Ко о чему војска о скраќењу, к**** о поштењу

by Fokus 20:44
20:44

Во денешно време многу работи се изместени , многу поими се погрешно толкувани и применувани, демократијата се сфаќа како еден општ хаос без правила и ограничувања, а слободата се толкува како право да се прави што се сака без мерка и морал, без добро воспитување и култура.

Звонко ДАВИДОВИЌ

- Advertisements -

“Ко о чему војска о скраќењу, к**** о поштењу“- е стара поговорка која колку и да звучи вулгарно, сите постари сигурно ја слушнале барем неколкупати во животот. Старите биле мудри ,немале телевизија, немале фејсбук, инстаграм, блогови, мобилни и уште многу нешта, ама имале домашно воспитување, морал, памет и моќ на трезвено и објективно расудување.
Сите поговорки и мудри мисли се од тој, или уште постар период и претставуваат неспорна животна мисла и филозофија искажана во неколку збора. Но да ги оставиме мудрите мисли и минатото , за тоа во некоја друга колумна, и да се вратиме на поговорката од почетокот на текстот.
Во последно време постојано се зборува за чесноста, паметта, независноста, самостојноста и уште многу големи нешта кои некогаш означуваа цивилизациски и морални вредности. Денес сите тие големи нешта се празни зборови и пароли кои излегуваат од устата на оние кои немаат ништо во себе освен омраза, нечесност, црнила и пред се се кукавици кои се кријат зад професијата или функцијата.

ПОЛИТИКАТА КАКО ХОБИ

Политичарите кои ја сфаќаат политиката како политиканство и хоби во кое може секој да учествува, како работа која води до функција потребна за богатење и моќ, а за која не е потребно ниту знаење ниту човечки и морални квалитети , ја направија политиката најнечесно занимање на светот и извор на проблемите во општеството и корупцијата.

Раздели, па владеј- е максимата која ја користат, неводејќи сметка за интересите ниту на општеството, ниту на државата, а единствен приоритет и единствено нешто што им е свето е власта и личниот интерес и понекогаш партискиот интерес.
Сведоци сме на партизирање на државата, ставање на системот вон функција, заробување на институциите и нивно претворање во партиски дувла, бришење на границите помеѓу трите власти со супремација на извршната власт врз законодавната и судската. Се претвораат во сервис на извршната власт, или партијата на власт, воспоставување на систем на корупција и злоупотреба, според принципот на партиска хиерархија, каде делот од колачот кој можеш да го присвоиш е пропорционален со висината на позицијата на која се наоѓа партискиот апаратџик.

ПАРТИСКИОТ ЛИДЕР КАКО ПАСТИР

Партискиот лидер се претвара во пастир и татко на нацијата , но во суштина е маќеа за неистомислениците, опонентите и критичарите. Бадијала им е устата полна со демократија, еднаквост, правда и правичност, кога според постапките тоа се обични пароли, а не нивни вистински заложби и определувања.
Да не е така пратениците во Собранието не би биле само гласачка машина без свој став и мислење , а судот , обвинителството и другите институции само сервис на извршната власт за пресметка со политичките противници или неистомислениците.
И ова не се однесува само на една партија, ова се однесува на секоја партија која била на власт , а како стојат работите и секоја што ќе дојде на власт , барем во догледен период, затоа што ништо ниту се менува во начинот на практицирање на власта, ниту се работи на вистинска реформа на власта , институциите, па и менталниот склоп на носителите на функциите.
Судството никако да застане на свои нозе и покрај сите прерогативи кои му се одамна дадени да биде вистинска трета и самостојна власт, за што многупати пишував и нема да се повторувам. Постојаното мешање на политиката во судството и тоа најмногу преку изборот на судиите, нивното разрешување и напредување ги прави судиите незаштитени и во краен случај клиентелистички ориентирани.

