Нема алтернатива за уставните измени и нема да има влада без уставни измени, порача денеска кандидатот за претседател од ДУИ, Бујар Османи. Тој порача дека уставните измени ќе почнат да се имплементираат веднаш по изборите.
-Ако ја добијам поддршката на граѓаните за претседател првата работа што ќе ја направам е да ги повикам и условно кажано да ги затворам лидерите на политичките партии и главните фактори во претседателскиот кабинет и тој состанок ќе трае ако треба со денови и недели и месеци. Но, нема да излеземе од тој состанок додека не си подадеме рака еден на друг додека не постигнеме натпартиски и надетнички и државен консензус дека ќе продолжиме да се расправаме и натпреваруваме под однос на сите прашања. Но, не и по однос на ЕУ, бидејќи нема преговори со ЕУ. Директивите и регулативите на ЕУ се фиксни или ги прифаќаме или ги одбиваме, или сакаме во ЕУ или не сакаме во ЕУ. И затоа мојата прва задача, мој прв завет во оваа кампања е ЕУ до 2030 година, рече Османи на новинарско прашање во однос на заложбите на опозицијата дека нема да прифати уставни измени под бугарски диктат и за неговиот став за влада на национален спас и кои партии би ја формирале.
Тој вели дека ако се пропушти актуелниот моментум, ќе следи блокада за наредните две децении на нашите евроинтеграции.
-Ако ја пропуштиме оваа шанса, ако го пропуштиме овој историски прозорец на можноста, ќе ни се случи Преспа 2, ќе ни се случи 20 години блокирање во коишто дополнително ќе ја изгубиме и сржта на нашата младина, на нашите граѓани, на нашиот човечки капитал. Граѓаните немаат веќе резерви на толеранција на политичари авантуристи коишто калкулирајќи ја својата политичка иднина не ги гледаат автобусите и авионите на нашите граѓани коишто ја напуштаат државата со туѓ пасош“ рече Османи.
Тој ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за лажен патриотизам, бидејќи како што рече, најавуваат дека нема да го спомнат уставното име после изборите, а ги потпишале сите листи за кандидатури за претстојните избори со уставното име.
-Кочењето на европската интеграција е најголемото предавство што може кој било политичар или политичка партија да го направи кон сопствениот народ. Секој ден доцнење на интегрирањето во ЕУ е еден ден повеќе можност група Македонци да земаат бугарски пасош за да ја напуштаат државата. И тоа можам да го потврдам со факти. Со секој ден оневозможување за граѓаните нашиот пасош да биде европски, една група Македонци одат во Софија лажно се опишуваат дека имаат бугарско потекло, земаат бугарски пасоши и ја напуштаат државата. Е ова е тој патриотизам што го заговараат политичките партии коишто ни продаваат фолклор дека нема да го спомнат уставното име после изборите, а ќе ги потпишат сите листи за кандидатури со уставното име. Истото е и со Албанците, и со Турците, и со Ромите, и со Бошњаците, се секој ден одложување дел граѓани ја напуштаат државата. Можеме да ја наречеме државата како сакаме, но држава без луѓе нема смисла, а тоа ни се случува овде со оваа политичка авантура на политичари коишто власта ја сметаат како нивна животна цел, а не како инструмент за подобрување на условите за живот на граѓаните, вели Османи.