Кога бизнисменот Николов го пријавил Заев во МВР се сретнал со Чавков

by Fokus

Бизнисменот Иван Николов Сечавалиев сведочејќи во Поткуп против премиерот Зоран Заев, истакна дека кога отидел да го пријави лидерот на СДСМ за поткуп во МВР, случајно го сретнал Митко Чавков.

Додека одев во ходникот во МВР, Чавков беше таму. Ме праша што бараш тука? Тогаш Чавков им рече на луѓето што беа со мене дека сум најголем работник во Струмица. Повеќе не го видов, рече сведокот.

Потоа, тој се поправи и рече дека не го сретнал Чавков во ходник, туку додека тој поминувал низ ходникот една врата била отворена од канцеларија и тогаш Чавков го здогледал и го прашал што бара тука.

Тој истакна и дека не му одговорил зошто е во МВР, бил под стрес, а двајцата што биле со него на кратко поразговарале и продолжиле.

На прашање на адвокатот Филип Медарски од кога го познава Чавков, тој одговори дека го знае подолго време, но не се гледале во Струмица, освен ако случајно се сретнале.

Сведокот се потсети дека во 1993 година кога кај него имало грабеж, тогаш Чавков, како инспектор бил кај него.

На прашање дали се сретнале со Чавков откако се виделе во МВР, тој рече дека се видел со неговиот син.

На средбата разговарале за бизнис, бидејќи син му се занимавал со градежништво.

-Вториот пат дојде и татко му Чавков. Во 2017 година, рече сведокот.

Освен овие две средби, рече дека повеќе не се виделе со екс министерот за внатрешни работи.

В.В.

Поврзани новости