќи, сите овие подметнувања и неправди кон нашите најголеми синови се одамна запишани во Анекс 2, член 6, параграф 8 од инкриминираниот документ Надеж, до кој бездруго ќе стигне и Бичиклиски. Откако Вечер ќе го објави, разбира се, оти тој прв дознава такви работи!
По ѓаволите, само во Брисел не се случува ништо особено. Ниту трага од некое малецко торнадо барем, кое, ако не повеќе, ќе го откорне тоа седиштето на проклетиот НАТО пакт. Мајка му стара, работи ли нешто оној Мартин Треневски, тој бард дипломатски, кој толку многу ветуваше од најрана младост?!
Ги оставивме, значи, да си истераат уште еден самит без наше присуство во нивните редови. Ги оставивме, а тие мислат дека нам ни наштетиле. Боже, каква наивност… Па, знаат ли тие, колку губат со тоа што без нас носат историски заклучоци? Ептен тесно ќе соработувале со Русија!? Да речеа дека Русија ќе има двегодишен мандат за управување со НАТО, без оглед што не е негов член, туку ептен рамноправен партнер… Е, тоа ќе беше историски самит. Ама, кој да рече? Како ќе речат, кога нас не немаат?! Да не имаа, ќе не имаа сите, топтан, до Ристо Никовски, на пример, па ќе се најдеше веќе некој да предложи нешто навистина историски значајно!
Но, наместо да се загрижат поради отсуството на нашите ненадоместливи човечки ресурси, тие пак ни се чаламат. Повторно ни го истопорија оној Апатаурај, да се глупира со ептен старомодни тези, од кои би се засрамил и Папуљас. Консензусот им бил голема вредност, чиниш златно правило!? Бати сојузот, кој не смее да носи одлуки на штета на барем три, а не, пак, на само една земја!!!
Меѓутоа, наместо да го остават Љубчота да говори, оти тој е по златото и неговите правила, повторно СДСМ се турка во првите редови!? Оти се многу бистри и секогаш имаат вистинско прашање за секоја прилика. Кога мисли оваа власт да не внесе во НАТО, државнички одговорно вреснаа тие и по кој знае кој пат му го накршија на Грујо ем дробна фамилија!
Очекувано, Пастирот беше на висина на задачата. Одговори смирено, со патриотска совршеност во изразот. Понекогаш мислам дека тој воопшто и не одговара на тоа недоквакано прашање. Имам впечаток дека кажаното А од СДСМ, предизвикува некое неверојатно ехо, кое потсмешливо вели: Еве ви го НА, уште вчера ќе ве внесев во НАТО, ако бев како вас, па не водев сметка за националните интереси!
Потоа, се знае, следува дузина пропагандни проектили контра предавничката агенда на Бранковци. За разлика од нив, кои за едно вошливо НАТО би го продале името, Груевски стои на браникот на Татковината и скапото достоинство ни го чува. Па макар никогаш и не влегле во НАТО. Што не може да ни се случи, оти и НАТО еден убав ден ќе се распадне, ако веќе не е и распаднато, ама, опседнатиот од многу важни дипломатски активности, Мартин Треневски, се уште не стигнал да јави. На крајот на краиштата, и се уште да не е распаднат, кај да е – ќе се распадне. Оти, се си има свој крај, како што убаво разбрал Хегел, а Маркс благовремено оверил!
Од тие причини, опозицијата најпосле треба да се сети на причината за изборниот дебакл во 2008-та година. На што доби ѓоа Преродбата цели 63 мандати? Дали портокаловите ветуваа виткање кичма и брз влез во НАТО и датум за преговори со ЕУ? Не, напротив. Груевски триумфираше на надежта за враќање на уставното име во севкупна меѓународна употреба. Тоа значеше прочуената двојна формула, од Бранковци конечно отфрлена, а од Груевци тазе прифатена. Токму така, Пастирот вети Република Македонија во Обединетите Нации и билатералните односи со сите држави, а взаемно договорено име само за комуникацијата со Грција. Оттаму, сосема логично, за ,идентитетските прашања, нема да станува ниту збор. Ако не ексклузивно, тогаш најмалку рамноправно со Атињаните ќе имавме право на придавката – македонски, за сите употреби и во сите можни прилики, заклучно и со оцетот, а не, пак, виното ни рујно ем македонско!
Значи, вистинското прашање за Груевски, кое, впрочем, и прилега на неговите големи амбиции, гласи: Кога најпосле ќе го врати уставното име на државава во меѓународна употреба? Рака на срце, тоа никогаш и не било таму, меѓутоа, благонадежниов си постави токму таква цел. Па, не е фер, само тоа ветување да му остане неисполнето. Економски се развиваме наспроти светското кризиште. Културно се воздигнавме до невидени височини. Демократијата се негува како род најроден да ни е. Рака под рака со судството, за пример може да служи. Пу-пу, машала, и спомениците низ Скопје никнуваат побрзо од досиејата по тетовските дворови. Едноставно, преродени сме на сите полиња, па, ако можеше сето тоа да го испостигне, нема смисла да ни се расипува просекот поради ветеното за името!
Знам, откако Груевци дојдоа на власт, македонското почна да исчезнува од документите на Европската Унија. Лека-полека, останавме и без македонска нација и без македонски јазик. Меѓутоа, да не бидеме неблагодарни. Можеби тоа прашање било оставено за крајот од мандатот, откако ќе се реализираат останатите 99 чекори од Преродбата. Или, кој знае, можеби тоа е дел од тактиката, за која Пастирот беседел и на приватната му средба со британскиот колега. Или, поточно, кога Камерон беседел, а нашиот Грујо внимателно слушал, набљудувал, па, чиниш психо-аналитичар од светски маштаб, веднаш обзнани дека добил чувство оти Британецов има големи симпатии за нашата кауза. Божем можело да биде поинаку, крај толку симпатичниот му слушател спроти него!?
Со оглед дека и Империјата ја имаме на наша страна, време е Груевски да го обелодени планот за задавање конечен удар на бесрамните грчки барања. Како што беше прецизен за се до сега, вклучително временската рамка за изградба на карпата за планинарење, редно е да го слушнеме рокот, после кој секаде ќе бидеме Република Македонија, до Евросонгот за деца и младинци. Да, вонредна седница на Парламентот, меѓутоа, не за отстапки кон Грција, туку за остварување на последното ветување на Преродбата. Со неизбежен ребаланс на буџетот и обезбедени неограничени средства за нашите дипломати и лобисти низ белиот свет!
Дури тогаш, откако и слепците ќе видат дека Груевски давал неостварливи, лажни ветувања, може да се нудат други, алтернативни решенија. Како може опозицијата да бара остварување на двојната формула, која ни самата не успеала да ја оствари?! Може, многу лесно може да го бара токму тоа. Оти таа, за разлика од Груевци, на време ја сфати нејзината неостварливост. На крајот на краиштата, Преродбениците ја ветуваа. Токму затоа, редно е и тие да признаат дека конечно им текнало… макар и отпосле!