Заев: Да размислуваме со ладни глави, подготвен сум за лидерска средба за Законот за ЈО

by fokus 15:10
15:10

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека е подготвен да свика лидерска средба за Законот за јавно обвинителство, ако има потреба за тоа, но нагласи дека сепак треба да се даде шанса за решение по законски пат.

– Очекуваме од работните групи да кажат дали има потреба за лидерска средба. Тие денеска имаат средба. Ако тие заклучат, двете страни од работните групи, јас сум подготвен за редба со господинот Мицкоски и други лидери ако треба. Целта е да се изнајде решение за Законот за јавно обвинителство, изјави Заев, по посетата на болницата „8-ми Септември“.

- Advertisements -

Прашан дали има план Б или 80 пратеници, премиерот Заев, рече дека не размислувал за тоа бидејќи треба да се даде шанса за решение по законски пат.

– Не сум размислувал за тој дел, затоа што навистина верувам во законско решение. Веројатно кога еден независен правосуден орган како што е Советот на јавни обвинители алудира до политичарите и пратениците да дадат свое толкување, ние ќе ги разгледаме сите причини за да донесеме одлука. Верувам дека низ законот ќе се најдат сите решенија. Да му дадеме шанса на законот. Да преговараме до крај и да не се избрзува со разрешувања, оставки и слично. Имаме седум дена. Треба да се најде решение. Голем дел од финесите се решени, порача Заев.

Прашан како писмото од Катица Јанева од истражниот затвор за префрлање на предметите од СЈО во ЈО ќе влијае на преговорите меѓу власта и опозицијата за Законот за ЈО, Заев рече дека може само позитивно да влијае.

– Секогаш наша цел било и останува до крај да најдеме договор. Договорот е гаранција за реализацијата на новото законско решение. Посебно во правосудниот систем. Знам дека денеска веќе има формирано работна група. Стојам на располагање на потребите на работната група да се придодадам и јас и господинот Мицкоски, секако доколку прифати. Сериозно е прашањето. Не сме толку далеку од решение. Може да се изнајде решение. Верувам дека може да се најде решение. 15 септември доаѓа и да не се најде решение, предметите одат кај државниот обвинител. Ако се најде решение по законот, пак одат кај државниот обвинител, значи секако е тоа решението. Веројатно на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева тоа е и поривот да ги предаде предметите, изјави Заев.

Уште еднаш повтори дека верува во договор и Парламентот со консензус да го изгласа Законот за јавното обвинителство.

Прашан како е воопшто можно некој што е во притвор да издава наредби и управува со институции, Заев рече дека имаме деловни луѓе кои потпишуваат плати од притвор.

– Им се носи налог. Со дозвола на судија. Сето тоа е регулирано во законот. За секој граѓанин тоа што е овозможено, е овозможено и за Катица Јанева, која што се наоѓа во притвор како и други притвореници, изјави Заев.

Поврзани новости