Известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгл, истакна дека патот до вчерашната одлука на членовите на Собранието беше драматична и тесна, но, според него, со неа пратениците ги заштитија виталните интересите на граѓаните на Македонија.
„Посебно признание оди за претставниците од опозицијата кои преземаа одговорност и кои, покрај притисоците и заканите на нивната партија, ја поддржаа европската и евроатлантската иднина на својата држава“, напиша Вајгл.
Тој додаде дека во следните недели и месеци ќе биде важно полиитчките лидери во Македонија одлучно да тргнат по патот на помирувањето и интересите на партиите да и се подредат на заедничката цел – членство во евроатлантските сојузи.
И за европратеникот Едвард Кукан одлуката на Собранието со дветретинско мнозинство да ја почне процедурата за уставни измени согласно Преспанскиот договор претставува добра вест.
„Тоа е почеток на процес, но претставува многу значаен чекор напред. Би сакал да им честитам на оние кои го поддржаа Преспанскиот договор, кои покажаа лидерство и гласаа за европска иднина на нивната земја“, напиша Кукан на Твитер.
Инаку, заедно со европратеникот Ричард Ховит, Вајгал и Кукан посредуваа при постигнување на Пржинскиот договор, со кој земјава излезе од политичката криза по аферата со прислушувањето.