Косовскиот премиер Рамуш Харадинај го разреши од должност заменик министерот за регионален развој Муса Цена, кој беше уапсен во саботата под обвинение за примање мито и злоупотреба на службената должност, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај објави дека „ослободувањето од должноста“ на Цена, кому вчера му беше одреден 30-дневен притвор, е направено со цел „да им се даде простор на надлежните органи да гонат и судат непристрасно“.
– Денеска го ослободив од должност заменик министерот во Министерството за регионален развој, Муса Цена. Одлуката е донесена врз основа на сомнеж дека делото е сторено во текот на неговиот активен мандат. Ги повикувам органите на редот и правдата да ја вршат работата одговорно во секоја ситуација. Ослободувањето е направено за да им се даде простор на органите на редот и правдата да гонат и судат непристрасно, напиша Харадинај на Фејсбук.
Покрај Цена, кој е именуван за заменик-министер од партијата на Харадинај, Алијансата за иднината на Косово (ААК), за истото кривично дело – примање поткуп и злоупотреба на службената должност – се уапсени уште едно службено лице на општина Ораховец и еден сопственик на приватна компанија.