Клековски: Укината епидемијата во Гостивар, нема нови случаи поврзани со загадената вода

by irena 18:35
18:35

Укината епидемијата во Гостивар: Нема нови случаи поврзани со загадената вода

 

По нешто повеќе од еден месец, здравствените власти ја укинаа епидемијата во Гостивар, која беше прогласена поради загадената вода од градскиот водовод.

 

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска информираше дека Центарот за јавно здравје Тетово одлучил да ја прекине состојбата на епидемија, бидејќи според епидемиолошките податоци веќе нема нови случаи на гастроентероколитис, ентероколитис или стомачни проблеми поврзани со водата за пиење.

 

„Денеска Центарот за јавно здравје Тетово одлучи да ја прекине состојбата на епидемија во Гостивар. Според нивните епидемиолошки податоци нема веќе случаи на гастроентероколитис, ентероколитис или стомачни проблеми поврзани со водата за пиење“, изјави Клековски.

 

Министерот посочи дека немало хоспитализирани пациенти поради загадената вода, бидејќи 24-часовните задржувања во здравствените установи не се сметаат за хоспитализација. Досега не е регистриран ниту случај на хепатит поврзан со загадената вода, но здравствените власти продолжуваат да ја следат состојбата.

 

Епидемијата во Гостивар беше прогласена на 19 јули, откако повеќе од 1.000 граѓани пријавија стомачни проблеми. Во тој период водата од градскиот водовод беше забранета за пиење, а анализите покажаа присуство на фекални бактерии.

 

По спроведените постапки за прочистување и санација на системот, минатата недела беше укината забраната за користење на водата за пиење.

 

За да покажат дека водата повторно е безбедна, претставници на институциите кои учествуваа во процесот на чистење на водоводниот систем пред камерите се напија вода од градска чешма.

 

Иако епидемијата е укината, надлежните продолжуваат со следење на здравствената состојба и квалитетот на водата во Гостивар.

Слични вести