Кирацовски: Судската одлука со која се одбиваат тужбите на новинарите за “27 април” е срамна!

by fokus

Поранешниот пратеник Александар Кирацовски, од редовите на СДСМ, коментира дека одлуката на Граѓанскиот суд со која се одбиваат жалбите на новинарите кои ја тужат државата за 27 април е срамна.

-Срамна е судската одлука во која се одбиваат поднесените тужби од страна на новинарите за нарушените Уставно загарантирани права!

На очиглед на целата јавност овие судски одлуки, верувам дека се последниот црвен аларм кој смееме да си го дозволиме, а ја евидентира неопходноста за конечно искоренување на пристрасноста, сервилноста и попречувањето на правдата во судството, но и нашата тормавост како држава во спроведувањето на најавениот процес за судска катарза.

Лично, како директен сведок на немилиот настан на 27 април, 2017 (кој не се беше сокрил во ќошот на прес салата, што ми овозможи на своја кожа да ги доживеам тие моменти) сакам да изразам целосна поддршка за новинарите кои беа присутни заедно со нас.

Јавноста треба да знае дека нивното присуство, по цена на нивниот живот, ја одигра можеби клучната улога во јавното прикажување на вистинското лице на режимот, што најверојатно го промени целиот тек на настаните, што во нивно отсуство би било невозможно.

Овие личности, наместо одбиените тужби, требаше да бидат наградени со државно признание, за улогата која свесно и храбро ја одиграа.

Сакам да ја изразам мојата целосна поддршка, а верувам и од сите мои колеги пратеници присутни на немилиот настан, во нивните напори да ја добијат заслужената правда, тука или во меѓународните судски инстанци за човекови права.

Синтагмата „правдата е бавна, но сепак доаѓа“ е неприфатлива, затоа што е непродуктивна!

Правда веднаш, мора да стане нова општествена парадигма!, напиша Кирацовски на фејсбук.

Поврзани новости