-Да се разбереме, имаше и тогаш хомофобија. Целиот тој корпус на права допрва се отвораше. Но, денес, различно е воспоставен стремежот на општеството. Она што е различно е што, во меѓувреме, хомофобијата стана официјално/државно спонзориран политички став. Хомофобичниот говор и насилство станаа соодветно однесување и говор, што претходно не беше случај. Што би рекла владеачката партија – има разлика!, пишува директорот на ЛГБТ центарот, Кочо Андоновски во својата колумна за НОВА ТВ.
Во колумната тој го објаснува периодот од 2005 година, кога првпат јавно истапи и во емисијава „Чуму“ кажа дека е геј, до денеска. Вели дека и тогаш имало хомофобија, но бил изненаден од поддршката која ја добил. Андоновски пишува дека сега ситуацијата е влошена и поради тоа што меинстрим медиумите „бесрамно шират хомофобија и поттикнуваат насилство.“
-Последиците од таква активна хомофобична кампања, поддржана и промовирана од највисоки претставници на државни институции и партиите на власт се застрашувачки. После седум години од моето јавно појавување како бранител на правата на ЛГБТИ луѓето, за првпат бев нападнат пред почнувањето на Маршот за толеранција во 2012 година, на главниот плоштад во Скопје, пред полицијата која требаше да ја врши својата работа и да ме штити, пишува Андоновски.
Целата колумна прочитајте ја на овој линк.