Протест на новиот кружен тек во Кисела Вода, се поставуваат ивичници на влез на една од улиците

by fokus

Жители на улицата Христо Татарчев 1 во скопска Кисела Вода протестираат против поставување на ивичници на нивната улица, која треба да биде дел од новиот кружниот тек кој ги спојува општината и Аеродром, со што како што велат, ќе се затвори нивната улица и ќе останат без најблискиот влез.

Следниот влез на улицата се семафорите на булеварот Борис Трајковски, кај фабриката Усје, а кои се речиси километар подалеку од излезот кај новиот кружен тек.

Жителите побараа да дојдат и градоначалниците на Град Скопје, Петре Шилегов и на Кисела Вода, Филип Темелковски да им појаснат зошто, иако од нивните претходници Коце Трајановски и Билјана Беличанец Алексиќ им беше ветено дека нема да се стави ѕид на оваа улица, сега повторно се обидуваат да ја затворат улицата.

Еден од вработените во Град Скопје во надзорниот тим им рече на жителите дека тука ќе има ниски ивичници, исто како и на улицата 14, која е веднаш до нивната, по што граѓаните рекоа дека така се загрозува безбедноста.

-Ние кога ќе излегуваме од улицата никој нема да не приметува, знаете ли колку се загрозува нашата безбедност? Размислувате ли како ќе влезе пожарна ако не дај боже нешто се запали, прашуваа граѓаните.

Надзорникот објаснуваше дека оваа улица не била во план да излезе на кружниот тек од решението на екс градоначалникот Коце Трајановски, но дека сегашното раководство ќе ја легализирало, откако претходно ќе му дозволат да ги стави ниските ивичници.

Граѓаните пак, коментираа дека иако Шилегов и Темелковски претходно најавувале крај на сообраќајникот хаос, со ивичниците се прави небезбеден и хаотичен сообраќај на овој дел од градот.

Фокус пред неполн месец пишуваше за проблемот кој жителите на улицата Хрисо Татарчев го имаат поради недоправениот кружен тек, а кој поради нерешени имотно-правни работи се гради веќе 2 години. Прашината и штетните честички кои ги вдишуваа, сега се проблемот кој полека се решава, но се отвори поголемиот проблем, нивното секојдневно функционирање доколку наместо излез од улицата, добијат тротоар.

Иако испративме неколку прашања до Град Скопје, до објавување на текстот одговор не добивме.

Александар Тодески

Поврзани новости