Добрососедството ќе биде на пиедестал и ќе се посветиме на работи кои беа заборавени последните години, порачаа премиерите на Северна Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, на заедничка прес-конференција во Софија.
Меморандумите што денеска беа потпишани, според нив, имаат еден краен резултат -економски развој на целиот регион. Двајцата премиери оценија дека е добро што веќе има план за неделни средби на секториските групи и дека брзо може да се постигне сето она што е испуштено во изминатиот период.
– Имаме веќе три реални потпишани меморандуми за многу клучни прашања – прашања од областа на земјоделството, малите и средните претпријатија и развој на железничката врска Софија – Скопје. Тоа е пример за новиот пристап којшто ние го даваме со нова енергија и реални резултати – рече бугарскиот премиер Петков, додавајќи дека има огромна синергија и предности за добрососедство.
Тој најави дека на првите средби на работните групи ќе присуствуваат и претставници од стопанските комори и од образовните и културните институции.
-Добро е што веќе има и план за неделно среќавање на секторските експерти. Меѓутоа, уште поважно е што веќе на првите средби ќе бидат вклучени и претставници од институциите, односно од стопанските комори, образовните институции, културните установи и низ конкретна соработка да можат да ги видат бенефитите од соработката помеѓу двете соседни држави – рече македонскиот премиер Ковачевски.
Двајцата премиери изразија задоволство и од историската комисија која, како што посочија, ќе ги интензивира активностите во следниот период. На почетокот на прес-конференцијата на двајцата премиери, беа потпишани неколку билатерални договори за соработка во различни области меѓу двете држави.
Следната средба на работните групи ќе се одржи за една недела. Работните групи беа утврдени на 18 јануари при посетата на бугарската владина делегација предводена од Петков на Скопје.