Книги што ќе ве изберат вас на штандот на „Полица“

by fokus

Кога ќе влезете на штандот на издавачката куќа „Полица“ на Саемот на книга ќе си помислите дека влегувате во автентична библиотека. Штандот е уникатен по тоа што е направен како и ентериерот на книжарницата која се наоѓа спроти гимназијата „Јосип Броз Тито“. Во ова мало островче среде архипелагот од книги, ќе ги најдете едни од најдобрите изданија.

Не можеме да издвоиме што да ви препорачаме. Тука е преводот на „Ние децата од Станицата ЗОО“, книга која дефинираше цели генерации во минатото, тука е и оригиналниот превод на Огнен Чемерски на антологиската „Моби Дик“ од Мелвил, мора да се спомне и автобиографскиот роман на младиот но веќе докажан писател Едуард Луј, „Историја на насилството“.

Има многу книги кои ќе ги изберете да бидат дел од вашата биоблиотека, но има и такви кои ќе ве изберат вас, кои ќе ве освојат само со насловот, кратката содржина и биографијата на авторите, затоа што го содржат тоа што сте го помислиле, почуствувале или констатирате. Такви книги ќе најдете на штандот на Полица. Препорачуваме некои од тие наслови.

  1. Љубена – Тони Морисон

Ако постоите малку подолго, ќе видите како секој трет ја бара оваа книга и ќе тргнете накај неа. Роман од првата Афроамериканка-нобеловка Тони Морисон. Потресна приказна за неколку животни судбини на Црнците во периодот на американското ропство. Според книгата е снимен и филм, со Опра Винфри во главната улога.

Саемска цена: 280 ден.

  1. Моби Дик – Херман Мелвил

Колку што е голема оваа книга, толку е голем и македонскиот превод на Огнен Чемерски. Чемерски го преведувал романот цели 14 години и кратко време откако излезе од печат, тој прерано почина. Иако книгата изгледа дека има над 700 страници, знаејќи го сето ова, како да ти вика: „мораш да ме имаш, мораш да ме прочиташ“.

Саемска цена: 480 ден

  1. Богородичната црква во Париз – Виктор Иго

Јасно е зошто книгава ве бира… По пожарот во Париз пред некое време, кој не би сакал да се наврати на ова капитално дело од Виктор Иго и уште еднаш да ја види пред себе целата Богородична црква.

Саемска цена: 400 ден

  1. Автобиографијата на Мартин Лутер Кинг Помладиот

Книгата е нова, штотуку излезена од печатница. „Јас имам сон“ е можеби реченицата што сите ја знаат, но гледајќи ја автобиографијата на големиот д-р Кинг, ви вели дека има уште многу што треба да дознаете за него. А има ли подобар начин од тоа да се земе в рака автобиографија?

Саемска цена: 260 ден

  1. Допир од далечина – Иан Кертис и Joy Division

Музичка книга. Книга за фронтменот на Џој Дивижн, напишана од неговата сопруга, Дебора Кертис. Иан Кертис е трагичен лик, прерано заминат генијален уметник чија музика до ден-денес влегува под кожа. Ако сте го гледале филмот за него, Control, сигурно сакате да ја исчитате и книгата.

Саемска цена: 360 ден

  1. Ботаника
  2. Театар
  3. Астрономија
  4. Како да снимиш филм
  5. Археологија
    Саемска цена: 200 ден

Пет книги во рамки на една детска едиција што се вика „Дознај и пробај“. Додека ги разлистувате прво размислувате која за кое дете што го знаете би одговарала, а потоа сфаќате дека би можеле да си ги земете и за вас лично и да си поуживате навлегувајќи во туѓите професии.

Поврзани новости