Изминатиот период Александар Кирацовски се најде на мета на обвинувања околу неговата блискост со Бојан Јовановски, а на социјалните мрежи се објавија повеќе фотографии од нивни дружби.
Голем број на медиуми ја објавија фотографијата направена за време на седенка во локал, каде што Кирацовски свири на гитара, а покрај него седи Боки 13 со микрофон во рака. Околу тоа како гледа на обвинувањата, според кои поради приватните дружби му се наметнува сомневање како на вмешан во аферата Рекет, пратеникот и поранешен генерален секретар на СДСМ за ,,Фокус” вели дека дружбата или фотографирањето со некого не те прави соучесник во било какви активности на таа личност.
Тврди дека сите обвинувања и обиди за оцрнување на неговата личност се без основа, бидејќи сепак живееме во мала земја каде многу луѓе меѓусебно се познаваат и дружат, што не значи дека секој кој имал било каков контакт со Јовановски бил вклучен во неговите активности.
-Ниту слика со Христијан Мицкоски ве прави ко-сопственик на неговите хидроцентарали, ниту слика со Боки соучесник во неговите активности. Намалете паника! – порача Кирацовски.
Додава дека од своето познанство со Боки или пак со било кој друг никогаш не се срамел и нема што да крие.
-Македонија е мало место каде скоро сите, на некој начин се познаваат. Никогаш не сум го криел ниту сум се срамел од познанството со било кого – ни изјави пратеникот.
Откако периодов на социјалните мрежи, но и во многу медиуми се објавуваат заеднички фотографии на Боки 13 со познати јавни личности, односно политичари, и се поставува прашањето дали секој еден кој што некогаш бил во контакт со него е на некој начин вмешан во аферата Рекет, денес на шега се споделува и неговата фотографија со фудбалската легенда Дејвид Бекам, а под фотографијата стои прашањето – Дали и Бекам рекетирал?
Вики Клинчарова