Битиќи: Со либерализацијата на железницата отворивме ново поглавје со можности за подобрени железнички услуги

by Fokus

Годинава е една од најважните во историјата на железниците во Северна Македонија, се случи либерализација на железничкиот сообраќај. Отворивме ново поглавје во железницата, создадовме нови можности за подобар квалитет на услугите кои се испорачуваат, за поголеми приходи, а со тоа и за поголеми плати на вработените, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи на настан по повод одбележување на 151 годишнината од формирањето на македонски железници.

„Нема потреба од загриженост за вашите работни места. Да немате страв туку да гледаме во можностите и да развиваме железница која ќе биде на услуга на сите наши граѓани.

Затоа што либерализацијата ќе значи и повеќе пари за модернизација на пругите, за проширување на железничката мрежа, односно зголемување на ефикасноста и ефективноста на железничкиот сообраќај во земјава. На либерализацијата не треба да гледаме со страв, да ја прифатиме како можност да ја искористиме нашата стратешка локација. Ќе ја споменам близината и поврзаноста со пристаништето во Пиреја, еден од најголемите транспортни хабови во Југоисточна Европа, влезна транспортна точка за цела Европа. Имаме потенцијал којшто треба уште да го искористиме, имаме придобивки кои ни се на дофат не само за железницата, туку и за целокупната економија“ рече Битиќи.

Со развојот кој го нуди либерализација на железничкиот сообраќај, според Битиќи ќе се постави нови основи за поддршка и стимулирање на економската активност, правејќи ја нашата земја уште попривлечен избор за бизнисите во Европската Унија, кои барат сигурни, блиски и ефикасни решенија за приближување на своите добавувачки ланци.

„Концептот на near-shoring станува клучен за развојот на нашата економија, а железницата е таа која има стратешка и клучна улога Северна Македонија да ја позиционира во срцето на европските синџири“ порача Битиќи.

Поврзани новости