НЕ СЕ СИТЕ СУДИИ ИСТИ

Не се сите судии исти, но ниту сите судии добиваат шанса да работат “големи“ предмети преку кои се прекршуваат политичките игри и потреби. Токму таквите предмети и начинот на кој се постапува со истите, испорачување на очекувани резултати, невоедначена судска пракса и забележително брзо напредување на судиите, кои ги испорачале очекуваните резултати создаваат недоверба во судството отсликувајќи го како зависно и исполитизирано.
Судската пракса е одамна невоедначена, но последниот период нема ден, а да не се донесат одлуки со спротивна и противречна и правна и човечка логика. Кривичниот суд воопшто нема воедначено постапување кога се во прашање исти или слични предмети, па кога ќе се споредат одлуките со право се поставува прашање, кој закон го читал и применил судот.
Истиот суд еднаш определува мерка притвор врз основа на “непотврдени лични сознанија“ на обвинителството дека осомничениот ќе се даде во бегство, а за кои покасно истото тоа обвинителство ретерираше и посредно потврди дека се паушални и измислени без приложен доказ.
Во друг случај истиот суд не определува мерка притвор и покрај тоа што обвинителството тврди дека осомничениот влијаел на сведоци од куќниот притвор. Со вака донесените одлуки не само што се изигрува законот во делот на одредбите за најтешката мерка за ограничување на слобода, туку го покажува и сервилниот и клиентелистички однос и кон обвинителството но и кон власта.

СОМНИТЕЛНИ СУДСКИ ОДЛУКИ

Покрај многуте вакви сомнителни и контрадикторни одлуки кои не ја градат судската пракса, туку напротив ја уриваат и создаваат и правна несигурност и овозможуваат арбитрерност, а за што постојано се укажува во сите извештаи на Европската унија, ќе издвојам уште една актуелна одлука на истиот суд.
По завршување на контроверзното судење, ако тоа воопшто може да се нарече судење, со одржување на рочиштата за главна расправа до полноќ и малтретирање на сите во судницата, со крајно пристрасен став и однесување кон обвинителството, а маргинализирање на одбраната и обиди за нивно дисциплинирање со крајно игнорантски однос, беше изречена пресуда со драконски казни за настаните во Собранието за крвавиот четврток.
И покрај брзањето на судот му требаа месеци да ја склепа пресудата и да ја достави , а веќе година и нешто му треба и на Апелациониот суд да ја достави второстепената пресудата, а во меѓувреме заврши и судењето за организаторите на настаните во Собранието и беа изречени казни кои се трикратно помали од оние кои влегоа во Собранието.
Ако се погледне пресудата секој со здрава логика би се запрашал кој кому наредувал и кој го организирал упадот во Собранието, оние кои заведени од политичките структури добиле наредба да упаднат во Собранието и да ја бранат татковината како што тоа им било со месеци прикажувано или оние кои сето тоа го осмислиле и организирале за да останат на власт.
Оние кои ги отворија вратите и кои учествуваа во организирањето и потикнувањето на масата и толпата луѓе беа амнестирани и ни ден не одлежаа, а оние кои го организираа и осмислија настанот добија по 6 години.
Да потсетам во првиот предмет беа изречени казни од 18 и 15 години за ист настан ,исто кривично дело во кое организаторите се помалку виновни од толпата. Очигледно е дека „врана на врана- очи не вади“, односно политичар во земјава е привилегиран и заштитен.
На ваквата состојба во општеството, на големи празни зборови, шпекулации, навредувања, омаловажувања, интриги, клиентелизам и уште многу нешта, во добар дел им кумуваа и дел од новинарите, кои и не можат да бидат наречени новинари, затоа што пишуваат по нарачка, непрофесионално и со огромно непознавање на областа за која пишуваат.

ПАДНА ЦЕНАТА НА НОВИНАРСТВОТО

Поради огромната понуда на пазарот на квалитетни новинари по пропаѓањето на А1 телевизија, цената падна, па еден дел од способните новинари замина во други области. Голем дел од печатените изданија пропаднаа, а поради мали трошоци и достапноста секому, новинарската фела полека се преориентира на порталите и тоа најчесто човек портал.
Немање на основни правила и норми, а пред се одговорност за оваа област, овозможија порталите да никнуваат како печурки, да не им се знае седиштето, сметката, уредникот, а дел од истите да пишуваат на еден уличарски и простачки јазик, сензационалистички, измислувајќи настани или случки од приватниот живот на луѓето кои се на мета на тој тип на квази новинари. Сево ова го уништи и квалитетот и довербата и во оваа фела која не најде сили да ја нормира оваа област, заштитувајќи си ја пред се својата професија.
Во денешно време многу работи се изместени , многу поими се погрешно толкувани и применувани, демократијата се сфаќа како еден општ хаос без правила и ограничувања, а слободата се толкува како право да се прави што се сака без мерка и морал, без добро воспитување и култура. Но слобода на човекот не е во тоа тој да прави се што ќе посака ,туку е во тоа да не го прави она што не сака да го прави. – Жан Жак Русо.

 

Поврзани новости