За време на еден од своите концерти со ,,Парни ваљак”, фронтменот Аки Рахимовски забележал девојче во првиот ред во публика, кое со невиден жар ги пее неговите песни. Иако мала, таа ги знаела стиховите на сите песни кои се пееле на концертот.
Камерите ги забележале сцените со малата обожавателка, на која тогаш и пријде и Аки, ја прегрна и заедно ги пееа хитовите.
Набргу потоа, на страницата на ,,Парни ваљак” се објави вест дека бендот ја бара малата обожавателка и доколку некој го познава девојчето, веднаш да ги контактира.
Тоа се случуваше пред околу пет години, а по објавата на групата, девојчето беше пронајдено. Стануваше збор за осум-годишната Матеа Крајчиќ.
Рахимовски се сретна со неа и нејзините родители, кои му појаснија дека нејзиниот татко Жељко се занимава со музика, и често го слушал ,,Парни ваљак”. Така и кај Матеа се родила љубовта кон музиката на бендот.
Од тој момент, таа и нејзините родители станале почесни гости на секој концерт на Аки. По првата средба, веќе биле сместени во првиот ред на концертот во Пула, а потоа со тек на годините продолжила нивната дружба.
-Поради ова вреди да се живее и да се работи – раскажуваше Аки во емисија во која покрај него беше Матеа пред неколку години, сеќавајќи се како го запознал девојчето кое со цело срце го обожавало бендот.
Сега Матеа има 13 години и со семејството живее во Германија. Кога ја слушнале веста за смртта на Рахимовски, веднаш се упатиле во Загреб. Таа остави две црвени ружи и заедничка фотографија со Аки пред Хрватскиот народен театар во Загреб, каде јавноста му оддаваше последна почит на музичарот.
-Не можам да верувам дека повеќе го нема. Многу ми значеше. Не ми се верува дека повеќе нема да слушнеме ниту глас од него – низ солзи раскажа таа пред камерите на РТЛ.Хр.
Популарниот рокер почина на 67-годишна возраст на 22-ри јануари. Беше погребан во Загреб, во Алејата на великаните.
Вики Клинчарова