Работничките права се дел од поширокиот корпус на човекови права, а заштитата на работниците има и Уставен третман со член 32 од Уставот на Република Македонија. Законски измени во правец на зголемување на времетраењето на работната недела за педесет проценти од четириесет на шеесет часа е три чекори наназад, особено во време кога цел нормален свет има тенденција да ја намали работната недела на триесет и шест, а некои земји и на триесет работни часа.
Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ
На само неколку дена откако се узна дека неизбраниот лик кој привремено се претставува како вршител на должноста премиер на Македонија, Димитар Ковачевски и дал државно земјиште по багателна цена на сопствената сопруга, узнаваме од медиумите дека потпишал криминален договор со ништовна одредба со фамозната Бехтел и Енка.
Согласно таа одредба, ако во рок од четириесет и пет дена од потпишувањето на договорот не се усвојат измените на Законите со кои работното време ќе се искачи на шеесет часа неделно наместо досегашните четириесет, не се олесни експропријацијата и се дозволи слободно газење на животната средина, рокот за изградба ќе се пролонгира за најмалку шест месеци, а Македонија ќе треба да исплати педесет и три милиони евра на Бехтел и Енка.
Ваков криминален и коруптивен договор во Македонија немало уште од потпишување на договорот за т.н. кинески автопати за делницата Кичево- Охрид со кој македонската држава се обврза да ја плаќа секоја грешка на изведувачот и надзорот, што е противзаконито. Овој пат се оди и чекор понатаму, па се бара од нас да ги погазиме цивилизациските придобивки на четириесет часовна работна недела за која човештвото се изборило уште пред сто години.
„АКО ТИ ОДИ ДОБРО, АКО НЕ ОДИ СИ“
Небаре е време турско, македонската Влада ги подведува работниците на странскиот конгломерат како евтини курви кои треба крв да плукаат за газдите. Тоа што ќе е потребна согласност на работникот не значи ама баш ништо во корелација со добро познатата “ако ти се работи добро, ако не оди си”. Не е дека е државава позната по заштита на работничките права. Забрзаната експропријација ќе значи дека, ако Вашиот имот се најде на патот на автопатот истиот експресно ќе биде одземен, во дубиозна постапка, па тужете се после со години ако сте незадоволни од исплатениот износ.
За животната средина, градење преку шуми и заштитени подрачја во Владата баш ги заболе, па и тука ќе се менуваат стимулациите со цел да се задоволат апетитите на Бехтел и Енка. И сето ова е се уште непотврдено од Владата која молчи на прашањата на медиумите, од каде и ги влечеме информациите, имено дел од нив ги објавија спорните и криминални одредби.
Работничките права се дел од поширокиот корпус на човекови права, а заштитата на работниците има и Уставен третман со член 32 од Уставот на Република Македонија. Законски измени во правец на зголемување на времетраењето на работната недела за педесет проценти од четириесет на шеесет часа е три чекори наназад, особено во време кога цел нормален свет има тенденција да ја намали работната недела на триесет и шест, а некои земји и на триесет работни часа.
Целиот проект со кракот од Коридор осум кај нас од сам старт труе на корупција. Цел проект е договаран во четири очи со заобиколување на Законот за јавни набавки, исклучително висока цена и надзор кој ќе се врши од фирма за продажба на женски гаќи. Таче е свесен дека ќе биде премиер уште максимум година дена, па веќе не се ни крие дека дрпа со три раце, да се нафатира колку може и додека може.
На сметка на богатството кое го трупаат властодршците, македонските и странските работници ќе мора да робијаат по дванаесет часа неделно. На моите социјални мрежи ми реагираат адвокат и адвокатка, дел од владеачката коалиција, мои драги пријатели. Другарот е со теза дека мерките се оправдани за да не се градело десет години, а другаркава дека и до сега работниците работеле по дванаесет часа ама било на црно, небаре тоа ја амнестира пасивноста на нашите инспекторати.
На пријателиве другарски им порачав да не ми ја навредуваат интелегенцијата и да не бранат нешто што не се брани. А, на лоповчињава властодршци, кои не враќаат во време турско кога нема комита од мајка роден да ги пореди, би им порачал исто што им порачал и великанот Коста Солев Рацин. Исцедете, ограбете пот и труд и меса голи, уста пуста затворете да не каже оти боли!