Кочан не ризикува ниту еден ден во Шутка

by fokus

Скоро една недела, органите на прогонот не можат да го лоцираат осомничениот бизнисмен Сеад Кочан, кој по издавањето на наредбата за притвор, ја напушти Македонија.

Додека по Кочан се трага со меѓународна потерница, неговиот адвокат тврди дека бизнисменот е на службен пат, а во меѓувреме поднесува жалби за поништување на одлуката за притвор.

Апелацијата денеска пресуди во корист на СЈО и оцени дека решението за притвор е законско и оправдано. Веднаш после тоа реагираше адвокатот Додевски, кој најави дека битката ќе продолжи на повисоки судски инстанци.

– Подготвени сме за правна битка пред домашните и меѓународни судови да докажеме дека решението за притвор е незаконито и во останатиот дел. По добивање на решението ќе објавиме подетални чекори на одбраната. Угледот на сопственикот на „ТВ Нова“ ќе биде заштитен – изјавил Додевски.

Одбраната тврди дека притворот за Кочан е хајка против неговиот медиум. Според обвинението на СЈО пак, бизнисменот е осомничен дека со фалсификувани документи наместил тендер од ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.

Контроверзниот бизнисмен останува на „службен пат” се додека не се исцрпат сите механизми за да се спаси од притвор.

И.К.

Поврзани новости