Кисела Вода: Нема да се затвораат улици на новиот кружен тек

by fokus

Од општина Кисела Вода не кажуваат на кој начин ќе се одвива протокот на автомобили на улицата Хирсто Татарчев 1, единствено велат дека е постигнат договор и е најдено решение истата да излегува на кружниот тек, каде денеска граѓаните протестираа против поставувањето на ивичници.

Иако улицата, која е споредна, а не главна е под нивна надлежност, велат дека решението е под ингеренција на градот.

„Општина Кисела Вода е во редовна комуникација со Град Скопје за сите проблеми кои ги засегаат жителите на Општина Кисела Вода, а чие решение се под ингеренција на Градот Скопје. Сакаме да ве информираме дека за улицата Христо Татарчев 1 за која прашувате, во делот кај кружниот тек на автобуската станица на последна 24-ка, е постигнат договор со Град Скопје и е изнајдено решение, што би значело дека нема да се затвораат улици, од што стравуваше околното население“, велат од општината за Фокус.

Од таму додаваат дека е продолжен процесот за експропријација на земјиштето, со цел изградбата на кружниот тек да може да продолжи.

„Општина Кисела Вода и Градот Скопје ќе продолжат да преземаат координирани активности со цел да го подобрат секојдневното живеење на жителите од овој дел на главниот град“, велат од општина Кисела Вода.

Претходно, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во телефонска изјава за Фокус истакна дека сите жители ќе имаат пристап до кружниот тек и дека ниту една улица нема да биде затворена.

А.Т.

Поврзани новости