Пратеникот на СДСМ и поранешен генерален секретар на владејачката партија, Александар Кирацовски, откако даде изказ во обвинителството во рамки на истрагата за предметот „Рекет“, изјави дека бил повикан како сведок кој располага со информации за одредени настани.
-Јас сум повикан за еден мал сегмент. Тоа со Камчев, Кичеец, Катица не се дискутираше со мене. Ниту ги знам ниту ги познавам – рече Кирацовски.
Тој посочи дека никогаш не бил дел од структурите на Меѓународниот сојуз и дека не бил посредник на првоосомничениот Бојан Јовановски во проектот за изградба на старски домови.
– Како политичари комуницираме со многу личности, но тоа не им дава право тие да прават криминал. Од нас многумина бараат да се фотографираат и се надевам многумина тоа не го злоупотребуваат. Сликањето не е злодело – посочи Кирацовски, додавајќи дека само еднаш се фотографил со Боки 13.
Тој рече дека се надева оти од денес ќе престанат лажните вести, манипулациите и инсинуациите, кои, според него, направиле штета на недолжни луѓе и ја однеле истрагата во погрешен правец.
-Ќе споменам јавно дека со Бранко Героски имав средба и ми призна дека кон мене лично направил фаул. Се надевам тој тоа ќе го потврди – изјави Кирацовски, одговарајќи на прашање дали се препознал со псевдонимите Кики или Фрики.